Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

ОТЧЕТ 1 ГОДИНА РАБОТА НА ОПШТИНА НОВАЦИ

На истекот од едногодишниот период во кој Вие, жителите на Општина Новаци, ми ја дадовте својата доверба, пред Вас стојам со сработеното, со реализираното од она што го ветив во мојата предизборна програма.

Со својата енергична, чесна, одговорна и посветена работа, работа која носи подобро, во дослух со Вас, одговарајќи на вашите потреби и барања, ги креиравме нашите приоритети, обидувајќи се согласно можностите, да излеземе во пресрет на секој поединец, кој во Општина Новаци ја гради и живее својата сегашност, ја планира иднината, својата и на своите деца.

Една година, колку што стојам на располагање на жителите на Општина Новаци, не се многу долг период, но сепак, во овој временски интервал, водејќи се од дадениот збор пред Вас, вашата дадена доверба и мојата одговорност кон дадените ветувања, оваа локална самоуправа успеа да реализира голем број проекти од голема важност за жителите на овој дел од Пелагонија.

Од вкупно 130 проекти во мојата изборна програма, во оваа измината прва година реализирани се околу 58, дел од вкупниот број се во почетна или завршна фаза на реализација а останатите ќе бидат завршени во преостанатите три години од мојот мандат. Некои од проектите се развојни и повеќегодишни за чија реализација е потребен подолг временски период.

1. Асфалтирани се локални улици во должина од 2,1 км во Општина Новаци со вкупна вредност од 10 милиони денари со што целосно е реализирана Програмата за изградба и одржување на локални патишта и улици на територијата на Општина Новаци за 2022 година. Со Програмата за изградба и одржување на локални патишта и улици беа опфатени следните населени места во Општина Новаци и тоа: Новаци, Гермијан, Добромири, Горно и Долно Агларци, Гнеотино, Рибарци, Тепавци, Скочивир, Живојно и Далбеговци, што придонесе за подобрување на цела патна инфраструктура во општината и подобро поврзување на нашите жители, со оглед на тоа што Новаци е една од општините со најголема територија, односно 750 км².

2. Асфалтирање на улица во с.Зовиќ и патна делница која води од с.Градешница до познатиот манастир Св. Илија (Брен).

Асфалтирана е улица во с.Зовиќ и патна делница која води од с. Градешница до познатиот манастир Св. Илија (Брен). Подобрувањето на патната инфраструктура во Мариово, пред се, ќе им овозможи подобро искуство на најмалку 10.000 гости од земјата и странство кои на годишно ниво го посетуваат Мариово и селото Зовиќ, како и развој на руралниот туризам, кој претставува стратешка цел на општината, со оглед на бројното историско, културно и природно наследство кое го имаме во овој дел на општината. Овие две инвестиции чинат околу 6.000.000,00 денари.

3. Рехабилитација на патишта во селата Грумази и Брник

Направена е рехабилитација на патиштата во Грумази 10 км и Брник во должина од 4,2 км. Средствата во висина од 600.000,00 денари се обезбедени од Буџетот на Општина Новаци, согласно јавната набавка за ангажирање на градежна механизација.

4. Пат до манaстирот Св.Илија во Живојно до с.Совиќ

Пробиен е пат од манастирот Св.Илија во Живојно до с.Совиќ во должина од 9 км, во вредност од 300.000,00 денари.

5. Санација на полски патишта

Полските патишта се од голема важност за населението во општина Новаци, имајќи предвид дека сме рурална општина во која голем дел од жителите се земјоделци. Санацијата на истите им ќе им овозможи полесен и побрз пристап до обработливите површини. За таа цел, санирани се полски патишта низ Општина Новаци во вредност од 1 милион денари.

6. Изградени се нови тротоари во селата: Долно Агларци во должина од 100 метри, вредност 339.989,00 денари, во Далбеговци во должина од 160 метри, вредност 574.232,00 денари. Потпишан е договор за изградба на тротоари во селата Добромири во должина од 380 метри со вкупна вредност од 1.727.154,00 денари и во Рибарци и тоа 3 краци: крак 1- 77.8 метри, крак 2 -192.45 метри и крак 3- 35 метри со вкупна вредност од 1.083.001,00 денари. Средствата се обезбедени од програмата за фосилни горива.

