Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Премиерот Заев оствари средба со градоначалниците од Пелагонискиот регион

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и од советниците, Фидан Колев, за транспорт и врски и Виктор Петрушевски, за локална самоуправа, имаше состанок со претставници на Советот за развој на Пелагонискиот регион, претседателката на Советот и градоначалничка на Битола, Наташа Петровска и со членовите на Советот, градоначалници на општините коишто припаѓаат на овој регион, меѓу кои и градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски.

На состанокот заеднички е констатирано дека инфраструктурниот развој носи и економски развој и развој на туризмот и во таа насока се поздравени заложбите на Владата за подобрувањето на квалитетот на живот на сите граѓани во државата и отвореноста на Владата за соработка и поддршка на планските региони и на локалната самоуправа.

Посебно е разговарано за активностите во насока на значителен развој на Пелагонискиот регион, како територијално најголем плански регион во нашата држава.

Од страна на премиерот Заев и на вицепремиерот Битиќи и министерот Бочварски се објаснети постапките во инфраструктурите проекти, како што се клучните делници за патно поврзување на овој регион со другите региони, гасификацијата и во делот на животната средина, решавањето на прашањето со депониите, како клучни прашања за коишто имаше изразен интерес за разговор.

„Наша цел е забрзан економски развој на државата и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и во градовите и во селата и отпочнати се сериозни проекти во делот на патната инфраструктура, водоводите и канализациите, затоплувањето, зелената енергија, гасификацијата, за коишто има обезбедно и инвеститори и средства од државата“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот Битиќи нагласи дека има сеопфатен пристап на капиталните инвестиции и определеност за нивна реализација во кратки рокови, секаде каде што е тоа можно, како и дека се работи на повеќе поголеми капитални инвестиции, коишто ќе придонесат во развојот и на Пелагонискиот регион. Министерот Бочварски нагласи дека во делот на патиштата во овој плански регион, фокусот е на експресниот пат Градско – Прилеп и на делниците Прилеп – Битола и Битола – Меџитлија.

На состанокот се поздравени напорите на премиерот Заев и на Владата за исчекори во евроинтеграциите и паралелно со тоа решавањето прашања од секојдневниот живот на луѓето во земјава.

Back to top