Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

ОПШТИНА НОВАЦИ ЛИДЕР ВО ИСКОРИСТУВАЊЕТО НА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ

Денеска градоначалникот на општина Новаци Љубе Кузманоски беше домаќин на делегацијата на Европската Унија предводена од амбасадорот Самуел Жбогар во рамки на кампањата” ЕУ за тебе “.
Успешна во пристапувањето и искористувањето на европските фондови е Општината Новаци–оцени евроамбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, при денешната посета на Општина Новаци и дел од туристичките локации во овој регион.
Општина Новаци изобилува со културно наследство кое е се’ уште непознато за пошироката јавност и беше на листата на општини со кои се обележа Европската година на културно наследство 2018.
Општина Новаци е лидер во искористувањето на европските фондови во висина од 1.800.000 евра .
Со пари од европските фондови досега се финансирани проектите „Жива историја, жива природа“, беше саниран покривот на црквата во Градешница, мостот во Зовиќ и куќата на Калеш Анѓа во Старавина. Додека пак во проектот „Жива историја, жива природа 2“ беше изграден рекреативниот центар на Коњарка.

-Со амбасадорот Жбогар разговаравме за проектите финансирани од Европската Унија кои ги реализиравме во минатиот период, и лично ќе ги посетиме да види амбасадорот што се е направено со европски фондови. Исто така се договоривме за начинот како во иднина можеме да ги користиме тие европски фондови. Го информиравме амбасадорот дека како општина можеме да ги изработиме тие проекти што се потребни за да ги поминат тие филтри, за да можеме да ги користиме парите наменети за руралните општини, рече градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски.

Шефот на Делегацијата на Европската унија во Скопје, Самуел Жбогар, рече дека една од првите препораки што ги добил на почетокот од неговиот мандат било да го посети ова подрачје, да ја истражува природата и го разбере подобро и карактерот на луѓето.

–Како што можете да забележите ги зачестивме нашите посети на општините, важно ми е да разговарам со луѓето , со градоначалниците и некако да го почувствувам пулсот, односно подобро да разберам каква е оваа земја. Во оваа прилика морам да истакнам дека иако по бројноста на населението Општината Новаци е доста мала општина, сепак од друга страна е мошне успешна во пристапувањето и искористувањето на европските фондови – нагласи евроамбасадорот Жбогар.

Амбасадорот смета дека од особена важност за Општината Новаци ќе биде поддршката од европските фондови за проектот за наводнувањето, проект што ќе му биде од голема помош за земјоделците и ќе им го олесни на некој начин животот, а било разговарано и за туристичките потенцијали во овој регион.

 

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top