Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Меморијалниот туризам гради мост помеѓу Мариово и Коломбел

Во периодот на Првата светска војна, на територијата на Општина Новаци била водена една од најзначајните битки: битката на Кајмакчалан.

Спомен плоча со имиња на загинатите војници од Првата светска војна, по примерот на споменикот во француската Општина Коломбел ќе биде поставена и во Општина Новаци, во знак на мирот и помирувањето од Првата светска војна.Ова е само еден од чекорите кои новата локална власт во Општина Новаци ги презема како продолжување на соработката со француските партнери од Долна Нормандија.

Меморијалниот туризам зазема значајно место во стратегијата за развој и промоција на Општина Новаци, на чија територија веќе се направени позначајни истражувања и обележувања на повеќе историски места поврзани со Првата светска војна, а кои се достапни за туристите. Во периодот на Првата светска војна, на територијата на Општина Новаци била водена една од најзначајните битки: битката на Кајмакчалан. Според некои податоци, учествувале над 1.200.000 војници од двете завојувани страни. Овој регион стана огромна гробница на загинати војници и сведок на стравотиите и ужасите од војните.

– Во 2018 година ќе продолжи и соработката со Општина Коломбел од Франција и АЛДА на тема Прва светска војна. Оваа година се навршуваат 100 години од завршувањето на оваа голема војна, па општина Новаци ќе биде организатор на настаните. На своја територија ќе постават спомен плоча со имињата на загинатите војници од Првата светска војна, нешто слично како споменикот во Коломбел, кој беше поставен мината година во ноември – најави градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски.

Новаци има аплицирано за проект за локална и регионална конкурентност во туризмот кој чини околу 677.000 евра, а ќе се реализира во соработка со АЛДА од Скопје и ЦГИ од Прилеп. Со овој проект е планирано да се реконструира основното училиште во селото Скочивир и негова пренамена во сместувачки капацитети, реконструкција на шесте живеалишта, ровови од Првата светска војна кои се наоѓаат во Мегленци, кота 1050, целосна реконструкција и адаптација на поранешното училиште во селото Градешница и негова пренамена во Музеј на Првата светска војна, мапирање на линијата на фронтот и соодветно означување и обележување, серија работилници на домашни и странски експерти на тема Прва светска војна.

Инаку, за првпат на меморијален споменик во Франција се испишани имиња на Македонци кои биле мобилизирани во туѓи војски за време на Првата светска војна и загинале на македонскиот фронт. Токму 32 имиња на Македонци се изгравирани на Споменикот на Првата светска војна во Градината на мирот во Коломбел. На споменикот се испишани имињата на загинатите од општините Штајнхем (Германија), Коломбел (Франција), Новаци (Македонија) и Корнака (Нигер).

Меѓу нив е и името на војникот Петко Лисковски од село Добрушево, на чиј гроб пишува дека служел во три војски и тоа, турската, српската и бугарската.

– Овој споменик е само потсетник на разорните последици кои ги оставаат војните. Затоа, во иднина нека послужи како пример тоа да не се повтори. Настанот беше во знак на помирувањето и на нашата понатамошна соработка со останатите три општини, на размената на искуства и знаења и вложувањето во иднината на нашите деца – рече градоначалникот Кузманоски.

 

Back to top
Skip to content