Историја
Новаци за првпат се споменува уште во далечната 1468 година. Во турските тефтери за Битолската нахија, селото е регистрирано со името Новак, а е напишано како Новаки, Новак.
Цивилизација во Пелагонија имало уште од античко – римско време, додека христијанството, според археолошки наоѓалишта на остатоци од христијански храмови, било примено уште во првите векови. По илјадагодишното постоење на античките Македонци и на Римската империја на овие простори, кон 6 век (697/8) областа ја населило словенското племе Брсјаци.
Во 1382 година, Пелагонија паднала под Османлиско ропство, кое траело цели пет векови. За време на турската империја, Општината Новаци била нахија, со ограничени овластувања, додека другите потребности (судство, школство, полиција и др.) се вршеле преку истурени единици и станици од општината Битола. Кон крајот на 1912 година, по пропаста на турската империја, Новаци ги доживеа траумите на Балканските војни. Веднаш по Балканските војни, Кралството Србија воспоставило окупациска власт, а од 1914 – 1918 година на овие простори се воделе најжестоките борби во Првата Светска Војна.
Особено жестоки биле борбите на планината Ниџе, на нејзиниот врв Кајмакчалан, каде што се воделе битките од т.н. Солунски или Македонски фронт, на кој, според некои податоци, учествувале над 1.200.000 војници од двете завојувани страни. Меѓу нив, во должина од 60 км. на фронтот, во Мариовскиот крај, од страна на силите на Антантата биле ангажирани 622.000 војници, од кои околу 150.000 војници биле од српска и македонска националност, 180.000 биле Французи, 120.000 Англиски, 130.000 грчки и 42.000 италијански војници. Од другата страна, сојузничките сили на Германија, Австро-Унгарија и Бугарија, ангажирале околу 600.000 војници.
По битките на Солунскиот фронт, Новаци стана огромна гробница на загинати војници од двете страни, а стравотиите и ужасите од овие битки мошне добро ги опишале француските историчари Ив Жуен и Пјер Франсоа.
Новаци не го одминаа ни стравотиите и траумите од НОБ и Револуцијата, во текот на Втората светска војна. Во своето револуционерно минато, Новаци дало многу херои и револуционери. Најпознати меѓу нив се прославените војводи Ѓорѓи Сугарев и Толе Паша. Своето слободарско сонце Новаци го доживеа на 4 ноември 1944 година, датум што се смета за ден на ослободувањето на Новаци.
Веднаш по Втората Светска Војна, Новаци стана општински центар. Но, во 1965 година, со окрупнувањето на општините, ингеренциите на Новаци преминаа во надлежност на Општина Битола. На 16.12.1996 година Новаци повторно стана самостојна Општина, во самостојна Република Македонија. Денес, Новаци е една од општините со најголема површина во Република Македонија, која се протега на површина од 773 километри квадратни, во која гравитираат 41 село.
Отоманска империја
Во 1382/1383 година, Битола и селата во Битолското Поле биле силно нападнати од страна на турската војска на чело со војсководецот Тимурташ. Народот од Битола и селата дале жесток отпор, но по неколку дена отпорот бил скршен и бил заземен градот со околината. Тимурташ ја урнал царската тврдина во Битола до темел. Голем број жители од градот се преселиле во поблиските битолски села за да живеат мирен живот, меѓу кои и во с. Новаци, Добромири и Рибарци. Во 1395 година Турците целосно ја зазеле Македонија. Од таа година започнало најтешкото ропство на македонскиот народ кое траело пет века (517 години) до 18.11.1912 година со конечниот пораз и пад на феудална Турција. Во 1466 година епидемијата на чума, наречена „црна смрт“ ги нападнала селата од Пелагонија и Мариово и имало масовни помори. Во 1622 година настанал голем глад и потоа епидемија од заразни болести. Селата многу се проретчиле.
