Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Сите вкусови и бои на македонската трпеза претставени на манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“

Успешна реализација на манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“ во организација на Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза“-Битола.

Сите вкусови и бои на традиционалните македонски производи денеска беа претставени на втората по ред манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“ во организација на Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза“-Битола.

Саемот кој има за цел да ја промовира  традиционалната македонска  храна ги собра на едно место земјоделци, производители и иноватори на нови вкусови од сите страни на Македонија.

Промотивниот настан за поттикнување и развивање на органското производство беше поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.

Според заменик министерот за земјоделство, Благе Цветковиќ, преку поинтензивниот развој на органското земјоделство логично се очекува и одржување на бројот на жители во руралните средини и позабрзан развој на селата.

–Ги поддржуваме  настаните за промоција на органското производство, го поддржуваме  и поттикнуваме  органското производство зашто тоа ќе може да се пласира на домашните странските пазари. Последниве години забележлив е трендот и зголеменото органско производство, кое е координирано со финансиската поддршка од  страна на Владата. За 2019 година беа обезбедени 89 милиони денари поддршка програмирани преку мерката за директни плаќања кои се од 50 до 100 проценти повисоки во однос на поддршката кај конвенционалните земјоделски производители. Земјава има големи природни потенцијали за развој на органско производство, рече Цветковиќ.

Валентина Соколовска претседател на Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза“-Битола истакна дека замислата на настанот да ги претстави традиционалните производи и традиционалната македонска кујна е исполнета во целост.

Настанот е можност присутните излагачи да се информираат и за начинот како да се сертифицира органското производство за што Соколовска смета дека производителите не се доволно информирани околу оваа постапка.

Учесниците на манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“имаа можност да чујат стручно излагање од Горан Колев од „Процерт“-сертификациско тело кое е акредитирано и овластено за сертифицирање на органски производители, за начинот за сертифицирање на производите во органски производи.

-Во државата се сертифицирани околу 1.000 субјекти, дел за растително производство, но има и сточари, пчелари, преработувачи, трговци и други. Тие во секојдневието се среќаваат со различни проблеми, малите производители се соочуваат со проблеми со пласманот, не се достапни до купувачот, или не се доволно информирани со кои заштитни средства може да се заштитуваат одредени производи, изјави Колев, претставник на сертификациското тело, акредитирано за контрола и овластено од МЗШВ.

Производителите, учесници на настанот со посредство на ЗЕЗ „Зелена берза“ – Битола промовираа и дел од своите производи.

-Се што правам сама го одгледувам во мојата вила помеѓу Кажани и Ѓавато, Битолско. Самите си правиме хумус, садиме производи и не ги прскаме со никакви хемикалии. Се правам за нас и за блиски мои луѓе, не за комерцијална  продажба, изјави Верица Бутлевска од Организација на жени на Битола која меѓу другите производи се претстави  и со  зелник со печурка Вргањ.

Благој Јовчевски од пчеларник Б.Н претстави органски мед и други производи.

-Започнавме 2005 години, на самиот  почеток со сандук до два, колку за домашна употреба, а потоа како се бараше медот се проширувавме. Сега имаме 350 семејства, работиме на повеќе локации околу Пелистер. Работата се исплати. Органскиот мед го продаваме по 400 денари од тегла, рече Јовчевски.

Фармерот Илчо Даскаловски од Мало Коњари, Прилепско ги воодушеви посетителите со вкусот и изгледот на биеното сирење.

-Имам своја фарма со четириесетина крави од кои половина се молзни и произведувам традиционално биено сирење , суровината е  добиена од мојата фарма. Ова е техника и технологија за која треба многу време за да се изработи, важна е суровината, хигиената на млекото и други фактори. Биеното сирење е едно од најтешките за производство, потрошувачите го бараат, рече Даскаловски.

„Силата на бабата“, здружение на жени од Општина Новаци ги покажа на дело сите вештини на сукање на мазници и зелници, питулици, тикварник и други благи производи.

-Веќе шеста година по ред се дружиме и произведуваме домашни производи. Одиме по натпревари и добиваме награди, а кога во општина Новаци ќе дојдат странски гости, дипломати со задоволство уживаат во сите вкусови, рече Верка Котевска од здружението „Силата на бабата“.

Александра Печалева од Битола се претстави со впечатлива традиционална софра, со тава потпечен карфиол, со сармички од лозов лист и нешто поинакво сармички завиткани во црвена сушена пиперка. Питулици со лук и што уште не.

-Туристите кои доаѓаат кај нас го сакаат нашето традиционално јадење. За нас гравот не значи ништо посебно , но за нив гравче –тавче е специјалитет исто и  полнети пиперки. Мојата ќерка работи со туристичка агенција и туристи од секаде од светот доаѓа во нашиот дом, во нашиот двор да ја вкусат нашата традиционална храна, рече Печалева.

Во рамки на проект проектот „Незаменливиот вкус на традицијата“ ќе биде објавена публикација посебно корисна за младите да се поттикнат да се занимаваат со земјоделство и традиционален начин на приготвување различни македонски специјалитети, беше истакнато на настанот.

 

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top
Skip to content