Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Во општината Новаци, покрај локалната самоуправа постојат и истурени единици на министерства или центри од Битола со посебна дејност кои остваруваат посебни цели во развојот на стопанството, грижа за безбедноста, за зачувување на здравјето на човекот и стоката, за развојот на стопанството и образованието, за културно-уметничкиот и спортскиот живот и општо целокупно го организирале животот на овој регион. Денес, на подрачјето на општината Новаци успешно работат: ОУ „Славко Лумбарковски“ со свои подрачни училишта, Матична служба – под управа на Министерството за правда, Здравствена станица, Библиотека – под НУУБ-Битола, Полициска станица под управа на МВР-Битола, Здруженија и клубови (Спортски клуб, Друштво за лов и риболов, КУД за негување на фолклорот-песни, ора и танци), Установени „Пелагониски средби“ за поттикнување и негување на уметничкото творештво од областа на книжевноста, историјата, етнологијата и др. Училиштето редовно одржува натпревари за докажување на знаењата од областа на јазикот и математиката. Редовно се одржуваат и спортски натпревари од регионален и државен карактер.

Матична служба

Матичната служба е организирана во 5 матични канцеларии ви селата: Новаци, Суводол, Старавина, Бач и Маково. Во споменатите населби постоеле некогашните Месни канцеларии, кои покрај другото, ја вршеле и матичната евиденција на подрачјето. Матичната служба има за задача да ја води педантно, ажурно и навреме евиденцијата за жителите од населбите кои се под нејзина управа, да врши регистрирање на новородени, венчани и починати, да издава уверенија, изводи за жителите што се набележани во евиденцијата. Од постојната документација се констатира дека матичната евиденција може да датира од 1900 година.

Контакт: 047/282 114

Полициска станица

Полициската станица во с. Новаци одржува ред и мир на подрачјето на општината, непосредно соработува со пограничната полиција бидејќи добар дел од општинскиот простор се граничи со Р. Грција. Пред окрупнување на општината постоеше полициска станица и во с. Старавина. Според извештаите на оваа полициска станица на подрачјето од општината Новаци не постојат покрупни прекршувања на државните законски норми и Уставот. Полициската служба е сместена во посебна зграда, наменета за станицата. Се смета дека зданието датира од поранешниот период под српска окупација, реновиран по НОБ, додека во 2006 ускладен со современите законски норми и правила, донесени во Р. Македонија.

Контакт: 047/282 122

ООУ „Славко Лумбарковски“

Основното училиште „Славко Лумбарковски“ е едно од најстарите училишта во Пелагониската котлина. Првото училиште било изградено на денешната зграда каде се наоѓале зградата и просториите на училишната задруга. За точни податоци кога е отворено училиштето не може да стане збор, а според кажувањата на старите новачани пред Балканските војни во училиштето се одвивала црковно – свештенска настава, бидејќи местото и зградата биле црковни. Како прв учител се споменува Поп Јован родум од Новаци, а подоцна и даскалот Стојан Мицевски родум од с. Добромири. За време на Кралска Југославија наставата се изведувала во две паралелки, од кои една за учениците од прво и второ одделение и уште една за учениците од трето и четворто одделение. Наставници во овој период биле Светозар, Јово (презимињата не се познати) и Сотир Ангелевски родум од с.Карамани.

По капитулацијата на Кралска Југославија и паѓањето на Македонија под бугарска окупација наставата се изведувала на бугарски јазик и биле воведени прв и втор клас на бугарска прогимназија. Наставници во овој период биле: Митко Иванов, Стојан Славчев и А. Живкова, а Иван Славчев бил директор. По капитулацијата на Бугарија и иницијатива на Народно – ослободителните одбори врз основа на одлуките на АСНОМ во училиштето за прв пат се воведува настава на македонски јазик. Наставата на македонски јазик започнала на 4.12.1944 година, а прва учителка била Ратка Николоска. Во овој период училиштето работело како четиригодишно училиште под името „Стив Наумов“, а од 1956 година работи како основно училиште под името „Славко Лумбарковски“. Училиштето во тој период ги опфаќало и подрачните училишта од селата: Логоварди, Рибарци, Гнеотино, Балдовеници и Билјаник, а училиштето вака егзистира сè до 1976 година. Значајно за училиштето е да се спомене дека во 1958 год. е формирана Училишната задруга која располагала со своја површина.

Со донесувањето на Законот за здружен труд во 1976 година, а како резултат на сè поголемите миграциони движења на населението и намалувењето на наталитетот, неминовно дошло да се спојуваат училиштата од овој регион. На тој начин во 1976 година се формирала Работната организација „11 Октомври“ за основно образование на Општина Битола, а во нејзиниот состав влегло ООЗТ – ЦОУ „Славко Лумбарковски“ со четири работни единици и тоа: Дедебалци, Маково, Суводол и Старавина. Но, миграционите движења на населиението и намалувањето на наталитетот не престанале и довеле до затворање на голем број училишта, односно работни единици. Така, со изградбата на РЕК „Битола“ престанала да работи работната единица Суводол (1982 / 1983), а потоа се затвориле и работните единици во Старавина (1986 / 1987) и Маково (1988 / 1989).

Денес ОУ „Славко Лумбарковски“ Новаци работи како централно училиште со седум четеригодишни подрачни училишта во селата: Далбеговци, Агларци, Добромири, Рапеш, Рибарци, Живојно и Гермијан, и едно деветгодишно подрачно училиште во селото Бач.

Контакт: 047/282 446

Детска градинка „Бамби“

Првата детска градинка во Општина Новаци започна со работа на почетокот на 2021 година. Има капацитет за 50 деца и е изградена според сите современи стандарди кои треба да ги исполнува една детска градинка. Се наоѓа во с.Новаци, кое е центар на општината.

ПЗУ Др. Даскал, с.Новаци

Контакт: 047/282 870

Back to top
Skip to content