Судбината на македонското население под турската власт била проследена со: напади, грабежи, тортури, насилија, пустошења. Само за време на турското владение во Пелагонија и Мариово биле опустени повеќе од 60 населби. Народот убиван, раселуван, селата опожарени. До 1636 година бег на селото Новаци со непосредната околина бил некој ефенди Ибрахим. На барањето на султанот имотот негов бил продаден на друг ефендија по име Мехмед Челик, кој, по добиен берат (одобрение), го пренел и на своите синови. Во тоа време има појава на приватна сопственост и кај македонските селани. Жителите од овие села во XIX век започнале да одат на печалба во Истанбул, Измир, некои дури и во Иран. Иако отсуствувале не биле ослободувани од данокот. Во Сиџилите се споменува дека во 1656 година селата биле изделени на тимари, а селаните докрај експлоатирани.
Турците го продолжиле феудалниот систем на владеење што го затекнале, а со тоа Македонија била изделена на кнежевства. Руралните населби од Битолското Поле често биле под управа на Битолскиот вилает, а биле изделени на помали нахии. Во покрупните селски населби (во селата што се сметале за средишни на повеќе села) продолжиле да им даваат извесна служба на кметовите за што ги ослободувале од извесни мали давачки. Турците го имале одредено с. Новаци за посебен вид на нахија (од помал обем) и во него сместиле дел од власта: заптии и бег (глава на нахијата) со цел да се контролира христијанското население. Новаци, според пописните турски дефтери, и во времето на доаѓањето на Турците се вбројувало во поголемите Битолски рурални населби. Така, според пописот од 1468 година Новаци било со вкупно 68 фамилии. Бројната состојба на Новаци се менувала, најпрво, се намалила, а покасно започнало да расте и да станува поголема населба и административен центар на Битолското поле. Во пописниот дефтер од 1468 година (148 стр.) се споменува Новаци и како мезра (разрушено или напуштено село), а селаните отидени на друго место.
Во XV век во Битола се доселени Ромите, во XVI век Евреите и во XVII век Власите. Евреите и Власите ја воделе трговијата и од селаните го откупувале житото и другите култури. Со нивното доаѓање голем број граѓани на Битола од македонска националност се преселувале во пелагониските села, споменувајќи во дефтерите, покрај името „човек од градот“. Во 1818 година имало голем глад, а потоа „црна смрт“ чума по Пелагонија, Мариово и општо во Битолската нахија. По паѓањето на Македонија под турска власт во Битола започнале да се градат џамии, медреси, сараи, безистени, каравансараи, а во селата останале христијанските храмови (црквите и манастирите) и келијните училишта (во манастирските комплекси). Во градот започнало да доминира муслиманското население, на Роми и Евреи за сметка на намалување на христијаните, а во селата останало само Македонското население, задржувајќи го фолклорот, етнологијата, обредите, обичаите, народната култура, носиите, јазикот и др. македонски и христијански одлики.
Илинден
Во 1564/1565 година била крената Мариовско – Прилепската буна, организиран и оружен бунт против експлоатацијата и суровата османлиска власт во Македонија, организирана од поп Јаков, Трајко Сирме, поп Димитрија и др. По крвавото задушување на буната, по 120 години (1688/1689), се кренала и Втората Мариовска буна. Тогаш настрадале голем број Мариовски селани. Покрај другото, во последните два века од турското владение низ Македонија минувале разни емисари од соседните балкански држави (Србија, Грција и Бугарија), дури и од Романија чинејќи раздор меѓу луѓето. Во 1903 година Мариовските војводи и чети воделе битка со турскиот аскер во пелагонискиот и мариовскиот крај.
