Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Генералното собрание едногласно ги усвои сите финансиски и наративни документи за работењето на ЗЕЛС во 2021 година

„ЗЕЛС денес го прославува Јубилејот- 50 години од своето постоење под наслов  „ЗЕЛС 50 години заедно со општините“. Мал е бројот на асоцијации што може да се пофалат со ваква импозантна бројка на сопствено континуирано градење и развивање. ЗЕЛС педесетгодишната работа неуморно ја посвети на создавање систем на локална самоуправа по мерка на граѓаните и прерасна во авторитативна, респектирана и моќна заедница.“ 

Ова го истакна претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска, на почетокот на своето обраќање на свеченоста што беше организирана  во хотелот „Александар Палас“ на 26 април, датумот кога во далечната 1972 година е основана тогашната Заедницата на општините и градовите на Македонија (ЗОГМ) и кој во Статутот на ЗЕЛС е утврден како „Ден на ЗЕЛС и Ден на општините“. 

На настанот присуствуваа актуелните градоначалници и претставниците од Комитетот на советите при ЗЕЛС, повеќе министри и заменици министри од Владата на РСМ, високи претставници од дипломатскиот кор, како и значајни личности кои со своите заложби придонеле за досегашниот развој на ЗЕЛС и на процесот на децентрализацијата на власта во нашата земја. На свечениот настан се обратија и Премиерот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски, амбасадорката на Соединетите американски држави, Кејт Мери Брнз и претставникот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Штефен Худолин,  раководител на Сектор за соработка. Амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Н.Е. Сирил Бомгартнер со своето присуство на настанот ја потврди долгогодишната поддршка што оваа земја и ја дава на нашата држва и на локалните власти во неа.

Претседателката на ЗЕЛС посочи дека Јубилејот всушност претставува и потсетување на целиот процес на градење на децентрализиран систем во државата. Во периодот пред осамостојувањето на земјата, општините имале дури и државнички функции, потоа по независноста на државата, настанува одреден ,,вакум“ и се смета за најлош период за локалната власт, се до периодот на повторно јакнење на децентрализација на власта во земјава, чија имплементација, официјално започна на 1 јули, 2005 година. Во овој период, со својата сила и потенцијал ЗЕЛС дава голем придонес и има значајна улога во процесот на донесување на нови законски решенија, односно во креирањето на структурата, функционирањето, надлежностите и финансирањето на локалната власт, особено при креирањето на новиот Законот за локална самоуправа (2002) и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа (2004). Арсовска потенцираше дека после пет децении ЗЕЛС обединува 80 општини и уште една посебна единица на локалната самоуправа, односно Град Скопје и продолжува да ја остварува својата примарна функција, а тоа е да ги реализира сите оние барања што ги имаат единиците на локалната самоуправа во делот на обезбедување што е можно поголема фискална независност и овозможување стабилност на општините, како и да ги застапува нивните интереси.

На крајот од своето обраќање Арсовска упати честитка до ЗЕЛС и ветување – „На ЗЕЛС ќе му поскам и натаму да биде цврст, единствен и истраен во остварувањето на своите цели. Можам да ветам дека ќе вложиме силни напори следниве години да  обезбедиме значајни промени, што дефинитивно треба да се случат во локалната власт. Би рекла дека ни претстои ново поглавје во процесот на испишување на историјата на ЗЕЛС и на децентрализацијата на власта во земјата. Преку ЗЕЛС ќе продолжиме со лобирањето за пакетот на промени за обезбедување на силни и финансиски стабилни општини; општини кои се подготвени да преземат нови надлежности и општини со добра организациска поставеност за обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните“.

На свеченоста, пред присутните се обрати и Амбасадорката на Соединетите американски држави, Кејт Мери Брнз која посочи дека САД ќе продолжи да биде стратешки партнер на нашата земја во градењето на стабилна демократија, а  општините се јадрата на демократијата. Амбасадорката Брнз истакна дека силата на ЗЕЛС е единството на нејзините членки, споделените знаења и способност да биде  конструктивен партнер на централната власт. Таа на крајот упати апел до ЗЕЛС и до градоначалниците- „Го повикуваме ЗЕЛС да продолжи да користи отворени и транспарентни форуми за политичко размислување. Додека гледаме кон иднината и предизвиците што претстојат, ги повикувам сите градоначалници да продолжат да работат заедно под чадорот на ЗЕЛС за да се направи успешна децентрализацијата. Соединетите Држави ќе продолжат да работат со општините и ќе стојат покрај вас како партнер додека работите за подобро да им служите на вашите заедници.“

И претставникот од Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Штефен Худолин,  во своето обраќање му го честита педесетгодишниот роденден на ЗЕЛС и нагласи дека општините се првото ниво за граѓаните да практикуваат демократија. Тој посочи дека во сите земји, членки на Европската Унија, Асоцијациите на локални и регионални власти се важни институционални чинители кои активно учествуваат во сите јавни дискусии и одлуки кои се однесуваат на поднационално ниво. Исто така, Худолин  потсети и на некои од програмите на ЕУ за поддршка на локалната власт, нагласувајќи дека околу 40% од годишниот буџет на ИПА се троши на локални проекти. При тоа претставникот од ЕУ во нашата земја изрази жалење што по локалните избори, во октомври минатата година, под знак прашалник се ставени голем број клучни инвестиции поддржани од ЕУ, пред се во делот на управувањето со цврст отпад.

Свеченоста беше збогатена и со изложба на цртежи од ученици од четврто одделение, од училиштата од повеќе општини, кои за педесетгодишниот роденден на ЗЕЛС твореа на темата „Мојата општина – мој сакан дом“.

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top
Skip to content