Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Поледелството е важна стопанска гранка, застапени се житните растенија пченица, јачмен, рж, пченка. Населението одгледува и градинарски и фуражни култури: афион, хмељ, соја, наут, луцерка, шеќерна репка, сончоглед, маслодавна репка и други култури. Во Битолското поле денес се користат повеќе од 800 трактори, заедно со други приклучни машини, како сеалки, садалки  и др. Вкупната аграрна површина во општината изнесува 70 000 хектари, од кои на обработливо земјиште отпаѓа 23 000 хектари. Општината располага и со околу 17 000 хектари шума. Сточарството е исто така застапено, со одгледување на ситен и крупен добиток на 30 000 хектари пасишта. Во Македонија е позната мариовската пчела како медосна, а медот е со висок квалитет. Риболовот е застапен на реките Црна, Градешка, Бела итн. Овоштарството е претежно застапено со јаболчести овошја (јаболко, круша, дуња, црешна), зрнести (орев, лешник, костен, бадем), јагоди, бобици итн.

Лозарството како стопанска гранка се споменува и во Турските дефтери. По Втората Светска Војна се зголемиле површините со засадена винова лоза.

Индустриски растенија застапени во Пелагонија се: сончогледот, тутунот, шеќерната репа, индустриски домати итн.

Во рамките на општината Новаци се наоѓа најголемиот басен на јаглен – Суводол со геолошки резерви од 195 милиони тони.

РЕК – Битола

РЕК – Битола е во состав на ЕСМ – EVN и претставува најголем производствен енергетски капацитет во Република Македонија. Овој комбинат задоволува повеќе од 60% од потребите за електрична енергија во државата и голем дел од потребите од јаглен (лигнит) за индустриските котларници и домаќинства.

Основна дејност на комбинатот е производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија. Во комбинатот работат околу 3200 работници од разен профил и се произведуваат околу 4,2 гигавати часови електрична енергија.

Во рамките на комбинатот работи рудник-површински коп со капацитет за годишно производство од околу 6 милиони тони јаглен и повеќе од 20 милиони кубици јаловинa. Термоелектраната Битола има 3 блока со инсталирана снага од 3 х 210 MW – Т.Е. Дел од комбинатот е и Фабриката за опрема и делови (ФОД).

ЗК – Пелагонија

Земјоделскиот комбинат Пелагонија зафаќа голема површина од Пелагониската рамнина. Формиран е во 1963 година, а денес во него работат околу 850 вработени, а е групиран во 8 производствени единици. Покрај поледелство, комбинатот се занимава и со одгледување на крупен и ситен добиток. Со есенската сеидба на 8000 хектари се засадува пченица, јачмен и др, потоа засади со јачмен околу 3-4000 хектари, со пченка се засадуваат околу 4000 хектари итн. Во рамките на комбинатот функционираат и 2 рибника со крап и калифорниска пастрмка. Развиено е и овчарството со над 8000 овци, крупен добиток со 2000 грла и фарма со свињи. ЗК пелагонија го помага и индивидуалното сточарство.

Покрај овие поголеми економски субјекти, има и други позначајни приватни претпријатија како што се ДОО Стентон градба, Мариово инвест, Гулевски-компани итн.

Back to top