Во Илинденското востание (1903) изгинале многу видни македонски дејци и револуционери и од Пелагонискиот регион. Меѓу нив бил и Ѓорѓи Сугарев кој загина на 5 април 1905 година во Паралово, Толе Паша, реонскиот војвода Трајко Крало (1905). Полската војводска тројка Димче Сараванов – Могилчето, Јон Димов – Пашата и Трајко Крало се бореле против турските зулумќари во Пелагонија. Јон, тешко ранет умрел во 1907 година, Димче Могилчето – убиен во 1907 година, Трајко Крале загинал во 1911 година. Чифлигарството во Македонија беше распространето некаде до 1903 година. Цели села биле претворени во чифлизи на аги и бегови, а покасно и на македонски чифлигари. Секако чифлизи биле поголемите села: Кукуречани, Могила, Новаци, Рибарци, Будимирци и други додека другите исполџии или слободни селани со сосема мала површина земја – нивна сопственост.
Животот во Пелагонија 1903-1912
По востанието најпогоден бил македонскиот селанец. Незаштитен од турските жандарми, арамии и башибозуци, од грчките андарти, од српските четници и бугарски егзархисти страдал, убиван, целосно уништуван. Првите задруги во Македонија биле формирани во 1908 година. Во задругата не биле рамноправни сите селани. Сиромасите биле само наемници поради што започнале со мигрирање во странство. По 1908 година, Отоманската Империја дала некој вид на слобода – „уриет“. Во 1909 година Турција завршила со стариот и тежок феудален режим и изгласала нов устав – почеток на уставно-парламентарниот режим. Македонскиот народ повторно бил изложен на големи политички и воени притисоци, раселуван, угнетуван, распарчуван и најпосле откорнуван од своите огништа.
Во XIX и почетокот на XX век низ селата од Пелагонија и Мариово минувале разни чети и групи од блиските балкански држави, вршејќи пропаганди, жестоки напади, колежи, палежи и масовни убиства од туски војски, башибозуци, полјаци, жандарми, а меѓу нив и од српски вооружени чети, бугарски егзархисти и грчки андарти. Според турски записи околу 12.000 четници, егзархисти и андарти биле внесени во Мариово и Битолското Поле и го тероризирале народот. Селата во Пелагонија и Мариово се разретчиле и поради сиромаштија, насилства и терор. Народот бил приморан да се преселува во најблиските градови, поимотните отворале дуќани и анови, додека посиромашните кулучеле и аргатувале кај богатите трговци – Грци, Власи, Турци и др. во Битола и Прилеп. Некои од нив станале ѕидари, бојаџии, фасадери, кројачи, самарџии, колари, казанџии, пекари, коњари, пушкари, други мевлемџи, а трети заминале на печалба во Турција, Бугарија, Србија, дури и во Иран. Печалбари од Мариово и Пелагонија во XIX век се споменуваат во Софија, Багдад, Станбол, Техеран, Белград и во други поглавни градови на Балканот.
Животот во Пелагонија меѓу двете светски војни
Народот во Битолските и Мариовските села останал национално обесправен (поробен), економски експлоатиран не само од српската, туку и од македонската буржоазија, подложен на асимилација и дискриминизација. Најубавите ниви биле доделени на српски колонисти и на македонски изроди – кодоши. Во Битола и Битолското Поле се јавиле големи сопственици, натрупувајќи што повеќе богатство со имоти, а во градовите фабриканти, трговци, индустријалци, додека сиромасите емигрирале во прекуокеанските земји и европски држави. Во 1918 година во Новаци била формирана нова општина со српска власт. Српската новачка општина останала до 1941 година до капитулацијата на Кралевина Југославија и влегувањето во Втората Светска Војна. Во текот на 22 години се менувале претседатели, писари, порезници, главно Срби, специјално да вршат асимилација на Македонскиот народ.
Во периодот од 1918 – 1941 година под српска власт започнала колонизација на Вардарска Македонија веднаш по склучувањето на Букурешкиот договор во 1913 година, и особено била интензивна меѓу 1920 -1925 година. Најмасовното колонизирање било во плодните полиња и котлини. Само во периодот од 1923 – 1937 година во село Новаци се населиле 25 српски семејства со 123 лица. Од плодната земја била дадена околу 53% (336.000 ха) на колонисти. Во Мариовската околија биле доселени 27 фамилии. Во периодот од 1919 до 1941 година само во Битолскиот округ биле создадени 53 колонии, со 503 фамилии.
