Предновогодишно обраќање на градоначалникот Кузманоски
Градоначалникот Љубе Кузманоски на прес-конференција пред медиумите информираше за реализираните проекти на Општина Новаци во изминативме 3 години. Обраќањето на градоначалникот Кузманоски ви го пренесуваме интегрално.
Почитувани,
Поминаа 3 години од мојот мандат како градоначалник на Општина Новаци. Изминатиов период докажавме дека може да се работи поинаку.Нашите политики по сите основи и во сите области се разликуваат од претходните. Општина Новаци стана отворена и транспарентна општина во служба на граѓаните, финансиски, стабилна, развојно ориентирана и економски просперитетна општина. Но, морам да нагласам дека во последниве 9 месеци, како и целиот свет така и ние сме зафатени од пандемијата на Ковид-19 и се соочуваме со нејзините последици во секој поглед. Но, и покрај предизвиците кои ги донесе оваа пандемија, сепак успеавме целосно да ги реализираме планираните проекти за оваа година.
Што сработивме во овој три годишен период? За реализираните проекти ќе ве информирам по области.
Работевме на подобрување на патната инфраструктура. Во изминатиов период со финансиска поддршка од Влада на Република Северна Македонија преку Јавното претпријатие за државни патишта, Бирото за рамномерен регионален развој и сопствен Буџет, реконструиравме и изградивме нови регионални и локални патишта во должина од 34 км, локални улици во должина од 7.5 км, полски патишта во должина од 20.6 км километри на територијата на целата општина.
Ја подобруваме канализационата и водоводната инфраструктура и влиаеме на заштита на животната средина со Изградба на секундарна канализациона мрежа со 10 нови краци во Новаци ,со изградба на порој во село Гермијан во должина од 1.5 км .Изградивме 2.5 км атмосферска канализација и го Реконструиравме доводниот цевковод од 5-те чешми во 4 населени места во Мариовскиот крај во должина од 13 км и во уште неколку други населени места.
Наш приоритет во овој период беа и децата од предучилишна и училишна возраст. Во најскоро време ќе биде отворена новата детска градинка Бамби која што е опремена со најдобри услови и капацитет од 50 дечиња. Извршивме реконструкција на две подрачни основни училишта во с.Бач и с.Горно Агларци.
Во село Долно Агларци изграден е мултифункционално игралиште. Нови санитарни јазли се изградени во малата училишна зграда во Новаци. Обезбедивме и 25 инвертер клими и прочитувачи на воздух и друга опрема за подрачините училишта во Општина Новаци.
Општина Новаци, изминативе три години инвестираше и во изградба на паркови и нови зелени површини. Изградивме рекреативен парк во село Горно Агларци, Долно Агларци, а во село Градешница изградивме капалиште со партерно уредување на река Градешка.
Во селото Рибарци направивме санација на фонтаната која и партерно ја уредивме. Го модернизиравме јавното улично осветлување со нови 1083 лед светилки и дополнителни 350 со што добивме модерен, ефикасен и економичен систем на улично осветлување кој носи заштеди.
Изградивме водопоила во 10 населени места, а за потребите на земјоделците изградивме и саниравме 3 брани за наводнување. Во соработка со Битолско поле исчистени се 60 километри каналска мрежа.Заменети се врати и прозори на амбулантата во село Маково, изграден е повеќенамески објект во селото Далбеговци како и автобуска постојка. Село Бач за прв пат доби рурална амбуланта.
Најголемата инвестиција Општина Новаци во изминатиов период ја направи во набавка на нова опрема и комунална механизација за потребите на ЈКП „Комунална Хигиена“ како и Општина Новаци во вредност од 450 илјади евра. (комбинирана машина ровокопач, камион цистерна,камион кипер со ротационен распрскувач на сол и ризла и плуг за снег, минибус со 30 седишта и комбе со 9 седишта.
Реализирани се и два прекугранични ИПА проекти со Р.Грција преку кои обезбедени се два трактори , два плуга за снег,2 мулчери , тракторска приколица, хидраулична рака за собирање на биомаса, корпа за утовар , балирачка и котел за парно греење со целосна инсталација за потребите на детската градинка.Изградивме високо ефикасен систем на загревање на детската градинка –од биомаса до енергија .
Во тек е реализација на капитален проект –реконструкција на дел од општинска зграда во Новаци.
Почитувани сограѓани,
Сега кога заедно ја испраќаме 2020 година, да ги земеме со себе позитивните искуства и успесите и да си посакаме што побрзо да помине ова сивило што ни го донесе пандемијата со коронавирусот.
На прагот на Новата Година, пред нас се нови предизвици и уште многу заеднички достигнувања. Вашата поддршка е најголем мотив во остварувањето на нашата цел – да направиме општина Новаци да биде поубаво и посреќно место за живеење.
Да ги пречекаме новогодишните празници во мир, спокој и благосостојба со најблиските, притоа почитувајќи ги препораките од Министерството за здравство и да празнуваме одговорно за да можеме што побрзо да се вратиме во нормала.
Драги мои сограѓани, во име на Општина Новаци и во мое лично име, во Новата година вам и на вашите семејства Ви посакувам пред се здравје, среќа, радост, успех и просперитет, со единствена желба наредната година да славиме заедно како во минатото!
Среќна Нова година и Среќни Божиќни празници!