Новачани чествуваат 110- години од смртта на Ѓорги Сугарев
Со панихида на гробот на Ѓорги Сугарев, големиот македонски револуционер од Илинденскиот период, денеска кај манастирот “Свети Великомаченик Ѓорги“ над с. Паралово, започна чествувањето на 110- годишнината од смртта на големиот македонски војвода. Тој со својата чета кај месноста “Чукарите“, на денешен ден според стариот календар, до последен го положија животот во нерамноправна битка и поради предавничка заседа.
– Ѓорги Сугарев извршува саможртва и си го одзел животот пред олтарот на македонското ослободително дело. Опеан е во низа песни на македонскиот народен пејач како голем херој и бескомпромисен борец- рече историчарот д-р Ѓорги Чекутков, член на патриотското друштво “Тодор Александров“.
Организаторите, Општината Новаци и патриотското здружение “Тодор Александров“ од Битола, во негувањето на ликот и делото на Ѓорги Сугарев, ќе изградат спомен обележје и на самото место на поприштето на херојската епопеја кај месноста “Чукарите“.
– Кај “Чукарите“ каде што се загинати тие борци, ќе почнеме со проекти, бидејќи нашата општина располага со голем број на културно- историски споменици и наследства кои ги одржуваме и негуваме- рече новачкиот градоначалник Лазар Котевски.
Како голем револуционер и деец, Ѓорги Сугарев го споменуваат неговите соборци Дамјан Груев, Ѓорги Поп Христов и ѓаконот Евстахиј, а американскиот новинар од тоа време Алберт Соренсен, во книгата “Исповед на македонски четник“ , за Сугарев напишал дека бил еден од најдоследните револуционери.