Денес имав особена чест и задоволство да се обратам на промотивниот настан по повод стартот на регионалниот проект „Од младинско зајакнување кон институционална сопственост – ПЕЛО“, финансиран од Амбасадата на Кралството на Холандија и реализиран под водство на Про Локал – Битола.
На настанот говорници беа и Н.Е. Узлем Џанел – Амбасадорка на Кралството на Холандија, Марјан Ристески – Заменик министер за економија и труд, Емилиа Ѓероска – претседател на Про Локал, Мирко Велевски -претседател на регионалната стопанска комора и Фатмир Сабриу- државен секретар на министерството за социјална политика.
Настанот обедини над 100 претставници од општините, бизнис-заедницата и младинските организации, со заедничка цел: да стимулираме нови партнерства и да создадеме иновативни и одржливи можности кои ќе ги задржат младите во регионот.
По свечениот дел, беше потпишан Меморандум за соработка, а понатаму следеше панел-дискусијата „Бизнисот и младите“ и networking сегмент со локалните компании од Пелагонискиот регион.
Проектот ПЕЛО ќе трае две години и претставува завршна фаза од повеќегодишните напори на Про Локал и општините за унапредување на младинските можности во регионот, со поддршка на Амбасадата на Холандија. Заедно вложивме време, ресурси и енергија во 100 млади лидери преку неформалната академија.
Следниот чекор: институционализација на овој моќен младински потенцијал!