Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Џип екскурзија по повод 100 години од “Битката за пробојот на Добро Поле“

По повод 100 годишнината од битката на Добро поле, градоначалникот на општина Новаци, Љубе Кузманоски беше покровител на еднодневната екскурзија со џипови на која присуствуваше францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние. Настанот беше збогатен со поставување на споменик на карпата кај Добро поле при што беше оставена француска земја од рововите од Верден. Споемникот е донација од Здружението на ветерани од Франција.

Ја поздравувавам ваквата идеја за поставување споменик и одбележивањето та на овој јубилеј со цел да се одбележи овој историски датум на ова место на територијата на општина Новаци, Мариово. Сакам на овој ден да им оддадеме почит на сите загинати во оваа битка, и да порачам овие настани да не се повторат, а со едноминутно молчење да им оддадеме почит на жртвите. “ рече Љубе Кузманоски, градоначалник на општина Новаци.

Еднодневната џип екскурзија “Битката на Добро Поле“ беше организирана во чест на пробојот на македонскиот фронт кој се случил на 15 септември 1918 година.  Учество зедоа  околу стотина почитувачи на традицијата со трисетина теренски возила – џипови. Маршрутата на движење траеше три часа каачување по непристапните стари воени патишта по планината Ниџе  . Организатор на џип турата е здружението за запознавање и патување “ОФ РОУД-МАКЕДОНИЈА“ од Битола.

Месноста Добро поле се наоѓа на околу 1.800 метри надморска височина. На ова место пред 100 години се воделе вооружени судири во кои  згаснале животите на околу 6.000 здрави мажи – војници од двете завојувани страни. Страшните војнички акции за пробојот и дел од страданијата на војниците ги раскажа Роберт Илиевски.

-Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт или Јужен) бил фронт на територијата на Македонија, на која што се воделе вооружени судири во текот на Првата светска војна помеѓу силите на Антантата и Централните сили, во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година, а вкупно од двете страни на фронтовата линија биле стационирани околу 1.200.000 војници. За време на Првата светска војна од сите делови на Македонија биле мобилизирани околу 200 илјади луѓе, односно во српската војска околу 50 илјади, во бугарската околу 120 илјади и во грчката околу 20 илјади. Се претпоставува дека делот во близина на фронтовата линија процентот на смртност  бил над 60 %, рече Илиевски, кој за самиот пробој сликовито раскажа на самото место како се одвиваа нападите и кој од која страна напаѓаше и се бранеше, за српските војници, за колонистичките, француските, каде беа митролеските гнезда, како изгледал теренот по бомбардирањето кое траело цел ден.На овој ден, при вакво време како што имаме денес, топло и ведро, се случил пробојот на Македонскиот фронт. Тука на ова поле се случил пробојот, во кој под команда на српскиот генерал Живојин Мишиќ се пробила фронтовата линија, која ја бранеле Бугарите и Германците. На ова место каде денес стоиме немало ни педа земја која не била погодена од гранатирањето, а за тоа сведочат и снимките направени на денот 14 септември, во време од половина час додека траело затишјето од паѓањето на бомбите. Многу фотографии сведочат за ужасите на таа војна на тој ден“ , рече Илиевски.

Паралелно со раскажувањето на историските факти од страна на Илиевски се одржа историски  час и за Французите, кој го одржа Frank Roger.

Како знак на одбележување на овој голем јубилеј на карпата каде некогаш постоел споменик  Бронзена рака кој подоцна исчезнал , беше поставен камен крст донација од француските ветерани ..

-Во село Градешница од кое потекнувам и јас добро е позната приказната за споменикот “Бронзена Рака“ кој во 1938 година бил поставен на Добро Поле. Според приказната, раката на некој војник била откината од граната за време на пробојот на Добро Поле, по што тој ја завиткал во платно и ја скрил под оваа карпа. Според кажувањата на селаните кога дошол 20 години покасно на истото тоа место, тој нашол коски под карпата. На тоа место тогаш бил поставен споменик, кај локалното население познат како споменик “Бронзена рака“. Споменикот покасно исчезнува, но помеѓу локалното население ден денес се кажува таа приказна, иако многу од жителите и воопшто го немале видено споменикот, па од приказната се добива впечаток дека се работи за бронзен споменик во облик на рака. Во 2012 година Франк Роџер и Фабиен Шефе од здруженито на ветерани од Франција (“Association Nationale pour le souvenir des Dardanelles et Fronts d’ ORIENT”) со помош на локалното население ја откриваат карпата на која бил поставен споменикот и заедно со документацијата која ја објавуваат, фрлаат ново светло врз оваа приказна, а за војникот кој ја загубил раката .Војникот кој ја загубил раката бил Marcel Ganguilhem (1895-1949) познат под уметничкото име “Cel-le-Gaucher” во превод “Левак“. Марсел учествувал при пробојот во битките околу врвот Сокол каде ја изгубил својата десна рака. По војната користејќи ја само својата лева рака изработува споменик,  кој по повод 20 годишнината од пробојот е поставен токму на Добро Поле, како би се одбележала важноста на оваа локација. Француската делегација била предводена од писателот Louis Cordier и броела повеќе од 200 ветерани од Добро Поле и Верден. Заедно со локалните власти била организирана свеченост и споменикот бил поставен на 15 септември 1938 година, а воедно на тоа место и симболично била истурена земја која ветераните ја носеле од рововите во Верден.“ рече Јове Парговски, здружение Офф роуд.

Иницијатива за обновување на споменикот кој постоел на Добро Поле е со подршка на фамилијата на Marcel Ganguilhem и е изработена копија, која на на 14 септември е поставена во Француските гробишта во Битола.

-На карпата на која стоела спомен плочата денес јасно се видливи трагите и нашата првична идеја беше да се обнови споменикот токму на оваа локација. Сепак, треба да се има во предвид дека Добро Поле во Мариово е на некој начин и заборавена локација, која годишно ја посетуваат помалку од 20 лица. Во Франција е изработена само една копија, која иницијаторите решија на 14 септември 2018 година да ја постават во Француските гробишта, каде би била достапна за поголем број на посетители. Сепак, се надевам дека во блиска иднина ќе успееме повторно да ја заживееме локацијата Добро Поле, што воедно е и една од целите на оваа екскурзија, па ќе успееме да поставиме една копија и таму, вели Парговски.

Учесниците на џип турата покрај комеморативните активности, го посетија мостот на Зовиќ и ја пробаа традиционална храна во етно-куќата „Кај мостот“ на Митко Крстевски, кој е позитивен пример како делови од Мариово повторно можат да заживеат.

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top
Skip to content