«

»

Sep 10

Општина Новаци со два настани во месецот на авантурата “Откриј ја Пелагонија”

SAMSUNG CAMERA PICTURES

SAMSUNG CAMERA PICTURES

Во текот на септември и октомври во општините низ Пелагонискиот регион ќе се организира месецот на авантура “Откријте ја Пелагонија”. Негова цел е промоција на Пелагонија пред домашните туристи како дестинација за авантуристички туризам односно дестинација за уживање во физичка активноста, природа, локална традиција и култура.

Во рамките на овој проект општина Новаци ќе организира два настани:Планинарскиот марш Кајмакчалан и Мото тура низ Мариово.

„Општина Новаци како пелагониска општина е вклучена во проектот „Откриј ја Пелагонија“. Годинава за прв пат се организира а ние како општина го поддржуваме планинарскиот марш Кајмакчалан кој ќе се  одржи на  12 септември, додека вториот настан е мото тура до мариовското село Зовиќ  и ќе се одржи на 23 септември. “ рече Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

Во рамките на месецот на авантура во Пелагонија ќе бидат организирани 10 настани со повеќе од 20 спортско-рекреативни и културни активности како велосипедизам, планинарење, ултра маратони, болдеринг и параглајдинг, наменети за сите категории на туристи.

Планинарскиот марш ќе се одржи на 12 септември 2015г. со почеток во 04 часот наутро и ќе трае до 20 часот навечер. Планиран е заеднички ручек после враќањето од Кајмакчалан околу 19 часот во караулата во Скочивир. Предвидено е со возила сите планинари да се префрлат од с. Скочивир односно до летната караула на Кајмакчалан од каде што е стратот за маршот.Планираната рута на маршот е од летната караула па се до врвот Кајмакчалан кој е на 2521м н.м.Враќањето на планинарите е предвидено по истиот пат до летната караула. Должината на патеката изнесува околу 18 километри со висина на искачување од 600м. “ рече Зоран Жугиќ, организатор на Планинарскиот марш Кајмакчалан.

Манифестацијата „Откриј те ја Пелагонија“ годинава се одржува по втор пат, минатата година беше само во Крушево. Регионот Пелагонија е брендиран како дестинација за авантуристички туризам.

„ Мото тура низ Мариово –ќе се одржи на 23.09.2015 година (среда) со почеток во 08.00 часот.Поаѓањето е од пред Општина Новаци.Мото турата ќе ја има следната маршрута: Општина Новаци – Маково –Рапеш – Брник – мост на река Црна – село Зовиќ – мост во Зовиќ. Во село Зовиќ организаторите имаат обезбедно ручек за учесниците на оваа активност (сендвич и безалкохолни пијалоци ).Првичната бројка на учесници на Мото турата е околу 30 лица со 20 мотори.“рече Ванѓел Котевски,претставник на организацискиот тим на Мото турата низ Мариово.

Официјалното отворање на “Откријте ја Пелагонија” ќе се случи на 12 септември во Стење каде за време на два викенд денови ќе бидат организирани трки во планинско трчање, планинарски марш на Галичица и велосипедски тури до село Коњско и Галичица.

Месецот на авантура во Пелагонија е организиран од широка платформа на јавен, приватен, невладин и донаторски сектор. Партнери во организацијата на настаните се општините во Пелагонија, Проектот за експанзија на мали бизниси кофинансиран од УСАИД и Швајцарската развојна агенција, спортски клубови, здруженија на граѓани и локалното население од регионот.

Повеќе детали за програмата на “Откријте ја Пелагонија” можат да се најдат на Фејсбук странатаwww.facebook.com/discoverpelagonija или на веб страната www.pelagonijaregion.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php