7. Започнa да се гради цевковод за снабдување со вода на селата Бач, Брод, Живојно и Добровени. Проектот чини 27.604.929,00 денари од кои Општина Новаци од својот сопствен буџет ќе обезбеди 1.331.879,00 денари. Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од грант согласно договорот за финансирање помеѓу РМ и Европска инвестициона банка за проектот.

8. По барање на Месната заедница на с.Долно Орехово, на седница на Советот на Општина Новаци одобрени се финансиски средства во висина од 123.566,00 денари за набавка на градежни материјали за решавање на проблемот со водоснабдувањето. Поставено е пластично полиетиленско црево Ф 63 во должина од 450 метри и соодветните спојки со цел да се реши долгогодишниот проблем со водоснаб-дувањето на жителите на ова мариовско село.

9. Изградба на атмосферска канализација за с.Добромири

Изградена е атмосферска канализација во с. Добро-мири во должина од 320 метри со средства од Програмата за фосилни горива во висина од 1.435.352,00 денари. Целта на атмосферската канализација е прифаќање и акумулирање на атмосферските води од улицата и надминување на овој долгогодишен проблем со кој се соочуваа жителите на село Добромири.

10. Завршена е изградбата на атмосферската канализација за селата Долно Агларци (305 м) и Горно Агларци (255 м), со вкупна должина од 600 метри, преку програмата за Фосилни горива од Министерството за животна средина и просторно планирање. Вредноста на овие проекти изнесува 771.359,00 денари за Горно Агларци, додека 926.506,00 денари за Долно Агларци.

11. Направена е санација и реконструкција на постоечкото газилиште на река Елешка кое било направено во 2014 година. Имено, при секое надоаѓање на реката газилиштето беше оштетувано, па затоа сега направена е реконструкција при што направени се пристапите од лева и десна страна со бетонска темелна плоча, армиран бетон и поставени се цевки Ф800 за пропуст на водата. Средствата во висина од 988.047,00 денари се обезбедени од Програмата за фосилни горива на Министерството за животна средина и просторно планирање.

12. Исчистен е поројот во село Гермијан, кој беше целосно запоставен, запуштен и обраснат со бујна вегетација од моментот на неговата изградба до денес. Поројот беше изграден со цел да им даде заштита од поплави на месното население а во состојбата во која се наоѓаше претставуваше огромен ризик при појава на овие несакани природни непогоди. Акцијата за чистење се спроведе во соработка со ЈКП „Комунална хигиена“ Новаци и АД „Водостопанство Подружница Битолско поле“.

13. Целосно е исчистена дивата депонија во атарот на село Новаци кон патот Ергела од натрупаното ѓубре и градежен шут кој тука беше одлаган и натрупан на диво. Вредноста на оваа акција изнесуваше 298.305,00 денари.

Исто така исчистена е и дивата депонија во село Добромири од натрупаното ѓубре и градежен шут во вредност од 151.515,00 денари. Исчистена е и дивата депонија од натрупано ѓубре, смет во Новаци кај еден наш жител за што се потрошени 37.853,00 денари.

14. Реконструирано е подрачното училиште во Добромири (препокривање на кров и ентериерна санација, адаптација на санитарни јазли, водовод, канализација, санитарии, систем за централно греење, соларен систем за загревање, машинство и сл.) со вкупна вредност од 5.170.688,00 денари со средства од МОН.

Исто така, заменети се старите и дотраени лавабоа и чешми во подрачните училишта Живојно и Гермијан, а ќе започне и санацијата на електричната инсталација во училиштата во Бач, Живојно и Гермијан.

15. На иницијатива на градоначалникот Стевче Стевановски и Советот на Општина Новаци, како минатата, така и оваа година, набавени се 24 таблети за децата од четврто одделение при ОУ „Славко Лумбарковски“ со цел непречено следење на наставата по новата програма концепција за основно образование, која за прв пат се воведе минатата година. Минатата година таблети добија 14 ученици во четврто одделение. Родителите на учениците уште минатата година реагираа до Градоначалникот на општина Новаци, со оглед на тоа што немаа учебници да ја следат наставата, а не секој може да му обезбеди таблет или паметен телефон на своето дете, поради што во соработка со Советот на општина Новаци, Градоначалникот реши да им излезе во пресрет на сите дечиња и да им набави ваква опрема за редовно да може да ја следат наставата.

