«

»

Mar 09

Стабилна состојбата со поплавите во Новаци

kostadinovski na uvid vo pelagonija

Состојбата во поплавените подрачја во Пелагонија ,посебно во атарот на општина Новаци е стабилна и не се очекува ескалација на проблемите од река Црна и високото количество на подземни води.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски изврши посета и увид на поплавените подрачја. Тој се сретна со градоначалниците на општините Новаци,Битола и Могила, Лазар Котевски,Владимир Талески и Стево Пивковски.

„Ја разгледавме состојбата од излевањето на реката Црна и комплетната состојба поврзана со евентуални штети предизвикани од претходните поплави. Воедно ги информирав градоначалниците на трите општини дека во тек е завршната фаза од проценката што ја правевме со експерти од Светска банка, а што ја обезбеди Владата како можност за создавање добра основа за обезбедување на средства за обесштетување на сите граѓани и не само од битолскиот регион, за сите настанати штети по земјоделските посеви, по објектите, домовите, локалната инфраструктура, како и друга инфраструктура погодена од овие штети“ , рече заменик министерот за земјоделство, Ванчо  Костадиновски.

Пробивањето на коритото на реката Црна во прилепскиот дел кај селата Тополчани и Тројкрсти и кај Новоселани и Лознани, излеаните води од пробиеното корито на десната страна, посочи тој, го прелеаја патот што ги поврзува Могила и Долно Чарлија.

„Од таа страна постои можност да надојдат води од 9-иот канал кој во моментов е добро саниран и важно е дека не постои опасност од негово прелевање и надоаѓање на водите кон општина Новаци, што значи дека не постојат потенцијални ризици за населението ниту за објектите во општината. Со подобрувањето на временските услови механизацијата на Дирекцијата за заштита и спасување ќе продолжи со комплетно санирање на оштетените места на коритото на реката Црна. Генерално состојбата е стабилна и не очекуваме поголеми потреси, проблеми кај земјоделците, објектите или домовите на граѓаните во овој регион“, рече Костадиновски.

Во Битолско и Прилепско деновиве повторно беа поплавени околу 800 до 1000 хектари земјоделска површина. Зголемен беше водостојот на Црна Река кај Новаци. Поплавени беа површини во атарите на Лознани, Вашарејца, Ношпал, Могила во Битолско и во Тополчани во општина Прилеп.Поплавен беше и коловозот од Могила до Радобор поради што беше затворен и за сообраќај.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php