Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Промовирана книгата „Црна точка“ од проф.д-р Даниела Андоновска -Трајковска

Во Младинскиот културен центар во Новаци во рамки на манифестацијата „Културно лето Новаци 2017“беше промовирана книгата „Црна точка“ од проф.д-р Даниела Андоновска -Трајковска.

Книгата е составена од три циклуси „Точка“ , „Ортоми“ и „Плетенки“ , издавач е Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ Битола .

„Книгата поезија „Црна точка“ на Даниела Андоновска-Трајковска стои како меѓа на пресликот на судирот на два универзуми кои се спојуваат исто толку брзо колку и што се раздвојуваат, клокоти пред читателот предизвикувајќи го да наѕре во двете страни. Егзотична и мистериозна, расфрла прашалници, но и извичници. Таа е точка спојница или точка основоположничка на нови конструкции на повеќедимензионалноста на (б)иднината.
Трите циклуси во кои се групирани песните од книгата се траекторијата на точката која проблеснува низ три проекции во координатниот систем на животот во чиј координатен почеток е поставен човекот.
Даниела Андоновска-Трајковска со ахроматски бои слика концепт на живот во кој таа стои исправена со издраскани стапала вкопани во калта на живеачката и со оспокоен поглед наднебесно втренчен во димензијата на полнодушноста и оѕвезденоста на живеењето на сонот. Таму проекцијата на исклучителните кои живееле „долу“ блеска во друга димензија – „горе“, навестувајќи ја симбиозата на универзумите во зародишот на едно инакво живеење, едно мултиплицирано заедничко суштествување чија тајна е сместена во сефот на срцето.
Во нејзината црно-бела композиција, таа ја издвојува највпечатливата единка од множеството недогледи, онаа која не може а да не се види во својата устоличена позиција, истовремено провоцирајќи ја впечатливоста на неоткриеноста на белината во контрастот на нејзината опозиција, со што забележливо озрачува фина мрежа врз неиспишаната страница живот исцртувајќи нови димензии на волшепството на убоста.“ – истакна Весна Мундишевска-Велјановска рецензент на книгата.

„Силната персонификација која доминира во неколкуте стихови во песната „Маски“ се појавува како предизвик на одобрување или осудување на фактите кои ги донесува метафората објаснувајќи ги низ еден кроток афект на скалилото на човечката природа и опстојба.
Навлекувајќи ја лутината можеби од погледот на должноста кон правдата со непоколеблива храброст Даниела Андоновска –Трајковска предадена на наследство навидум немоќна „останувам да лежам“ во делот од просторот „ тело“ безживотен но духовно свесен, ја чувствува бурната свирепост „ на маршот на црвјето“ односно дегенеративните луѓе, ја „слуша“ односно ја восприема битнината и се бори да овозможи прибежиште од непријатноста на суровата реалност. Таму каде „каменот“ семантички алудира на цврстината на еден човечки род, каде тој ист род се покрива со листови од липа . Зошто токму листови од липа? Дали тука имаме еден проткаен симболизам на дрвото липа како свето дрво на словенизмот кое треба да претставува штит од злите сили, и да обезбеди долговечност на родот , за да не може никој да го преобликува. Првоначално да си остане заштитено од распадот на заборавот кој му се заканува за на крајот да заврши помеѓу граничната линија помеѓу копното и водата и да стане илузија за осуда. „Нова маска да испливува на брегот“?
Најстарата маска е камена, со неа се преправал ликот, се штитело лицето, се затскривало, архетип на нашиот идентитет во туѓите очи. Даниела Андоновска -Трајковска со стихови војува против неправдата, секој јазичен знак во стихот тежи доблестна смелост.
Силната порака на насловот „Маска“ е една конкретна ситуација во која се наоѓаат луѓето денес, и кои не треба да замижат пред идните последици.“ – истакна Елизабета Јончиќ претседател на Културно иновативниот клуб и модератор на настанот како свој инспиративен впечаток од прочитаните стихови на песната „Маска“.
Поетеста истакна благодарност до градоначалникот на Општина Новаци г-дин Лазар Котевски, издавачот М-р Зоран Пејковски, илустраторот на корицата Магдалена Филовска , на организаторот и присутните гости чија што поддршка и отвора ново задолжение за понатамошни остварувања.

 

Back to top
Skip to content