16. Завршена е изградбата на спортската теретана на отворено која содржи четири справи за вежбање во склоп на дворот на спортската сала во Новаци во склоп на дворот на спортската сала во Новаци.

Проектот го реализира општина Новаци во соработка со Здружението за унапредување на демократските процеси Про Локал од Битола.

Вкупниот износ на спортската теретана на отворено 268.386,00 денари од кои 2000 евра од Здружението Пролокал и донаторот Холандска амбасада а остатокот во висина од 148.386,00 денари се обезбедени од Општина Новаци.

17. На барање на младите од село Гермијан и регионот, а со цел да им се обезбеди соодветно место и објект за дружење, забава и работа, се изврши реконструкција и пренамена на општински објект во младински клуб. Руинираниот објект во с. Гермијан целосно е реконструиран, обновен и пуштен во употреба во присуство на младите и жителите на село Гермијан. Комплетно е исчистен стариот објект, се реновираа ѕидовите, заменета е старата со нова ПВЦ дограма и внатрешно е уредена кујна, шанк и останат потребен инвертар. Реновирањето на ентериерот на Младинскиот клуб во Гермијан изнесува 443.487,50 денари плус ДДВ, а средства се обезбедени од буџетот на Општина Новаци.

18. Започната е изградбата на капела во с.Далбеговци. Вредност на овој проект изнесува 10.000,00 евра во денарска противвредност, а истите се обезбедени од Буџетот на Општина Новаци. Направена е санација на капела во с.Бач, во вредност од 303.005,00 денари.

19. Направено е партерно уредување на манастирот Св. Илија во с.Живојно вредност 483.328,00 денари

20. Реконструиран е помошен објект за потребите околу храмовата слава на манастирот “Рождество на Пресвета Богородица” и други настани, како и изработка на бетонско плато пред објектот на вкупен износ од 523.460,00 денари, средства обезбедени од јавните набавки за градежни материјали во текот на 2022 година од страна на општина Новаци. Објектот е завршен и целосно функционален.

21. Општина Новаци и оваа година додели еднократна парична помош на семејствата со прваче во висина од 6.000,00 денари. Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. Овој надоместок се зголеми минатата година со отпочнувањето на мандатот на градоначалникот Стевановски. Ова е втора година како првачињата во Општина Новаци добиваат еднократна парична помош со овој износ. Сметаме дека на овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете. Паричниот надоместок за новородено дете беше 5.000,00 денари, но од оваа година е зголемен на 6.000,00 денари.

22. Изградбата и реконструкција на детски паркови е еден од нашите приоритети. Да обезбедиме место во кое нашите најмлади жители, но и останатите ќе можат да се рекреираат и забавуваат. На барање на жителите на Новаци, Советот и Општина Новаци им додели околу 150.000,00 денари за реконструкција на детското паркче. Жителите сами со здружени сили поставија ограда, бетонска маса, клупи и сл.

23. Со поддршка од СЕКЕ Прилеп заменети се старите и дотраени играчки со нови во детското паркче во с. Далбеговци.

24. Го организиравме традиционалниот настан за Богојавление Водици 2022 година во 14 населени места во Општина Новаци и за таа цел се исплатени вкупно 84.000,00 денари.

25. Општина Новаци доби мултифункционално противпожарно возило за гаснење на пожари, донација од Операција Флоријан со кои е потпишан Меморандум за разбирање и соработка во областа на градење на капацитети и развој на противпожарната служба.

26. Направена е показна вежба со што беа претставени капацитетите на општината во поглед на противпожарната заштита каде учество зедоја доброволни противпожарни друштва од Новаци, Битола и Прилеп. Показната вежба беше по повод посетата на делегацијата од збратимената општина Хрпеље Козина од Р Словенија. Целта на вежбата беше понатамошна соработка со доброволните друштва од Словенија за едукација, материјално техничка соработка и заеднички активности. Исто така, формирано е и доброволно противпожарно друштво во општина Новаци.

