Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Реакција на прес-конференцијата на Стевче Стевановски

Почитувани,

ВМРО ДПМНЕ не престанува да ја дефокусира јавноста за нивните внатрепартиски проблеми да бидат затскриени и сее магла кога тоа не е потребно.Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Новаци, Стевче Стевановски сѐ со цел да го оправда пред јавноста гласањето на советниците на ДПМНЕ „ПРОТИВ” набавката на возило за собирање на отпад, кажа низа невистини деградирајќи ја работата на градоначалникот Кузманоски.

Возилото за кое зборува Стевановски е купено со грант од проектот за подобрување на општинските услуги МСИП во износ од 4.612.362 денари како и кофинансирање од Општина Новаци во висина од 440.000 денари.

За разлика од минатите години кога ЈКП „Комунална Хигиена” – Новаци воопшто не располагаше со сопствен возен парк и се трошеја илјадиници евра за изнајмување на возило од приватни фирми, денес располагаме со сопствена механизација за нормално функционирање на јавното претпријатие, како и автобус и минибус за превоз на учениците до училиштата.

Изнесување на невистини и манипулации со јавноста, тоа е добро позната пракса на ОО ВМРО-ДПМНЕ Новаци. Наместо да ја поддржи и охрабри неуморната работа на комуналните работници кои со целокупната расположлива опрема, на минусни температури, во три смени го чистеа снегот од улиците и јавните површини во населените места во Новаци, тој лицемерно, бесрамно и неосновано критикува омаловажувајќи ја работата на чесниот работник.

Во недостаток на вистински теми за критика, неразбирливо и смешно е што ВМРО ДПМНЕ се дрзнува да зборува за инвестиции во механизација и опрема, кога тие додека беа на власт не купија ниту една нова лопата.

Граѓаните добро знаат, но нека одговорат господата од ВМРО ДПМНЕ како се справуваа тие со снегот додека беа на власт и како изгледаше Новаци со 10 сантиметри снег? Како беа расчистени коловозите, тротоарите и јавните површини? Нека одговорат и колку пари потрошија за ангажирање на механизација за чистење за четири години и каква опрема за чистење набавија?

За потсетување на Стевановски, двата трактори за кои зборува се купени во време на мандот на градоначалникот Љубе Кузманоски преку проекти за прекугранична соработка. А кога сме за домаќинското трошење на парите на граѓаните, сеуште пристигнуваат неплатени сметки од кафани и хотели каде што претходното раководство од ВМРО-ДПМНЕ Новаци се забавувало.

Оваа локална власт предводена од градоначалникот Љубе Кузманоски постојано е посветена, тековно инвестира и ќе продолжи да работи за подобрување на условите за комуналните работници и подобрување на услугите за граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ со сегашната партиска гарнитура нека се подготви за уште еден поголем пораз од оној во 2020 година на овогодинешните локални избори.

Со почит,
Општина Новаци

Back to top
Skip to content