Борба против окупаторската власт (1941 – 1944)
На 11 октомври 1941 година започна вооруженото востание во Македонија против фашистичкиот окупатор. Бугарско – фашистичката армија од секое село испратила на заробеништво во Германија само од Мариово повеќе од 410 мажи за да им ги обработуваат нивите и да им ја чуваат стоката по селата. Отпорот против фашистичките окупатори во Македонија започна организирано. Населението од општинското подрачје на Новаци зело активно учество и во крвавите борби загинаа 15 борци од селата на општината Новаци. На 9 септември Бугарија капитулира, а на 9 мај 1944 година конечно заврши Втората Светска Војна. Од Втората Светска Војна настрада голем број народ – животот го дадоа 24.000 борци и соработници од кои повеќе од 270 се од Битола и Битолско. Од нив 16 и повеќе се од подрачјето на општина Новаци.
Општина Новаци во времето од 1944 до 1996 година
Управувањето во општината Новаци, главно, во време и по НОБ се вршеше преку Општински одбори, Месни народни одбори и Комуни (општини).
Новаци веднаш по ослободувањето (од 04.10.1944 година заклучно со 1996 година) беше во составот на организацијата на власта на поранешна Југославија, најпрво како НОО, потоа како општина (комуна), за после, од 1965 година до 2006 година цели три децении да замре локалната самоуправа. Во тие години беа формирани Месни канцеларии со најограничени овластувања и дејности. Од 1996 година општината Новаци започна да функционира како самоуправна заедница.
Народноослободителни одбори (октомври 1941 – 20.11.1945): Македонската локална самоуправа беше формирана уште за време на Втората Светска Војна и редоследно се менуваше и во името и во обемноста, и во овластувањата. Првата локална самоуправа и воедно административна поделба на државата е со формирањето на Нородноослободителните одбори.
- Работата на првиот НОО е малку позната бидејќи како и другите два по него одбори дејствуваше илегално. Според изјавите на членови во тие одбори, во секое подрачје имало избран одбор со по еден претставник од секое село, додека од Новаци два поради големината на селото. Состаноци се држеле на различни места.
- На 10.10.1944 година основан е првиот местен селски НОО на Новаци кој претставуваше втора локална власт. Овој одбор функционираше врз принципот на единството на власта, односно на собраниско и извршно владеење. Во составот на НОО Новаци влегувале 14 селски народни одбори. Во 1944 година бројот на население изнесувал вкупно 4144 жители, од кои 2128 мажи и 2016 жени. Важен податок е тоа што бројот на населените места, домаќинствата, како и на националната структура Извршниот одбор на НОО Новаци ги доставил на 09.05.1945 година до НОО на Округ Битола.
- Општинскиот НОО – Новаци според податоците доставени до повисоките органи на власта, Пленумот на Новачкиот општински НОО бил избран на 06.03.1945 година во следниот состав:
- Милошевски Р. Веле, Новаци, Претседател
- Здравковски Ил. Скалиди, с. Суводол и одборници:
- Стефановски Т. Вангел, с. Новаци; Стефовски В. Вангел, с. Новаци; Николовски П. Куле, с. Орехово; Стојчевски Н. Паскали, с. Рибарци; Најдовски Ванчо, с. Паралово; Митревски Дончо, с. Грумази; Христовски Георги, с. Суводол; Стојановски Р. Најдо, с. Балдовенци; Грујовски Б. Ристо, с. Логоварди; Марковски Б. Блаже, с. Тепавци; Диневски К.Борис, с. Мегленци.
На 28.09.1945 година имало преструктуирање на општинскиот НОО и за претседател бил избран Трајан Стојанов.
Со одлуката на Президиумот на НРМ (од 21.11.1945) престанаа со работа Општинските НОО. Покрај нив постоеја и други органи на народната власт. Тие беа: народните судови, народната милиција, АФЖ, НОФМ, НМ и др.