27. Општина Новаци тргнувајќи од законска обврска, со цел поттикнување превентивно – едукативни мерки за заштита од пожар во месецот за заштита од пожар, започнува денови за претставување на противпожарна заштита во пресрет на сезоната на шумски пожари, со една цел презентација на своите капацитети, како човечки и материјални ресурси претставени преку доброволната противпожарна единица и соработката со соседните доброволни противпожарни друштва, потоа добиената донација на опрема Операција Флориан. Главна цел беше да се едуцираат и информираат граѓаните пред се за постапките, причините за настанување на пожар на отворен простор како и последиците од шумски пожари.

28. Едно од предизборните ветувања беше субвенционирање за набавка на клима уреди во првите 100 дена од мандатот. Распределбата на средствата за субвенционирање се изврши врз основа на уредна и комплетна документација според редоследот на поднесување на пријавите. Оваа мерка беше предвидена во насока на заштита на животната средина како и помош за жителите на општината кои сакаат да набават високоефикасни инвертер клима уреди, со цел стимулирање на домаќинствата во општина Новаци за користење на извори на енергија за затоплување на своите домови кои минимално го загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, а притоа да ги заменат печките на тврди и фосилни горива кои ги користат за затоплување на станбениот простор во кој живеат. Општина Новаци издвои 1 милион денари од својот буџет за субвенции за набавка на високо ефикасни инвертер клима уреди за жителите на Општина Новаци. На јавниот повик беа поднесени 36 барања а висината на еднократната парична помош изнесуваше 20.000,00 денари бруто износ со вклучен персонален данок.

29. Општина Новаци издвои 3 милиони денари од сопствениот буџет за 2022 година за субвенции за термоизолациони фасади како едно од предизборните ветувања кои ќе бидат исполнети во првите 90 дена од започнувањето на мојот мандат. Финансиските средства на овој Повик се обезбедени од Буџетот на Општина Новаци за 2022 година. Финансиските средства од повикот, се користеа за делумен надоместок во висина од 30% од вкупната сума на фактурата, но не повисока од 90.000,00 денари бруто износ по барател.

30. Фолклорот и народниот мелос е нашата традиција. Токму затоа на КУД Новаци од Новаци им обезбедив простории каде редовно ќе вежбаат, ќе ја негуваат, шират и ќе ја пренесат на идните поколенија македонската песна и игра и ќе бидат културни амбасадори на Општина Новаци. Општина Новаци постојано го поддржува КУД Новаци од Новаци кои изминатата година имаа многубројни гостувања и настапи под наше покровителство. Едно од нив беше и Меѓународниот фестивал во градот Дева во Романија.

31. На моја иницијатива како исполнување на едно предизборно ветување организирав акција за пошумување во месноста викана Преслап во атарот на село Маково. Во оваа акција беа вклучени претставници од администрацијата и Советот во Општина Новаци, младите, ученици од ЦОУ ,,Славко Лумбарковски”, комуналното претпријатие ,,Комунална Хигиена”, претставници на политичките партии и Унија на жени. Засадивме багреми, донација од Македонски шуми. Голема благодарност до ова општествено одговорно претпријатие кое ја поддржа иницијативата и се вклучи во акцијата за почист воздух и заштита на животната средина.

Покрај тоа, со цел да го означиме и првиот пролетен ден од рамноденицата, организиравме акција за обновување на препознатливиот зелен појас од тополи на влезот на Новаци. Засадени беа околу 150 млади садници, на местата на исушените дрва.

32. Во периодот пред новогодишните и божиќните празници, кога подршката не е обврска тука задоволство, доделивме 41 пакет со прехрамбени продукти и 23 детски новогодишни пакетчиња за социјално загрозени семејства. Во акцијата беа поделени и 40 пакети од Здружението Банка за храна. На мој предлог со одлука на Советот на Општина Новаци две третини од средствата за новогодишно украсување беа пренаменети за помош за социјално ранливите категории.

Покрај тоа, донирани се новогодишни пакетчиња за дечињата во Здружението на лица со оштетен вид во кој членуваат 15 жители од Општина Новаци.

