Географија
Општината Новаци зафаќа површина од 773 км2 во јужниот дел на Република Македонија и се наоѓа на надморска височина од 580 метри, на географска ширина од 41° 2′ 40″ и географска должина 21° 27′ 40″. Климата на подрачјето на општината е умерено-континентална, со одредени специфичности – според температурните вредности е континентална, а според врнежите е до извесен степен медитеранска. Во мариовскиот регион е планиска, додека по течението на Црна Река се чувствува влијанието на медитеранската клима.
Просечната годишна температура е 10,7°C, највисоката е 41,2°C, а најниската -30°C. Вкупната температурна промена на релација поле планина е од 20 – 30°. Најстуден месец е јануари. Вкупно сончеви часови годишно – 2 325 часа. Просечно годишни врнежи се 600 мм на 1 м2. Во годината има просечно 25 магливи денови. Како куриозитет е податокот дека изохазмата 0,1 минува на секои 10 години, што значи дека на секои 10 години на небото може да се забележи поларна светлина.
![](http://new.opstinanovaci.gov.mk/wp-content/uploads/2020/10/geografija.jpg)
Општината брои 41 село, од кои 34 рамничарски и 7 ридско-планински. Општинскиот центар од најблискиот град Битола е оддалечен 11 км. Општината е петта општина во Република Македонија според големина на обработливо земјиште – располага со 22.905 хектари обработливо земјиште. Исто така, општината има 28.952 хектари пасишта и 17.000 хектари шуми.
Подрачјето на општината опфаќа делови од планините Ниџе (со врвовите Кајмакчалан на висина од 2520м, Ниџе на висина од 2361м и Добро Поле на висина од 1815м), Селечка планина и Дрен.
Реки кои проаѓаат низ општината се: Црна Река, Градешка Река, Бела Река, Елешка Река, Коњарка, Сатока и други. Постои и едно вештачко езеро на РЕК Битола, како и минерални извори во Гермијан и Меџитлија.