Месни народни одбори (1944 – 1955)
Втората административна промена на НР Македонија била со формирање на месни народни одбори. Месните народни одбори на с. Новаци биле во времето од 1945 – 1952 година. Во тој период работеле две избрани тела. Месните народни одбори во Новаци беа основани во 1944/1945 година и ги претставуваа општите претставнички тела на општината, околија или област, а произлегоа од НОО што се создаваа во текот на НОВ (1941 – 1944). Со донесувањето на првиот устав од 1946 година Македонија стана држава, а потоа република во составот на тогашната ФНР Југославија кога во август 1945 година беше донесен Законот за аграрна реформа. МНОО на Новачката општина имаше за цел да ги прибери податоците за приватната сопственост и во 1946 година државните органи на НРМ го донесоа и Законот за национализација и други системни мерки и решенија со цел земјата да припадне на земјоделците, а фабриките на работниците. Во 1946 година беа организирани првите избори на Народно – ослободителните одбори, почнувајќи од општинските се до највисоките државни органи.
- Првиот МНО на Новаци се конституирал на 28.09.1945 година. На првата седница избрал свој одбор во следниот состав: Трајан Стојанов, претседател, Марко Божинов, секретар на Месниот Одбор, Трето лице – администратор. Во 1947 година МНО избрал ново раководство во состав: Соклевски Кимов Петар, претседател, Стефановски П. Вангел, секретар, Милошевски Т. Веле, администратор. Во 1951 година Месниот народен одбор на седници решавал прашања од локален карактер. Веднаш по отворањето на првите училишта во атарот на месниот НОО се отворале и аналфабетски курсеви за образование на возрасните.
- Втора државна административна промена и реорганизација на НРМ. Формирање на Народен одбор на општината Новаци на 21.04.1952 година. Во согласност со Законот за административно – територијалната поделба на НРМ од 18.09.1950 година кон МНО с. Новаци се приклучуваат и други одбори и на тој начин се окрупнува одборот. Во 1952 година законодавната власт на НРМ донесе закон за нова територијална поделба на државата. Со тој закон на 21.04.1952 година формиран е Местен народниот одбор на општината Новаци со седиште во с. Новаци. Во составот на новоформираниот Местен народен одбор на општината Новаци биле приклучени дотогашните 16 СНО од општинскиот регион. Местниот народен одбор на општината Новаци во тоа време се вбројувал меѓу најголемите, најмасовните и најтериторијално развиените општински центри. На 21.04.1952 година согласно со Општиот закон за територијална организација е избран нов Општински народен одбор на с.Новаци. Месниот народен одбор бил во состав од 21 член – во својство на одборници. На седницата на МНО (1952) за претседател беше избран Пецо Николовски, а Дачо Поповски за секретар. На 17.05.1952 година управата извршила реорганизација на службата на МНО. Во службеници, кои требало да примаат плата се одредени: секретар, матичар, благајник, архивар и извршител.
Колективизација (селски работни задруги (СРЗ) – колективи) (1947 – 1953)
Според петгодишниот план за социјалистичка изградба и за израмнување на правата на граѓаните во Р. Македонија, во текот на 1947 година беа формирани Селските работни задруги (СРЗ). Во Новачката општина во сите села биле формирани СРЗ до крајот на 1947 година. Покрај задружниот (што било најголемо), секоја фамилија имала право на сопственост на мал обработлив простор. Народот бил докрај осиромашен. Покрај тоа, се правел голем криминал – кражба. Конечно на 30 март 1953 година колективите згаснале.
Земјоделски задруги (1953 – 1970/1973)
Поаѓајќи од податоците, добиени од една анализа земјоделските задруги на теренот на општината Новаци се занимавале главно со трговија, снабдувајќи го населението со колонијални и индустриски стоки, преку отворените продавници, а после, адаптирани за купопродажба.