33. Организиравме детската новогодишна претстава ,,Магично другарство во новогодишното царство” за сите дечиња од ЦОУ „Славко Лумбарковски“ – Новаци, со кловнот Заги и со Дедо Мраз. Им поделивме новогодишни пакетчиња и детска книга по повод новогодишните и божиќните празници.

34. Во услови на енергетска криза која е актуелна не само во нашата држава туку и во светски рамки, се повеќе се зголемува интересот кај приватните инвеститори за вложување во фотоволтаични и биогасни централи и други слични начини на производство на енергија од обновливи алтернативни извори. Во изминатата една година остварив могубројни средби со потенцијални инвеститори и веќе започна да се гради фотоволтаичната централа на Меј Енерџи Груп. Започнати се и постапки за изградба на две биогасни централи до 1 MW кои ќе се градат во КО Добромири. Исто така имаме една локација за изградба на фотоволтаична централа од 50 MW во КО Билјаник која има одобрение за градба и се чека наскоро инвеститорот да започни со градба. Исто така започната е урбанистичка постапка за фотонапонски и фотоволтаични централи во сопственост на државата или приватни инвеститори во селата Рибарци, Биљаник, Добромири, Новаци, Гнеотино, Гермијан, Арматуш, Тепавци, Балдовенци, Брод, Паралово и Врањевци со различни големини од 7 Mw, 7.2 Mw , 7,3 Mw , 10 Mw, 100 Mw.

35. Дваесеттина турски инвеститори од Адапазари, Сакариа, и Бардин, Република Турција регистрираа фирми со седиште во Општина Новаци со цел да купат земјиште во Индустриската зона во Новаци на кое ќе изградат фабрики и ќе започнат свои бизниси. Индустриската зона Новаци е во завршна фаза со проектната документација. Потоа ќе следи фазата кога ќе започне да се продава земјиштето во зоната на заинтересираните инвеститори. Турските инвеститори имаат успешни фирми со долгогодишни традиции во Турција од сферата на производство на машини за преработка на млеко и млечни производи, производство на алуминиум, челик и прозорци, синџир на супермаркети и хотели, градежни компании, хортикултурно уредување, производство на пластична амбалажа за пакување на месо, производство на памперси, влошки и други санитарни производи, компанија за изработка на накит, капи, чанти и сл.

36. „Фестивалот на жетвата“ е манифестација која за прв пат се одржа оваа година на 12 и 13 јули во Општина Новаци, како рурална општина каде се наоѓаат најголемите производители на храна во нашата држава. „Фестивалот на жетвата“ беше дводневен саем на кој учество зедоа педесеттина изложувачи и тоа на: разни видови земјоделска механизација, земјоделски препарати, семиња и пестициди, продажба на осигурување за земјоделците, обезбедување информации за разни кредити за набавка на земјоделска механизација, локални производи и домашна традиционална храна, мед и производи од мед, млечни производи, ракотворби, минерална вода, разни видови на домашна храна произведена на овие простори и слично. Резултатите кои ги постигнавме со овој настан е целосно информирање за важноста од сопственото земјоделско производство, вложувањето во овие ресурси со кои изобилува Пелагонија, важноста од сопственото производство на храна и независноста од странските пазари, подигнувањето на свеста кај земјоделците за вложување во сопствените бизниси, презентирање на начините како тоа да го направат и кој е најлесниот пат да обезбедат средства и ресурси за зголемување на своите приноси и остварување на поголема конкурентност на сопственото производство.

37. Општина Новаци и оваа година го организираше и го поддржа седмиот по ред Меморијалниот турнир во мал фудбал ,,Пеце Матичевски” Новаци. Пеце Матичевски е наш херој, роден во село Новаци, на 22.08.1978 година. Како дел од резервниот состав на АРМ, Пеце беше учесник во воениот конфликт во 2001 година. На 5 Јуни 2001 година, кај патот Шипковица – Гајре, во заседа слична на Вејце, загинуваат 5 припадници на АРМ, меѓу кои и Пеце Матичевски. Учество зедоа 24 екипи а спортските натпревари се одржуваа 14 денови на повеќенаменското игралиште во Новаци. На најдобрите им беа доделени пехари и парични награди. Општина Новаци и понатаму ќе го поддржува овој меморијален турнир кој го носи името на загинатиот херој во конфликтот во 2001 година.

