Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Вкупно во атарот на општина Новаци и битолското Мариово има 51 црква, 2 параклиси, 1 света вода, икона на св. Никола Чудотворец во месноста на некогашното село Лешница, 14 манастири и 1 џамија во селото Арматуш.

Балдовенци е наполно раселено.

Во Бач живеат околу 160 жители.  Селото го слави празникот Мала Богородица.

Брод е село со 25 жители, празник на селото е св. Никола летен на 3 јуни.

Будимирци се наоѓа на десната страна на Црна Река, брои околу 90 жители, а славата на селото е Петковден.

Гермијан се наоѓа на крајниот јужен дел од Битолското поле, во 2006 година имало 220 жители. Селото го слави Ѓурѓовден.

Гнеотино е населба во алувијалната рамнина на Црна Река, со околу 25 жители.

Во Горно Агларци живеат околу 160 жители, а во Долно Агларци 146 жители. Се слават Петровден (на 12 јули) и Павловден (на 13 јули).

Градешница е развиена населба, со развиено воденичарство и трговија, позната по популарните анегдоти за Итар Пејо. Брои околу 60 жители.

Грумази е мала населба од планински тип на јужната падина на Селечка планина.

Во Грунишки дол, од десната страна на Црна река се наоѓа селото Груништа, со голем атар од 18,2 км2 и околу десетина жители.

Далбеговци се наоѓа во северниот дел на Битолското поле и во 2006 година броело 66 жители.

Во крајниот југоисточен дел на Битолското поле е Добровени, со околу десетина жители.

Добромири е рамничарско село со околу 400 жители, со работилница за преработка на дрво, продавници и кафеана, а познато е и по фудбалскиот клуб Пелагонија.

Долно Орехово се наоѓа на источната страна на Битолското поле, брои околу 30 жители. Слава на селото е Тодорица (на 28 февруари).

Живојно се наоѓа во најјужниот дел на државата, со атар од околу 30 км2. Брои околу 200 жители.

Зовиќ е стара мариовска населба која е поделена на два дела, стара и нова населба.

Ивени е планинско село, со само неколку жители.

Маково се наоѓа на влезот на јужно Мариово, на надморска висина од 850 метри, брои околу 45 жители.

Мегленци е мала селска населба во источниот дел на Битолското поле, со десетина жители.

Новаци е развиена рурална населба, која отсекогаш била централна населба во регионот, во 1961 година броело 1048 жители. Слава на селото е Св. Атанасиј Летен. Во селото има полициска, здравствена, ветеринарна станица и училиште.

Орле се наоѓа на падините на Селечка планина, со околу десетина жители. Празник на селото е Велигден.

Паралово е во источниот дел на Битолското поле, кое е скоро целосно раселено. Во негова близина загинал Ѓорги Сугарев, битолски војвода.

Полог е уште едно замрено село.

Рапеш е стара мариовска населба која денес брои околу 50 жители. Се наоѓа на источната падина на Селечка планина.

Рибарци е сместено во средиштето на Битолското поле, брои околу 80 жители.

Скочивир е постара населба, на надморска висина од 600м, со околу десетина жители. Слава на селото е Петковден.

Сливица во 2006 година броело 3 жители, ден на селото е Велигден.

Старавина се наоѓа на надморска висина од 850 метри, легендата говоди дека од галабијата Сирмеви потекнувала Калеш Анѓа која била грабната од Турците поради нејзината убавина, што било повод да се случи првата Мариовска буна. Во 1994 година брои 24 жители. Слава на селото е Голема Богородица.

Тепавци брои околу десетина жители, сместено е во југоисточниот дел на Битолското поле.

Back to top
Skip to content