Народните судови во време на НОВ претставуваа правосудни органи коишто се појавија со создавањето на слободна територија во Западна Македонија во втората половина на 1943 година. Тие, главно судеа приватни парници, лични судири меѓу граѓаните, ситен криминал (конрабанда и шпекула), мирење на граѓаните и слично.
Народна милиција
Униформирани и вооружени органи за регулирање на внатрешни работи. Формирана била во текот на НОВ при НОО и командите на места на ослободените територии, под различни називи како: народна стража, партизанска стража и др. Тие имале за задача да им помагаат на НОО, да го одржуваат редот и мирот и да им овозможат непречено одвивање на НОБ. НОФМ се грижел за редот и мирот во својата населба (село, град) и од своите редови избирал (определувал) ноќни чувари или стражари кои имале за задача да откриваат сомнителни посети на селото, а во време на НОБ имало голем број балистички групи и колабористички групи кои скитале по државата и вршеле кражби, имало и опожарување и други провалии по македонските села.
Општина (Комуна) село Новаци (28.06.1955 – 21.01.1965)
Третата републичка територијална реорганизација била во 1955 година кога РМ била распределена на посебни општини. На 28.06.1955 година била основана првата општина во с. Новаци. Во новоформираната општина Новаци влегоа 16 поранешни општински одбори, додека другите беа распоредени по други опоштински центри. Во текот на десетгодишното постоење општината Новаци трипати изврши промена на своите колективни управни тела, претседатели и градоначалници.
- Во времето од 09.07.1955 до 26.03.1957 година се управуваше од едно собрание и еден претседател во вкупно траење од 1 година и 6 месеци и 17 дена. Петре Новачевски беше претседател на првото општинско собрание во Новаци. Во своето подрачје општината имала 14 села.
- Во времето од 26.03.1957 до 03.06.1963 година (вкупно 6 години, 2 месеци и 8 дена) беше извршен преизбор и за претседател беше избран Ристо Новачевски (роден 1915 година во Градешница, учесник во НОБ и носител на партизанска споменица). Во општинското подрачје имало 14 села.
- Од 22.01.1963 до 22.01.1965 година (вкупно 2 години) беше последниот состав на општинското собрание на општината Новаци. Последен претседател беше Коле Димовски роден во с. Мегленци. Со новата административно-територијална поделба општината се проширила територијално и во нејзиниот состав влегувале 16 села.
Во периодот од 1955 – 1965 година општина Новаци претставувала центар на едно пошироко подрачје со вклучени 16 рурални населби со забележителен број на жители, со големо производство, со образовни и културни институции, со здравствени, ветеринарни и земјоделски задруги, трговски претпријатија и други центри. За време на десетгодишното постоење на општина Новаци (1955 – 1965) одигра важна улога во општествено-политички и образовен, здравствен, културно-уметнички, спортски и друг карактер. Во поголем број населени места беа отворени нови училишта кои за кратко време прераснаа во осмолетки, беа изградени нови училишни згради, нови домови, здравствени установи, пошти и др.
Месни канцеларии
На 01.02.1965 година со посебен закон СРМ беше изделена на 34 општини. Во општината Битола влегоа дотогашните општини: Кукуречани, Могила, Новаци, Бистрица, Бач, Кажани и Старавина. Веднаш по окрупнувањето сите населени места, установи, објекти на дотогашната општина Новаци паднаа во надлежност и сопственост на новоформираната општина Битола. Од овој датум престана да функционира локалната власт во општина Новаци, а се формираа 8 месни канцеларии со опфат на селата од реонот. Со окрупнувањето на општините во времето од 1965 – 1996 година локалната саамоуправа ја изгуби врската со својот народ. Главни општествено-политички, партиски и структурни промени во управувањето од 1965 до 1996 година не биле големи. Од 1965 до 1991 година општествено-политичкиот сисстем беше еднопартиски. Носител на општествено-политичкиот живот беше КПЈ (СЈК) во РМ КПМ (СКМ). КПЈ изделена и групирана во комитети и одбори по вертикална линија се определуваа управните тела (претседатели, секретари, шефови, директори на државни и стопански институции и др.) Во секоја општина беше формирано т.н. Координативно тело кое се грижеше за определување на раководните тела. Кадрите на тогашната КПЈ (СКЈ) напредуваа по нагорна линија (вертикала). Во поранешна Југославија животот стана несигурен, несносен и тежок. Претпријатијата и фабриките беа на работ на егзистенцијата, секојдневно една по друга фабриките се затвораа. По распадот на поранешната Југославија голем број фабрики и претпријатија засекогаш замреа. Еден број од директорите ги купуваа акциите од работниците и на нечесен начин станаа газди. Одново се појавија сиромаси, стечајци и друг вид на оштетен свет.
