Ул. „1“ б.б., 7211 с. Новаци • +389 (0)47 203 060
Република Северна Македонија

Општина Новаци

Историја

Историја

Новаци за првпат се споменува уште во далечната 1468 година. Во турските тефтери за Битолската нахија, селото е регистрирано со името Новак, а е напишано како Новаки, Новак.

Цивилизација во Пелагонија имало уште од античко – римско време, додека христијанството, според археолошки наоѓалишта на остатоци од христијански храмови, било примено уште во првите векови. По илјадагодишното постоење на античките Македонци и на Римската империја на овие простори, кон 6 век (697/8) областа ја населило словенското племе Брсјаци.

Во 1382 година, Пелагонија паднала под Османлиско ропство, кое траело цели пет векови. За време на турската империја, Општината Новаци била нахија, со ограничени овластувања, додека другите потребности (судство, школство, полиција и др.) се вршеле преку истурени единици и станици од општината Битола. Кон крајот на 1912 година, по пропаста на турската империја, Новаци ги доживеа траумите на Балканските војни. Веднаш по Балканските војни, Кралството Србија воспоставило окупациска власт, а од 1914 – 1918 година на овие простори се воделе најжестоките борби во Првата Светска Војна.

Особено жестоки биле борбите на планината Ниџе, на нејзиниот врв Кајмакчалан, каде што се воделе битките од т.н. Солунски или Македонски фронт, на кој, според некои податоци, учествувале над 1.200.000 војници од двете завојувани страни. Меѓу нив, во должина од 60 км. на фронтот, во Мариовскиот крај, од страна на силите на Антантата биле ангажирани 622.000 војници, од кои околу 150.000 војници биле од српска и македонска националност, 180.000 биле Французи, 120.000 Англиски, 130.000 грчки и 42.000 италијански војници. Од другата страна, сојузничките сили на Германија, Австро-Унгарија и Бугарија, ангажирале околу 600.000 војници.

По битките на Солунскиот фронт, Новаци стана огромна гробница на загинати војници од двете страни, а стравотиите и ужасите од овие битки мошне добро ги опишале француските историчари Ив Жуен и Пјер Франсоа.

Новаци не го одминаа ни стравотиите и траумите од НОБ и Револуцијата, во текот на Втората светска војна. Во своето револуционерно минато, Новаци дало многу херои и револуционери. Најпознати меѓу нив се прославените војводи Ѓорѓи Сугарев и Толе Паша. Своето слободарско сонце Новаци го доживеа на 4 ноември 1944 година, датум што се смета за ден на ослободувањето на Новаци.

Веднаш по Втората Светска Војна, Новаци стана општински центар. Но, во 1965 година, со окрупнувањето на општините, ингеренциите на Новаци преминаа во надлежност на Општина Битола. На 16.12.1996 година Новаци повторно стана самостојна Општина, во самостојна Република Македонија. Денес, Новаци е една од општините со најголема површина во Република Македонија, која се протега на површина од 773 километри квадратни, во која гравитираат 41 село.