Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Одбележана 116 годишнината од загинувањето на војводата Ѓорѓи Сугарев

По повод 116 годишнината од загинувањето на војводата Ѓорѓи Сугарев денеска положивме цвеќе на неговото вечно почивалиште оддавајќи му почит за неговата голема жртва и дело.

По панихидата на гробот се организираше пригодна свеченост во конаците на манастирот Св. Ѓорѓи во Паралово, Општина Новаци.

Ѓорѓи Сугарев (1876 – 23 март 1906) бил македонски револуционер, член и војвода на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација.

Постојат две верзии за загинувањето на Ѓорѓи Сугарев. Според првата верзија пролетта 1906 година, поради појавувањето на грчки андарти во Мариовско, Битолскиот револуционерен округ му наредил на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово и да се пресмета со непријателските грчки андарти. Во тоа време, Петар Лигушев, началник на Битолската окружна организација, главно поради лични интереси, започнал на битолскиот валија да му предава тајни на комитетот. Така, тој на битолскиот валија му ја предал маршутата на четата на Сугарев која била на пат кон Мариово за пресметка со андартите. Точно кога на утрото на 24 март 1906 година Сугарев пристигал во село Паралово, кон селото се испратила илјадна војска која го опколила селото. Следувала битка, која траела цело попладне. Жртвите на Турците биле големи, но четата немала можност да го скрши обрачот. Гледајќи дека нема излез, Ѓорѓи Сугарев ги истрошил сите куршуми, а со последниот се самоубил. Со него загинала и целата негова чета од 21 комита.

Според една друга верзија за смртта на Сугарев, која била пренесувана од колено на колено, Сугарев добил писмо од страна на четник во кое пишувало дека тој треба да дојде во Јени Мале во Битола на разговор околу тоа како да се среди ситуацијата во организацијата и поради тоа што не можат да одлучат кој да биде локален војвода, исто така и за да се пресмета со грчките андарти кои наводно започнале сериозно да го повредуваат населението. Писмото било напишано и испратено од Петар Лигушев. Сугарев како задолжен за тие работи се упатил кон тој регион. Во меѓувреме, Лигушев го набедува селскиот поп да му каже на Сугарев кога ќе дојде дека Лигушев ќе го чека кај манастирот, а во исто време им дал до знаење на османлискиот аскер дека четата на Сугарев ќе се појави на тоа место. Сугарев, заедно со својата чета се појавил на договореното место, но бил пресретнат од страна на османлиската полиција. Четата на Сугарев броела 25 луѓе кои тој ги раководел. Нападнати, битката траела скоро цела ноќ. Следниот ден, на местото на настанот биле пронајдени телата на 24 борци. Не било пронајдено телото токму на Сугарев.

Ѓорги Сугарев по големата битка со аскерот бил тешко ранет, но не починал. Сугарев успеал да побегне од османлискиот обрач и да се засолни во селото. Тој неколку часа безуспешно барал помош, но наводно и таму бил пресретнат од Лигушев или од Црни Петар, кој пак му го нанел последниот смртоносен удар.

Телото на Сугарев ниту пак неговата пушка не се пронајдени до ден денешен. Ниту пак по долго долго пребарување на планинските места бил пронајден трупот негов од страна на Турците.

Сепак оваа верзија со предавањето од колено на колено претрпувала и измени, но познавајќи го карактерот на Петар Лигушев и намањето на слободна територија за неговата чета тој извршил и ред други предавства, како она на Христо Узунов. Според тоа Лигушев тргнувајќи од свои интереси го извршил предавството и на Ѓорѓи Сугарев.

За Ѓорѓи Сугарев и неговото загинување, народот ја испеал песната „Заплакало е Мариово“.

0 Comments

There are no comments yet

Leave a comment

Your email address will not be published.

Back to top
Skip to content