Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Општина Новаци дел од проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“

Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски со градоначалници од општините Могила, Крушево, Ресен, Долнени, Демир Хисар и Кривогаштани и Здружението за унапредување на демократските процеси Про Локал потпишаа Меморандум за поддршка и унапредување на демократските процеси во Пелагонискиот регион.Целта на оваа соработка е преку имплементација на проектот „ Зајакнување на луѓето во Пелагонија“активно учество на младите луѓе од руралните средини и зајакнување на демократските процеси на локално и регионално ниво.

„Со овој регионален проект низ практични чекори ќе се работи на унапредување на вредностите и принципите на демократијата на локално и регионално ниво и тоа со најважните целни групи во нашите општини-младите и граѓанскиот сектор. Проблемите со кои што се соочуваат младите во сите општини а особено во помалите рурални општини им се добро познати на сите. Миграција кон урбаните средини во земјата или во странство, недостапност на институционална инфраструктура, лимитирани можности за квалитетна социјализација, едукација и култура, негативни демографски трендови. “ рече Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.

Со овој Меморандум секоја локална самоуправа потврдува дека ќе се залага за унапредување, поддршка и поттикнување на современите демократски процеси на локално и регионално ниво со посебен акцент на учество на граѓаните во креирањето на локалните политики.

„ Програмата МАТРА е програма наменета за социјална трансформација и токму од оваа програма е финансиран овој проект. Вие младите кои седите во задните редови на следната работилница ќе седите напред затоа што вие сте иднината и носителите на трансформацијата и промените.Вие младите заедно со нас кои сме во костуми во првите редови ќе треба да научиме заедно да работиме и да наоѓаме заеднички решенија. “ рече Роберт Декер, вршител на должност во Амбасадата на Кралството Холандија.

Низ реализацијата на проектот, проектниот тим заедно со партнерите на проектот, на младите како директна целна група ќе им помогнат во разбирањето на современите принципи на доброто владеење, во разбирањето на нивната улога во општествените процеси, пред се на локално и регионално ниво но и во практичното осознавање на нивните права и обврски, и кон општеството и кон самите себе.

„Општините-потписници на Меморандумот потврдуваат дека нивните Градоначалници, како главен извршен орган, но и општински служби и општинската администрација, ќе практикуваат алатки за унапредување на демократијата и почитување на принципите на доброто владеење во своето секојдневно работење а кои ќе придонесат кон зголемена партиципативност, транспарентност и отчетност на локалната самоуправа.“ рече Емилиа Ѓероска, Про локал.

Со потпишувањето на овај меморандум општините се обврзуваат да ги зајакнат демократските процеси и капацитети преку активно вклучување на општинските Совети како највисоко тело кое ја изразува демократската волја на локалното население, реализација на развојните активности, отворено стратешко планирање и буџетирање и сл .

„Цврсто сме убедени дека можеме и дека мораме да дадеме заеднички придонес кон подобрување на ваквите состојби. Од Општина Новаци во овој проект се вклучени 6 млади лица на возраст од 17 до 20 години. Преку имплементацијата на овој проект, директно, практично и непосредно ќе се адресира силната потреба на младите од помалите средини да учат низ пракса за алатките и начините како да се зајакне нивното учество во јавниот живот. “ рече Стевановски.

Проектот започна да се имплементира на 1 октомври годинава и ќе трае до крајот на септември следната година. Финансиски е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија преку Програмата МАТРА.

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Your email address will not be published.

Back to top
Skip to content