Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Долг од 67.111.374, 00 денари остави зад себе поранешниот градоначалник Кузманоски во Општина Новаци

ПОЧИТУВАНИ ЖИТЕЛИ НА ОПШТИНА НОВАЦИ

ПОЧИТУВАНИ МЕДИУМИ,

Пред да кажам што јас реализирав во изминатите 3 месеци, сакам да направам еден осврт на расипничкото и штетно „управување“ на мојот претходник Љубе Кузманоски, кој не само што не направи ниту еден корисен проект за жителите на нашата општина туку напротив остави долгови во висина од 67.111.374, 00 денари или 1.082.441,52 евра.

За таа цел побарав од Државен завод за ревизија да направи комплетна проверка на работењето на општина Новаци од моментот на стапувањето на функција на претходниот градоначалник Кузманоски до престанувањето на неговиот мандат. Добив известување дека заради претходно направениот план за работа за 2022 година, Општина Новаци нема да биде предмет на ревизија во оваа тековна година но дека ќе биде планирана за следната година.

Општина Новаци има меѓуопштинска соработка со Македонски Брод во делот на ревизијата, па затоа тим од двајца ревизори од следната недела ќе започнат со проверка на работењето на претходното раководство.

Деновиве читам во неколку наврати на социјалната мрежа Facebook тој и некои негови следбеници како упорно бараат Отчет за моето работење во изминатите 100 дена, пишуваат лаги и невистини и користат  ниски, мизерни и недолични удари со кои само си го покажуваат очајот и безизлезната ситуација во кој се наоѓаат. На самиот почеток на моето излагање ќе кажам дека јас нема да се служам со истата нивна простачка реторика и нема да го достигнам нивното ниво.

Ме повикуваат дека не сум кажувал колку многу проекти и средства ми оставиле во министерствата  со кои јас ќе сум се фалел во иднина при нивната реализација.

1. Зошто не кажуваат дека неспособниот Кузманоски е единствениот од сите градоначалници во државата кој не успеал да земе неповратна државна помош од околу 30 милиони денари за Општина Новаци од продажбата на карго аеродромот во Штип на Турската компанија ТАВ. Овие пари можеа да се искористат за реализација на еден куп капитални инфраструктурни проекти за доброто на жителите на нашата општина.

2. Почитувани мои сожители да ви кажам и за какви проекти кои се оставени во Министерствата, зборува Љубе. Еден од тие проекти кој бил предложен за реализација преку Министерството за транспорт и врски е проектот за изградба на локален пат од раскрсницата Старавина до Будимирци и продолжение на истиот во втора фаза. Општина Новаци има на располагање неповратни средства во висина од  33 милиони денари. Меѓутоа заради лошо избраниот предлог проект од Х причини, сега се соочуваме со проблем на одбивање на овие доделени средства заради економската неисплатливост на проектот, малиот број на корисници на овај пат и најголемиот проблем изградбата на патна инфраструктура со државни пари која води до приватен имот. 

3. Тендерот за ангажирање на градежна механизација  и транспортни средства за потребите од технички интервенции за одржување на комунални објекти, локални патишта и улици на подрачјето на Општина Новаци за 2021 година  во висина од 1.402.667 денари е искористен за работење токму на горе наведениот предел согласно двата работни налози за ангажирање на градежната механизација потпишани од Кузманоски. Со налог број 1 градежната механизација била ангажирана за 105 работни часа во Будимирци и Груниште а со налог бр 2 Брод-Велесело-Тепавци – 40 часа, Будимирци кон Ловиште – 50 часа и Тепавци – Гнилеж – 20 часа. Согласно нашите проверки на терен и разговори со жителите и мештаните од овие делови на општината вакви градежни зафати воопшто не се реализирале.

4. Иако Општина Новаци имаше нова и модерна општинска зграда, претходниот градоначалник реши да изгради сосема нов дел како додаток на веќе постоечкиот  со нето корисна површина од 605 метри квадратни за двата ката. Овој проект на Љубе ја чинеше општината фантастични 500 000 евра, општински пари кои ќе се плаќаат во наредните три години.

Овој „капитален“ проект на Кузманоски беше постојано напаѓан од моја страна со самото отпочнување на изградба, пред и за време на кампањата за локалните избори. Сеуште стојам на истиот став. Таа зграда не само што не ние потребна, туку и ни продуцира и дополнителни трошоци.

5.Ме повикувате на партиски реваншизам, режимско и одмаздничко владеење. На што точно тука алудирате?

На отпуштањето од работа на 15 работници. Тоа не е точно. На овие лица им истекоа времените догорови кој вие сте ги ангажирале лажејќи ги и манипулирајќи  со нив берејќи гласови за локалните избори. Зошто кога ги вработувавте не се грижевте дека тие 15 – есет работници ќе бидат отфрлени како потрошна роба за нископартиски поени и предизборни калкулации откако ќе им послужат на вашата валкана политичка игра. Но народот ве прочита и затоа сте таму каде што сте, ве казни уште во првиот круг и ви ја одзеде власта која на големо ја злоупотребувавте.    

6.Уште еден пример за недомаќинското работење на Кузманоски е набавката на непотребната за нас опрема: камион кипер, камион со цистерна и скип со пари земени на кредит кој изнесува 300 000 евра. Жителите на Општина Новаци овој заем ќе почнат да го плаќаат од 2023 година и во наредните 10 години наместо за корисни проекти за доброто на жителите ние ќе треба да издвојуваме по 30 000 евра.    