Општинска локална самоуправа Новаци (1996 – 2010)
На 8 септември 1991 година Р. Македонија, по пат на референдум, стана самостојна и независна држава. Граѓаните се изјаснија за независност и самостојност. Во чест на тој чин 8 септември се слави како ден на независноста на Р. Македонија. Со осамостојувањето и донесувањето на уставот од 1991 година започна и новата фаза во развојот на локалната самоуправа, во новите рамки на демократското општество, засновани врз пазарната економија. Со законот за територијална организација на локалната самоуправа во Р. Македонија, донесен во октомври 1996 се изврши првата територијална поделба на РМ. Со овој закон општината Битола се издели на 9 општини. Меѓу нив беа и општините во с. Новаци со 19 села, општината Старавина со 12 и општината Бач со 10 населби.
Општина Новаци од 1996 до 2010 година
Општина Новаци за првпат формирана по осамостојувањето на РМ се конституира на 16.12.1996 година. Според законот за територијална организација Општината Новаци се наоѓа во јужниот дел на Пелагониската Котлина, заземајќи го источниот дел на Битолското Поле и целосно припаѓа на сливот на Црна Река. Се граничеше со општините од с. Старавина, с. Добрушево и во тесен дел со општините од с. Могила, с. Бач и Битола. Општината Новаци со својот состав имаше 19 села со атар во обем 175 км квадратни и 2778 жители. Според орографските услови 9 села беа рамнински, 7 ридски и едно планинско. Вкупната аграрна површина беше 16.553 ха. Од неа на обработливо земјиште отпаѓало 9/628 ха, или 58,1%, пасиштата заземале површина од 6442 ха, или 39%, а шумите 483 ха.
Управување со општината
Локалната самоуправа ги реализираше своите програмски цели и задачи преку управни тела. Според Законот за локална самоуправа во општината се избраа: Совет од 13 члена и градоначалник. Советот работеше на седници под раководство на својот претседател, избран на првата конститутивна седница. На првите локални избори д-р Методија Стојановски беше избран за прв градоначалник на општината Новаци.
Првиот совет и градоначалник беа соочени со тешкотии во работата. Советот на општината ја одржа првата седница во просториите на училиштето од Новаци, а натаму заседаваше во просториите на Месната заедница се до адаптирањето на општинската зграда. На почетокот од втората година општинскиот двор беше преуреден. Се постави и осветлението по улиците во с. Новаци. Се поправи старото и се прошири со ново осветление во селата Рибарци, Добромири, Далбеговци, Гнеотино, Долно Орехово, Мегленци, Тепавци, Горно и Долно Агларци и други. Се изврши непосредно поврзување на селата кои гравитираа со општинскиот центар со телефонска врска и автосообраќајници и се поправи водоводот во општинскиот центар Новаци. Исто така започна со градба најмодерниот и најусовршен христијански храм посветен на Пресвета Богородица во непосредна близина на с. Новаци. Спортскиот живот започна да заживува. Фудбалкиот клуб „Новаци“ (формиран пред повеќе од половина век) од 20 јуни 1996 година влезе во втора лига и имаше големи победи. ФК „Добромири“ се натпреваруваше на регионално ниво.