38. Општина Новаци е дел од проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, во кој активно се вклучени 6 млади лица од нашата општина. Во рамките на овој проект беше потпишан меморандум за поддршка и унапредување на демократските процеси во Пелагонискиот регион помеѓу градоначалниците од општините Могила, Крушево, Ресен, Долнени, Демир Хисар и Кривогаштани и Здружението за унапредување на демократските процеси Про Локал. Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија преку Програмата МАТРА.

39. Општина Новаци ќе биде дел од проектот „Европска ознака за извонредност на управувањето ELOGE” кој има за цел да ги поддржи единиците на локалната самоуправа да ги подобрат своите стандарди и да обезбедат висококвалитетни услуги во рамките на локалната самоуправа. Проектот ќе се имплементира во соработка со Европската асоцијација за локална демократија АЛДА.

40. Општина Новаци успешно го реализира проектот „Ранливи категории 2“ од Програмата Општинско корисна работа. Станува збор за 9 месечен проект преку кој се ангажирани двајца дефектолози- логопеди за работа со децата од ЦOУ „Славко Лумбaрковски“ и детската градинка „Бамби“ од Новаци. Опфатени се вкупно 21 дете. Во моментот се реализира проектот „Ранливи категории 3“ во кој 6 долгорочно невработени лица 9 месеци се ангажирани за грижа на стари и изнемоштени лица во домашни услови. Четири лица се финансирани од УНДП додека две лица се целосно финансирани од буџетот на Општина Новаци.

41. Општина Новаци е вклучена во проектот на УСАИД за подобро буџетирање нo и искористување на ресурсите. Општинаta е дел од втората група која брои 24 партнер општини на Проектот на УСАИД за „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“. Преку имплементацијата на овoј проект ќе ги зајакнеме нашите финансиски капацитети, ќе ги зголемиме приходите од сопствени извори, подобрување на капацитетите на општината за планирање, извршување, известување, следење и анализа на буџетот, ќе ги одредиме клучните предизвици и препораки за подобрување на процесот на буџетирање и меѓувладините капитални трансфери во единиците на локалната самоуправа, подобрување на пристапот на ЕЛС до потенцијалните извори на надворешно финансирање, реформа на меѓувладиниот систем како поддршка на фискалната одржливост и сл.

42. На покана на Министерството за животна средина и просторно планирање претставници од Општина Новаци, жители и советници, остварија студиска посета на санитарната депонија EPADYM S.A., Еордеа, Грција во близина на Птолемаида и Кожани. Посетата на депонијата се реализираше во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво “ финансиран од Шведската агенција за развој SIDA а спроведен од Шведската асоцијација на општини и региони SALAR. Целта на посетата е да се запознаат граѓаните на Општините Новаци и Битола со функционирањето на еден ефикасен систем за регионално управување со отпад како и да им се даде можност за разговор на оваа тема со експерти од областа на менаџирањето со отпадот и рециклажа.

43. Општина Новаци е вклучена и во проектот ,,Just transition diagnostic” кој е финансиран од ЕУ а кој се однесува на регионите каде се користи јаглен и каде постојат термоцентрали за производство на електрична енергија кои треба да се транзитираат во наредните години кон производство на чиста енергија која нема да го загадува воздухот, водата, животната средина и нема да го загрозува човековото здравје.

44. Со оглед на тоа што инсектите го заземаат првото место во ширењето на заразни болести, особено комарците, Општина Новаци во соработка со Центарот за јавно здравје Битола успешно ја спроведе превентивната теристичката (од земја) систематска дезинсекција со цел уништување на возрасните форми на комарци во Општина Новаци.

45. По барање на црковниот одбор од манастирот Св.Ататасиј во с.Старавина, ангажирана е градежна механизација за копање на канал во должина од 2500 метри за поставување на водоводно црево од постоечката водоводна мрежа до манастирот.

