«

»

Nov 19

Градоначалникот Кузманоски тврди-Лаги и манипулации се обвинувањата на опозицијата за работата на Општина Новаци

Градоначалникот  Кузманоски тврди-Лаги и манипулации се обвинувањата на опозицијата за работата на Општина Новаци

Градоначалникот на Општина Новаци Љубе Кузманоски денеска на прес конференција даде одговор на  обвинувањата што во неколку наврати ги изнесе претседателот  на ОК на ВМРО ДПМНЕ од Новаци за неговата работа и одлуките на Советот на општина Новаци.

Прес конференцијата ви ја пренесуваме во целост .

Како и во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата  е клучна, но таа мора да биде и конструктивна. Времето за политички игри и ќарување  политички поени на ефтини и провидни лаги заврши, затоа што СДСМ како власт во Општина Новаци не сака да си игра со перспективите на граѓаните. Нашата работа е јасна, транспарентна и со визија за подобар живот за сите нас, без оглед на која политичка партија и да припаѓаме.

Обвинувањата од опозицијата во изминатите две години, од самиот почеток на мојот мандат, па се до денес се неконструктивни и неосновани. Јас како градоначалник  на сите граѓани, нема да омаловажувам  никого, но во интерес на вистината и фактите ќе одговорам на грстот истурени лаги од страна на ОК на ВМРО- ДПМНЕ во Општина Новаци, зошто не сакам и нема да дозволам да ги манипулираат  и замајуваат  граѓаните.

 Во целост ги отфрламе  лажните информации дека општината ќе се задолжела за 1.000.000 евра  за модернизација на јавното улично осветлување со лед светилки.

ВМРО-ДПМНЕ безочно лаже, бидејќи пред неколку недели  нивниот претседател во Новаци рече дека задолжувањето ќе било 700.000 евра и обвини дека на нетранспарентен начин е промената Комисијата за спроведување на постапката за воспоставување на ЈПП .

Јавно го прашувам  кога ја зборуваа  вистината, сега или претходно? Знае ли барем проста математика за да ја пресмета разликата од двете суми или како што му напишале од штабот за манипулации така прочитал?

Одговорно тврдам пред јавноста дека Комисијата е промената поради тоа што не ги почитуваше законските рокови за завршување на постапката за јавна набавка. Секоја постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки мора да заврши  најдоцна колку што трае периодот за доставување на понудите.

Но, тука се поставува прашањето -Дали можеби опозицијата  прави опструкции за да се покаже дека како власт сме неефикасни и неефективни во својата работа?

Дали претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Нoваци кој е и вработен во општината, знае што значи модернизацијата на уличното осветлување и колкава е заштедата од замената на старите сијалици со нови лед сијалици?

Ако не знае ќе му кажеме дека согласно физибилити студијата која e изработена од професори и истата претставува научен труд , заштедата на уличното осветлување за електрична енергија ќе биде 60 %  ,а за периодот од 15 години колку што е договорот за ЈПП, заштедата на електрична енергија ќе биде околу 400.000 евра назад кај граѓаните на општина Новаци .

Инвестицијата  на општината е 0 денари – цела инвестиција е на приватниот партнер кој по 15 години ја отстапува на општината. Општината само плаќа месечен надомест  од околу 214.000 денари во чија сума е вклучено и  одржување, за кое сега плаќаме  околу 1.800.000 денари годишно.

-Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за проектот -Топлификација на општината кој тие  го започнаа и го прекинаа од кои причини не знам, ќе им кажам дека не зависи од општината целосно. Државата и АД ЕСМ го имаат главниот збор во реализацијата на тој проект, а општината е спремна веднаш да започне со изведба на истиот доколку се обезбедат услови за тоа. Сега во 2019 г. отпочна нов процес на изградба на топлификација Рек-Битола –Новаци –Битола. И ние како локална самоуправа  работиме на изработка на проект за секундарна мрежа низ Новаци.

-Што се однесува до обвинувањата за пречистителната станица за отпадни води на подрачјето на општината и во село Новаци. Веќе се изработени 4 проекти од овластена проектантска куќа избрана на оглас за јавна набавка во населените места: Новаци, Бач, Гермијан, Рибарци и Добромири. За реализација на истите општината аплицираше во Министерството за економија и Министерството за транспорт и врски.

Таканаречените патриоти од  ДПМНЕ  не критикуваат  како власт дека ќе го менуваме  грбот и знамето на општината. Согласно Преспанскиот договор и промената на Уставот наша обврска како локална самоуправа  е тоа да го спроведиме, бидејќи на постоечкиот грб и знаме на општината  беше сонцето од Вергина со 16 краци и тука нема што да се коментира.

-За жал имаме опозиција која убавите моменти за сите нас сака да ги оцрни со чаршиски муабети. Сме трошеле милионски суми на пари од Буџетот на општината за одржувањето на Културното лето. Ние само ја продолжуваме традицијата на оваа Манифестација која во овие две години ја збогативме и дисперзиравме и во најоддалечените населени места во општината. Донесовме  гости од Белгија, Холандија, Мексико, фолклорни друштва од цела Пелагонија и естрадни уметници на задоволство на 4000 посетители. Масовност на сите културни настани зборува за квалитетот на програмата и организацијата .

-Не обвинуваат за иселувањето на младите! Зарем заборавивте  дека 12 години  ВМРО-ДМПНЕ  спроведуваше режим,  ги избрка младите  од државата и не спроведе  ниту една мерка со која би го спречила трендот на заминување. Дали тоа им беше целта? Ако им беше, тогаш ќе кажеме   дека успеаа во намерата. Зошто и нивните пратеници не гласаат за зголемување на минималната плата  која СДСМ  за 2 години  од 9.000 денари во времето на ДПМНЕ  ја зголеми на 14.500 денари.

Погубните политики на ДПМНЕ го оставија во изолација и заборав цело Мариово. Освен криминал, пљачка, глумење локални шерифи и богати трпези не направија буквално ништо за граѓаните од овој регион. Но, времето на криминалната ренесанса заврши, денес  граѓаните се на Прав пат. Промените се видливи, резултатите  се множат на терен. Граѓаните ги чувствуваат благодетите и новите форми на креирање на политиките кои обезбедуваат подобар и поквалитетен живот на сите нас, без оглед на политичката припадност .

Мојата порака за крај е – верувајте ни на делата, а не на зборовите на  оние кои имаат единствена цел да го заштитат криминалот од времето на нивно 12 годишно владеење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php