Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Отчет за 2020 година на градоначалникот Љубе Кузманоски

Градоначалникот Љубе Кузманоски на прес конференција ги информираше граѓаните за реализираните и тековните активности за тековната 2020 година.

Во прилог Ви го пренесуваме во целост обраќањето до јавноста.

2020-та е година во која се соочивме со предизвикот наречен коронавирус. Но и покрај соочувањето со оваа пандемијата, нашите активности и проекти продолжија тековно да се реализираат. Она што го ветивме пред три години ни овозможи да ја направиме Општина Новаци поубав дом за сите нас. Денес пред граѓаните стоиме гордо со сработеното за што делата говорат за постигнатиот успех. Мандатот што граѓаните на Општина Новаци ни го доверија во 2017 година, зборува за голем успех, за реализирани проекти, за решени проблеми и за услужени граѓани. Работејќи според програмата што ја понудивме, секако и со поддршка на Владата на Република Северна Македонија, остваривме повеќе од планираното за само три години.

Овој Отчет за 2020 година не е ништо друго освен заокружување на досегашниот начин на работа на Општина Новаци.Оваа година асфалтиравме локални улици во должина од 3 километри во 17 населени места во Општина Новаци. Вкупната инвестиција изнесува 11 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на општината. Тампонирани и изградени се полски патишта во 15 населени места во должина од 10 километри во вредност од 9.000.000 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Новаци. Исто така изградена е секундарна фекална канализација во село Новаци – 10 краци и ревитализација на пумпни станици со вкупна вредност од 2.635.797 денари средства обезбедени од Буџетот на Општина Новаци.

Во тек е реконструкција на локална улица во село Новаци во висина од 3.052.314 денари и должина од 500 м. како и реконструкција и надоградба на дел од општинската зграда.Исто така во тек се градежни работи за рехабилитација на регионалниот пат Новаци-Маково во должина од 2.5 км а ке се продолжи со рехабилитација и на регионалниот пат Бач-Гермијан-Кременица.  Извршивме санација на банкини на локалниот пат Новаци-Рибарци во должина од 2.5 километри.

Оваа година го пуштивме во употреба локалниот пат во село Тепавци. Исто така извршено е партерно уредување на дворот на манастирот Св.Атанасиј во с.Старавина во вредност од 300.000 денари, реализирана е третата фаза на уредување на поројот во с.Гермијан – инвестиција вредна 148.883 евра во рамките на програмата за прекугранична соработка преку Центарот за развој на пелагонискиот плански регион и Министерството за локална самоуправа.

Во делот на образованието инвестиравме во реконструкција на тоалетите во малото основно училиште во Новаци а исто така изградена е и нова ограда во ООУ „Славко Лумбарковски“ – Новаци во вредност од 512.000 денари – средства обезбедени од Буџетот на Општина Новаци. Обезбедивме и 25 високо ефикасни инвертер клими за сите подрачни училишта. Во селото Маково заменети се вратитите и прозорците на амбулантата – објект на општина Новаци.

Општина Новаци успешно го заврши вториот проект за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за набавка на градежна механизација и тоа Скип (Комбинирана машина ровокопач) и хидраулична надградба плуг за снег 2.5м, камион кипер со дополнителна опрема и тоа плуг за снег 3.2м и ротационен распрскувач на сол и ризла како и камион цистерна. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 17.870.670 денари.

Со финансиска поддршка од локалната самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој и Пелагонискиот плански регион обезбедени се две нови возила за Општина Новаци. Тоа е минибус со 30 седишта и комбе со 9 седишта. Финансиската конструкција е 4.200.000 денари помош од Министерството за локалната самоуправа и 2.500.000 денари сопствени средства од буџетот на Општина Новаци. За испорака останува уште комбето во наредниот период.

Општина Новаци пристапи кон модернизација на јавното улично осветлување и склучи договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за модернизација на системот за јавно осветлување, преку финансирање, реконструкција, управување, одржување и развој на јавното осветлување во општината. Во утврдениот рок од Договорот во целост заврши модернизацијата на инфраструктурата на системот на јавно улично осветлување во општина Новаци со што се заменети 1.083 натриумови и живини светилки со нови ЛЕД светилки кои подлежат на редовен надзор и нивно одржување.

Општина Новаци за прв пат ќе добие детска градинка за која во целост се завршени сите административни процедури. Монтиран е котел за парно со комплетна инсталација на парно греење во целокупниот простор на градинката од обновливи извори на енергија, односно биомаса и котлара. Исто така завшрени се сите молерско-занаетчиски работи. Средствата за изградба на оваа детска градинка се обезбедени следствено од Буџетот на општина Новаци во висина од околу 5.2 милиони денари.

Изграден е нов повеќенаменски објект на местото на некогашниот руиниран објект (продавница) во село Далбеговци на површина од 100 м2. Вкупната вредност на инвестицијата 1.887.443 денари обезбедени од буџетот на општина Новаци. Изградени се водопоила во селата Паралово, Долно Орехово и Бач во износ од 200.000 денари.Општина Новаци располага со веќе изготвена проектна документација за 10-тина локални проекти  што се создадени основни предуслови за реализација на овие проекти кои се од интерес на граѓаните од општината. Транспарентноста и отчетноста за работата која носи подобро остануваат да бидат едни од основните постулати врз кои и во наредната година ќе ја темелиме општинската политика. Општина Новаци продолжува да чекори по ваквиот развоен пат настојувајќи да ги зајакне економските капацитети. Општина Новаци по 24 години од своето постоење е многу поблиску до европските стандарди – не само по урбаниот лик, туку и според развојот кој и обезбедува видно место на скалата на привлечни економски дестинации.

Back to top
Skip to content