46. На поканата да присуствувам на 15-тото советување за одржливиот развој на енергетскиот комплекс Костолац на кое се дискутираше на теми од областа на енергетиката и животната средина, остварив работна посета на општините Пожаревац и Костолац, Србија. Општина Пожаревац е локална самоуправа која се смета за центар на регионот под кој потпаѓаат 5 административни управи. Учествував на меѓународното собрание на тема: „Одржливиот развој на Браничевиот округ и енергетскиот комплекс Костолац“. На средбите што ги остварив таму со првите луѓе на овие општини се разговараше за можните начини на меѓусебна соработка на општините од Пелагонискиот регион со општините од Браничевиот регион, како многу слични општини кои се соочуваат со слични проблеми во областа на енергетиката, земјоделството и животната средина. Во идниот период работиме на потпишување на официјален документ помеѓу општините Новаци, Пожаревац и Костолац во вид на меморандум за меѓусебна соработка и размена на искуства во општина Новаци.

47. Општина Новаци беше домаќин на шест члена делегација од збратимената Општина Хрпеље Козина, Р. Словенија. Во рамките на средбите беа разменети искуства за работењето на локалните самоуправи и советите, висината на нашите буџети, ингеренциите и сл. Делегацијата од Словенија, донираше дефибрилатор во ЦОУ “Славко Лумбарковски” Новаци.

Разменивме искуства за работењето на локалните самоуправи и советите, висината на нашите буџети, ингеренциите и сл. Нашите гости ја посетија детската градинка ,,Бамби” во Новаци каде присуствувавме на прекрасната приредба подготвена од дечињата кои од септември ќе бидат првачиња.

Градоначалничката на Хрпеље Козина, Саша Ликавец Светелшек во име на општината во училиштето донираше дефибрилатор.

48. Потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Општина Новаци и Универзитет за туризам и менаџмент во Скопје, документ со кој ја прецизиравме меѓусебната соработка помеѓу овие две институции во делот на: Партнерство во аплицирање на проекти кои се од заеднички интерес, реализација на практикуми за студенти, организирање на настани од заеднички интерес, подобрување на капацитетите на вработените во општината со реализација на обуки, работилници и семинари од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, експертска поддршка во сферата на градење и креирање на атрактивни туристички брендови на ниво на Општина Новаци и сл.

49. Со декларација ќе се подобрува и развива женското претприемништво во Општина Новаци. Имајќи ја предвид улогата на жената во современите економски процеси, со оваа декларација општината ќе се залага за следното:

Создавање на поволно деловно опкружување и обезбедување поддршка за развој на претприемачкиот потенцијал на жените, со што ќе се придонесе кон развојот на постојните и креирање на нови претпријатија, на нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија.

50. Подготвена е целокупна проектна документација за изградба на Индустриска зона во месноста викана ,,Златен клас,, с.Новаци (изградба на четири улици), со вкупна должина од 3 км и вкупен износ за изградба на улиците по проект од 75.000.000,00 денари, додека изработката на основниот проект изнесува 348.100,00 денари.

51. Изработена е проектна документација со урбанис-тичка документација за изградба на патека од Новаци до манастир Рожденство на Пресвета Богородица, со вкупна вредност од 354.000 денари.

52. Изработeна е проектна документација за фекална канализација и пречистелна станица за с.Добромири со комплетна урбанистичка документација 350.000,00 денари. Вредноста на изградбата на канализационата мрежа изнесува 20.874.105,00 денари.

53. Аплициран е проект до Јапонска амбасада за изградба на фасада на ЦОУ “Славко Лумбарковски” во с.Новаци, со цел подобрување на термоизолационите карактеристики на училиштето како и енергетската ефикасност. Вредноста е проценета од околу 4.100.000,00 Денари.

54. На барање на родителите и учениците, во тек е изработка на предмер пресметка за изградба на тоалети за ЦОУ “Славко Лумбарковски” во с.Новаци. Тоалетите ќе бидат сместени во внатрешниот дел на училиштето.

55. Од оваа година Општина Новаци почнува да работи согласно своите овластувања за отуѓување на градежно неизградено земјиште во државна сопственост. Согласно програмата донесена според Законот за градежно земјиште во тековната 2022 година планираме да огласиме на јавна лицитација и отуѓување околу 20 хектари градежно земјиште на потенцијални инвеститори за различни намени. Најголемите површини ќе бидат наменети за изградба на индустриски капацитети а останатиот дел ќе бидат наменети за индивидуално домување.