Втората управа (Совет и градоначалник), се избра по одржувањето на вторите локални избори во општина Новаци. На 02.10.2000 година Советот на општината беше конститутиран. Трајан Мицевски беше вториот градоначалник. Советот на општината работеше во следниот состав: Миле Мицевски (прв претседател – ДА), Иванчо Котевски (втор претседател, мандат 3 години – ЛДП), Димче Стојановски, Драги Јовановски, Ладе Стојчевски и Сузана Милошевска (ВМРО-ДПМНЕ); Слободан Митровски (ВМРО-ВМРО); Љубе Кузмановски, Иван Стојановски и Љупчо Стефановски (СДСМ); Бојче Кузмановски (ДА); Борче Јовановски (ЛДП); и Трајан Јовановски (СП).
Советот во четири годишен мандатен период одржа 34 седници. За секретар на Советот беше избран Стевче Анѓелевски. Во 2000 година во општината беа вработени хигиеничар и шофер. Градоначалникот, претседателот и секретарот и натаму ја координираа работата на Советот на општина Новаци. Во овој изборен период општината Новаци во својот состав имаше 19 села. Континуирано Советот ги довршуваше започнатите активности од првиот Совет. Но, како главна преокупација во решавањето на проблеми од општински карактер и на Советот и на градоначалникот и другите општински тела им беа: продолжување со доградба на инфраструктурата во с. Новаци и селата од развиен тип, донесување посебни законски одлуки и решенија за зачувување на редот и мирот во РМ поради настанатите конфликти со албанските екстремисти. Се продолжи со доградба на манастирот Успение на Пресвета Богородица во близина на с. Новаци. Советот водеше непосредна грижа за осовременување на образовниот систем во општината, грижа за училишниот имот и поправка заради заштита од риунираност. Советот решаваше и други проблеми на општината од тековен карактер.
На 04.04.2005 година избрана е третата управа по одржувањето на третите локални избори. Лазар Котевски е третиот избран градоначалник на општина Новаци. Советот на општината е во состав: Димче Стојановски (претседател на Советот – ВМРО-ДПМНЕ), Пецо Мицевски, Лазо Којдовски, Аце Деспотовски, Владе Мицевски, Стевче Атанасовски, Пеце Петровски, Славе Стефановски (ВМРО-ДПМНЕ), Славе Василевски (СДСМ – ЛДП). Во овој период, општина Новаци со новата територијална распределба, се прошири со припојување на општините Бач и Старавина кон неа. Со тоа општина Новаци стана една од најголемите по територија, но за жал многу ретко населена (752 км квадратни територија со само 3549 жители). Со доаѓањето на Лазар Котевски на функција градоначалник, слободно може да се констатира за неговите солидни организациони способности и ревноста во достоинственото, чесното, навременото извршување на обврските на градоначалник, поради што е високо ценет од граѓанството на општинското подрачје и пошироко.
На последните локални избори во 2009 година, Лазар Котевски по втор пат ја добива довербата на граѓаните и го продолжува својот мандат на градоначалник. Советот беше избран во следниот состав: Пецо Мицевски (претседател на Совет – ВМРО-ДПМНЕ), Пецо Талевски, Доста Секуловска, Тони Стојчевски, Владе Мицевски, Мирјана Кузмановска (ВМРО-ДПМНЕ); Стевче Велјановски (ЛДП); Кирче Здравковски (ПОДЕМ); Иван Стојовски (СДСМ). Со добивањето на вториот мандат на Лазар Котевски, општина Новаци стана Европски ориентирана општина. Се работеше и сеуште се работи на привлекување на европските фондови, што засега резултираше со добиен и реализиран проект „Развој на збратимување“, финансиран од ЕУ. Паралелно, се реализираа и голем број други проекти, се изгради канализација во општинскиот центар Новаци, речиси секое село доби чиста вода за пиење итн.