Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Општината Новаци зафаќа површина од 773 км2 во јужниот дел на Република Македонија и се наоѓа на надморска височина од 580 метри, на географска ширина од 41° 2′ 40″ и географска должина 21° 27′ 40″. Климата на подрачјето на општината е умерено-континентална, со одредени специфичности – според температурните вредности е континентална, а според врнежите е до извесен степен медитеранска. Во мариовскиот регион е планиска, додека по течението на Црна Река се чувствува влијанието на медитеранската клима.

Просечната годишна температура е 10,7°C, највисоката е 41,2°C, а најниската -30°C. Вкупната температурна промена на релација поле планина е од 20 – 30°. Најстуден месец е јануари. Вкупно сончеви часови годишно – 2 325 часа. Просечно годишни врнежи се 600 мм на 1 м2.  Во годината има просечно 25 магливи денови. Како куриозитет е податокот дека изохазмата 0,1 минува на секои 10 години, што значи дека на секои 10 години на небото може да се забележи поларна светлина.

Општината брои 41 село, од кои 34 рамничарски и 7 ридско-планински. Општинскиот центар од најблискиот град Битола е оддалечен 11 км. Општината е петта општина во Република Македонија според големина на обработливо земјиште – располага со 22.905 хектари обработливо земјиште. Исто така, општината има 28.952 хектари пасишта и 17.000 хектари шуми.

Подрачјето на општината опфаќа делови од планините Ниџе (со врвовите Кајмакчалан  на висина од 2520м, Ниџе на висина од 2361м и Добро Поле на висина од 1815м), Селечка планина и Дрен.

Реки кои проаѓаат низ општината се: Црна Река, Градешка Река, Бела Река, Елешка Река, Коњарка, Сатока и други.  Постои и едно вештачко езеро на РЕК Битола, како и минерални извори во Гермијан и Меџитлија.

Back to top
Skip to content