56. Во тек е изградба на повеќенаменско игралиште во с.Бач. Вредноста на проектот е 5.210.651.00 денари, средства од Бирото за регионален развој.

57. Ќе се асфалтира вториот дел од патот до манастирот Св.Илија во село Градешница чија вредност е 5,5 милиони денари, од вкупната вредност на проектот која изнесува 12.500.880,00 денари. Од оваа сума 4 милиони денари ги обезбедува Центарот за развој на пелагонискиот плански регион преку проектот ”Поддршка на развојот на недоволно развиените и депопулационите подрачја во Пелагонискиот регион преку изградба на современа инфраструктура”, а 1,5 милион денари ги обезбедува Општина Новаци од свои сопствени буџетски средства.

58. Планирана е изградба – асфалтирање на улица во село Гермијан за што веќе е изработен основен проект, според кој асфалтирањето би чинело 7.037.774,88 денари. Асфалтирање на пат во с.Будимирци во должина од 1,5 км.

59. Во тек е изработка на предмер пресметки за изградба и реконструкција на детски паркови во населените места Новаци и Добромири.

60. Во тек е изработка на предмер пресметки за поставување на јарбол и крст во село Гермијан како и јарбол во село Добромири.

61. Во тек е изработка на предмер пресметки за изградба на водопоила за селата Живојно и Гермијан.

62. Планирана е изработка на проекти за реконструкција на подрачните основни училишта во селата Живојно и Гермијан.

63. Планирано е ревидирање на стар основен проект за реконструкција на локален пат до с.Грумази – Долно Орехово во должина од 3,8 км, по што би се извршило и санирање на овој патен правец.

На самиот крај на ова мое обраќање по повод 1 година од мојот градоначалнички мандат, сакам да истакнам дека во мојата работа ги следев модерните текови на живеењето кои нудат ефективно искористување на енергијата, просторот и на сите други расположиви ресурси, при што реализирав проекти од кои се видливи иновативноста, одлучноста, планското и систематично работење, што треба да допринесат за долгорочни и квалитетни резултати. Верувам дека резултатите и придобивките што граѓаните ќе ги имаат за себе од реализираните проекти во изминатата година , но и од оние кои ќе бидат реализирани во следните три години, ќе траат и по завршувањето на мојот мандат.

Транспарентноста,отчетноста, економичното и домаќинско работење, беа и остануваат да бидат едни од основните постулати врз кои оваа измината 1 година се темели општинската политика.

Во овие изминати 365 дена, огромна беше честа да се биде градоначалник на Општина Новаци, но, уште поголема беше одговорноста што таа функција ја носи со себе.

Работата на локалната самоуправа никогаш не сопира, посебно кога се работи за Општина каква што е Новаци, која е карактеристична по големата територија, големиот број населени места но мал број на население.

Имајќи ја вашата доверба како чест, но и одговорност, секогаш вас, граѓаните ве имав како партнер во креирањето на стратешките цели, во креирањето на визијата за подобра Општина Новаци.

Впрочем, речиси сите реализирани проекти произлегоа од вас, граѓаните, од сите наши заеднички средби, од добронамерните критики и пофалби, идеи, предлози. Тие беа одлична платформа за нашата понатамошна ентузијастичка работа за мене како градоначалник, за општинската администрација, за Советот на Општината. Токму затоа, овој отчет претставува осврт на сето она што заеднички го направивме во изминатиот период, а во насока на подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните, подобрување на конкурентноста во однос на други локални заедници во земјата, подобрување на климата за инвестирање, а со тоа и можноста за отворање нови работни места.

Успешноста на една општина подразбира континуиран развој и растеж.Во овие 365 дена работа, можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.

Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата,враќање на огромни долгови наследени од претходната власт, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања.

Се надевам дека сме на вистинскиот пат.

Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу важно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме скршнале од вистинскиот пат.

Вие Жителите на Општина Новаци секогаш сте најдобриот коректив.

На крајот на ова мое обраќање, сакам да им порачам на жителите на Општина Новаци дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека ќе се залагам да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.

Со почит

Стевче Стевановски

градоначалник на Општина Новаци

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top
Skip to content