За општината

Општината Новаци е значајна општина во Битолското поле, односно југозападниот дел на рамницата Пелагонија.  Општината е крстосница на реагионалните патишта: патот Битола-Новаци-Маково, го поврзува битолскиот дел на Мариово, исто така југоисточно од Новаци патот што води кон селата Брод и Бач, а на север кон Добрушево-Тополчани-Прилеп.  Новаци секогаш претставувало центар на управна единица.  Општината се вбројува во редот на поголемите општини во Република Македонија.

Според историските сознанија, во изминатите пет и пол векови на овој простор живеело македонско население.  И за време на Отоманската империја Новаци претставува централна населба во Битолското поле.  Општината е основана по Балканските војни, а Новаци останува централна населба и за време на спрската и бугарската окупација.  По Втората светска војна Новаци станува општински центар.  Во историјата животот на овие простори не бил лесен, населението кое живеело тука било изложено на разни притисоци и неволји – тука поминувале крстоносци, вандали, Арменци, Турци Османлии, Србите, Бугарите… но никој не успеал да го уништи духот и идентитетот на македонското население кое опстанало и ќе продолжи да опстанува на овој простор.

Во рамките на општината живеат околу 3500 жители, со густина 4,7 на 1 км2, со што е најретко населена општина во Република Македонија.  Брои 1125 домаќинства, со просечно 3,6 членови по домаќинство.

Поголеми индустриски објекти во општината се: Рударско-енергетскиот комбинат Битола, Земјоделскиот комбинат Пелагонија, Фабриката за производство на енергетски машини и турбини ФОД и други.

Основни стопански гранки се: поледелство, сточарство, пчеларство и други.  Се одгледуваат житни растенија и разни фуражни и градинарски култури, крупен и ситен добиток и живина.

Централна населба во општината е Новаци – развиено село со 1283 жители, односно 36% од вкупното население во општината. Во општината постојат полициска, здравствена и ветеринарна станица, детска игротека “Бамби”, компјутерски центар, два интернет клубови, центар за изучување странски јазици.

Општина Новаци со новиот Закон за територијална организација на единиците на локална самоуправа во Република Македонија ја сочинуваат досегашните општини Бач, Новаци и Старавина – општини кои припаѓаат на категоријата на рурални општини.

Во Новаци се наоѓа централното основно училиште “Славко Лумбарковски”, со подрачни училишта во селата Бач, Дедебалци, Живојно, Брод, Добромири, Рибарци итн.

Позначајни манифестации се:  Традиционални Пелагониски културно-научни средби, Мориовски ракувања и др.

Општината Новаци е поставена на современите законодавни европски начела и принципи, со примена на Европската повелба за локалната самоуправа, усвоена од Советот на Европа.  Се грижи за урбанистичкото планирање, уредување на просторот на градежното земјиште, заштита и унапредување на животната средина, грижа за економскиот развој и подобрување на животниот развој на населението, развивање на културата, науката, образованието и уметноста, преку негување на фолклорот, верските обичаи, заштита на природните реткости и др.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php