Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Со европски пари до санација на оштетената инфраструктура од поплавите

Sostanok_Bitola3

Откако Европската унија ја одобри втората компонента од Програмата за санација на штетите од поплавите во 2015 година, фокусирана на водостопанската инфраструктура, во Битола беше одржана првата координативна средба со засегнатите страни за усогласување на приоритетните мерки во пелагонискиот регион.

На градоначалниците и другите претставници на општините, кои беа најпогодени од поплавите минатата година, им беше претставен типот на интервенциите за кои што може да се искористи финансирањето од ЕУ. Низ стручна расправа во која учествуваа претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и а.д. Водостопанство со своите подружници во Прилеп и Битола, беа дефинирани приоритетите и динамиката на реализација на мерките.

Со вкупна вредност од над три милиони евра наменети за пелагонискиот регион, Програмата на ЕУ предвидува чистење на 57 километри од речното корито на Црна Река и 106 километри од притоките во сливот на Црна Река, санација на насипите и подобрување на работата на браните со цел зголемување на нивната улога во заштитата од поплавите. Покрај санацијата на оштетената инфраструктура, мерките имаат за цел да ја зголемат нејзината отпорност кон идни слични влијанија, но и да ја подобрат ефикасноста во заштитата од поплавите.

„Пред да започнат активностите на терен, од партнерите на Програмата бараме сугестии за приоритетни критични локации на кои би се спровеле мерките. Исто така, од големо значење за нас е да обезбедиме информации за слични мерки спроведени во текот на минатите месеци од страна на институциите на централно и локално ниво“, рече Димитрија Сековски од УНДП, Раководител на Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите.

Sostanok_Bitola2

Претставниците на институциите информираа за досега преземните мерки за заштита од поплавите и ја изразија својата поддршка на мерките планирани во рамките на Програмата на ЕУ.

„Во изминатиот период извршено е превентивно чистење на околу 30 километри речни канали и притоки од крупна вегетација и извршена е санација на 16 пропусти“, информираше градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Програмата за санација на водостопанската инфраструктура, вредна 6,820,000 евра, е втора компонента од Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите, која вкупно изнесува 10 милиони евра.

Најголемиот дел од средствата оваа компонента се наменети за сливот на Црна Река (Пелагонија), како едно од подрачјата во државата што се најзасегнати од поплавите. Очекуваните интервенции во овој регион вклучуваат чистење на речните корита и каналската мрежа, санација на оштетените насипи и брани, како и зголемување на улогата на браните/акумулациите во заштитата од поплавите во иднина. Мерките ќе се спроведуваат на териториите на општините Могила, Новаци, Битола, Прилеп, Крушево и Кривогаштани, со поддршка на Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите.

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top