Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Oбичаи за Коледе, Бадник и Божик кај македонскиот народ

Христовото раѓање - Божиќ

Според македонските обичаи, на 5 јануари започнува славењето на Божиќните празници. Вечерта спроти Бадник првите коледари го палат коледарскиот огин и притоа се пејат песни, се игра и се пие топла ракија. На тој начин се „бркаат“ злите духови од земјата. Наредниот ден, на големиот Христијански празник Бадник, малите деца одат по домовите од соседите, чукаат на вратите и пеат коледарски песни. Според традицијата, домаќините за тоа ги наградуваат со колачи, костени, ореви, јаболка и ситни пари.

Бадник се слави еден ден пред Божиќ и со коледарските огнови и коледарчињата се најавува Рождеството Христово – Божиќ.

Божиќ е Господски празник и се слави во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Евангелието го опишува настанот кога се родил Господ Исус Христос. Настанот ни сведочи дека римскиот император Август заповедал да се изврши попис на населението во Империјата. Тогаш праведен Јосиф и Света Дева Марија пристигнале во Витлеем, бидејќи биле од родот Давидов.

Немајќи каде да преноќат, тие отишле во пештерата каде ноќевале пастирите. И токму тука се роди Господ Исус Христос. Светлината и гласот на ангелите беа првите вести што ги видоа и слушнаа пастирите „Не бојте се! Денеска се роди Спасителот, кој е Христос Господ: и еве Ви знак: ќе најдете Младенец повиен во јасли“. И ангелскиот хор веднаш ја запеа песната „Слава на Бога во висините, а на земјата мир меѓу луѓето со добра волја“ (Лука 2-14). Оваа радосна вест, пастирите ја потврдија веднаш и пристигнувајќи во пештерата му се поклонија на Младенецот.

На поклонение дошле и тројца вавилонски мудреци, носејќи му дарови: злато, ливан и смирна. Овие дарови симболизираат: ливанот – бог, смирната – човек и златото – цар.

Во Црквата овој празник почнува да се празнува при крајот на третиот век, затоа што дотогаш Црквата не му придавала многу значење на телесното раѓање. Многу поважно го сметала духовното раѓање, односно крштението и затоа овој празник се славел заедно со крштевањето на Господ Исус Христос и бил наречен Епифанија.

Македонскиот народ со многу внимание и почит го празнува Божиќ, кој започнува да се слави со Бадник, денот пред Божиќ. Со него се поврзани многу обичаи и симболи. Рано наутро, на Бадник децата одат по куќи и пеат разни песни пред домаќините. Тие ги симболизираат ангелите, а пеењето по куќи значи дека веста за Христовото раѓање ќе се прошири насекаде. Децата ги симболизираат пастирите, а домот, каде што одат ја симболизира пештерата во која е роден Младенецот. Постои уште една симболика. Децата се Господ Исус Христос и затоа добиваат дарови, а домаќините се симбол на мудреците кои ги принеле даровите пред Младенецот.

За време на овој празник се пали и коледарски оган, кој е поврзан со обичајот, наречен Коледица или Коледе. И денес и во минатото во селата и градовите во сите краишта во Македонија, поголеми или помали групи на луѓе палат огнови и пеат песни, а денес се избира и кум, кој меси погача со паричка. Оној, кај кого ќе падне паричката, наредната година станува кум. Вечерта на Божиќ некаде се става и слама во собата за спиење, што ја симболизира пештерата во која се родил Христос.

На Божиќ, рано утрото почнува Богослужба во црквите. Причесната следува по службата кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости.

Во некои села во Македонија по Богослужбата девојките одат по овоштарниците и ги врзуваат дрвјата, за да се сочуваат од разни болести и да бидат плодни. Овој обичај е пропратен со песни.

Исто така, со Божиќ е поврзана и поговорката, „Пред Божиќ, зад Божиќ дома да си“, што има значење дека за време на Големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот

Весели Божиќни празници! 

Христос се роди!
Вистина се роди!

Христос се роди!
Вистина се роди!

Христос се роди!
Вистина се роди!

 

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top