7. При спроведениот Попис на инвентарот во Општина Новаци констатирани се серија пропусти, недостаток на опрема и инвентар како и повисоки цени за три пати од пазарните, при набавката на опрема и инвентар за новата општинска зграда.

Инвентарот и опремата кој што недостасуваат согласно спроведениот попис е следната:

  • Лаптоп со инвентарен број 984 за кој е задолжен претходниот градоначалник Љубе Кузманоски
  • 5 столици со раконаслони со инвентарен број 629-633 во Младинскиот културен центар
  • 3 работни маси 80х80 со инвентарен број 694-696 во Младинскиот културен центар
  • 2 канцелариски столици со еко кожа со инвентарен број 649-650 во Младинскиот културен центар
  • 2 трпезариски маси во новиот дел од општинската зграда

Само за илустрација: двете кујни кои се поставени во двата ката на новиот дел од општинската зграда изработени од најобична иверка чинат баснословни 465.338,00 денари или 7500 евра.

  • Нискомонтажно бојлерче од 10 до 15 литри со монтажа се наплаќало по цена од 24.970,00 денари.
  • WC шолја со приклучоци се набавувала по единечна цена од 16.092,00 денари.
  • Се купувале умивалници со приклучоци по единечна цена од 13.872,00 денари.
  • Една столица за салата за состаноци се набавувала по цена од 16.520,00 денари

8. За пробивање на полски патишта во 2019 година платена е завршна ситуација на износ од 208.152.00 денари или 3358 евра за патишта кои несе пробиени и не постојат никаде на територијата на општина Новаци.

9.Почитувани жители на Општина Новаци морам да ве запознаам и со тендерот за реализација на програмата за реконструкција и одржување на полските патишта во Општина Новаци за 2021 година. Вредноста на овој договор кој е целосно реализиран изнесува неверојатни   8.995.140,00 денари или 145.082 евра. Кузманоски во своите напади кон мене вели дека сум ги намалил буџетските ставки за потребите на жителите на Општина Новаци. Да тоа е точно затоа што во оваа буџетска ставка годинава испланирав 2 милиони денари а причината е едноставна, толку се реалните средства потребни на годишно ниво за оваа намена. Значи заштеда од скоро 7 милиони денари буџетски средства кои ќе ги искористиме за покорисни проекти на нашите жители.  

10.Поранешниот градоначалник само во 2020 година од буџетската ставка Гориво за службени возила потрошил 800. 000,00 ден , кога тој износ би се поделил на 12 месеци се добива средна просечна вредност од 67. 000,00 денари , пари кои во еден месец се трошеле за службени патувања.

Во 2021 потрошени се 700. 000,00 ден, односно месечно се трошело во просек по 70. 000,00 денари.

Откако јас сум градоначалник на Општина Новаци за гориво за службени возила во овие три месеци вкупно се потрошени 85 000 денари, што значи дека месечно во просек сме потрошиле 28 333 денари.  Тоа е повеќе од дупло помалку средства потрошени за оваа намена од колку што трошел Љубе за гориво за службени потреби.

11. За обезбедување на имот и објекти на Општина Новаци,  Кузманоски плаќал договори во износ од:

  • 200. 200, 00 денари во 2020 година    и
  • 292. 437 денари во  2021 година.

Откако јас ја презедов функцијата градоначалник на Општина Новаци склучив договор на износ од  60 000,00 денари за 1 година за истата намена. Само со овој договор остварив заштеда на буџетските средства во износ од  140. 200, 00 денари во однос на 2020 година и заштеда од 232 437,00 денари во однос на 2021 година. Тоа е скоро три пати помалку потрошени средства за ова намена за разлика од Љубе.

12. Драги мои жители на Општина Новаци исто така треба да бидете запознаени и со тоа дека поранешниот градоначалник сметал дека нема поважни работи кои требало да ги прави, па вашите пари ги трошел на склучување на договори  за набавка на услуги и опрема за мерење на изложеноста на населението  на електромагнетно загадување во висина од скоро 12 илјади евра. или 728.060 денари

13. За минатата 2021 година општината кон јавното комунално претпријатие  Комунална Хигиена платила вкупно 547.700,00 денари за чистење на депонии на територијата на Општина Новаци. Од овие средства за депонијата во Добромири биле наплатени 67.200,00 денари. Зошто се фактурирани и наплатени овие средства во 8 месец 2021 година кога депонијата воопшто не е исчистена во овие изминати 4 години. Доказ за нивното неработење и трошење државни пари за нешто што не го направиле се сликите кои ОО на СДС Новаци кои самите си ги објавија на нивната фан страна сакајќи да ме обвинат мене дека во 3 месеци не сум исчистил нешто што тие не успеале во 4 години, а сепак го наплатиле.  

На крај јас сум Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци, функција која ја добив на легитимни локални избори победувајќи го мојот против кандидат од СДС, Љубе Кузманоски со мнозинство гласови дадени од жителите на Општина Новаци, уште во првиот изборен круг.

Мандатот го добив со ветување за чесно, домаќинско и отчетно работење и тоа го правам во изминатите 100 дена, но така ќе продолжам и во следните 4 години.

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top
Skip to content