Магда и Симон по 52 години брак се венчаа на манифестацијата „Македонска етно венчавка“
Во Општина Новаци традиционално се одржа манифестацијата „Македонска етно венчавка”. На неа се венчаа Магда и Симон Пивковски од село Могила. Невестата има 70, а зетот 73 години, а дури после 52 години во брак се венчаа во црквата Св. Атанасиј во Новаци.
Велат дека сплет на околности било што останале невенчани, и дека се радосни што в црква се венчале.
Во рамките на манифестацијата се одржа и „Ревија на македонски народни носии” на која учествуваа претставници од повеќе региони во Македонија кои што ги претставија своите специфични обележја на носиите од своите краеви. Најдобрите и најавтентични носии беа наградени од стручна жири комисија. Особено се истакнаа учесниците од Радовиш.
Годинава манифестацијата беше збогатена и со гастрономски натпревар на кој беа претставени традиционални и автентични јадења со кои се претставува богатата ризница и богатото културно наследство за регонот на Пелагонија и Република Македонија . Натпреварувањето беше во четири поединечни и една групна категорија а тоа е „Подготовка и сервирање на маса за свадба”. Со овој натпревар учесничките претставнички на Општина Новаци и Општина Могила ги презентираа своите вештини и способности со нивниот гастрономски потенцијал кој би можел да придонесе за развој на општините и регионот во функција на комплетната туристичка понуда. За умешноста во готвењето наградени беа „Силата на бабата“ учесничките од Новаци. Најубавите и најавтентични подготвени јадења беа наградени од стручна жири комисија.
На манифестацијата учествува КУД Новаци и повеќе културно уметнички друштва од регионот кои ја збогатуваат програмата.
Покровител на манифестацијата е градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски а носител на манифестацијата е „Центарот за едукација и негување на традицијата и фолклор „ЕТНО ИЛИНДЕН ” Битола , и „Центар за обука и примена” Битола.
Организацијата е на Културно иновативниот клуб Новаци а со овој настан заврши Културно лето Новаци 2017.