«

»

Feb 10

Поплавите го уништија земјоделскиот род, но и квалитетот на почвата во Пелагонија

novaci 15

Поплавите не само што ги уништија дел од земјоделските производи, туку ќе предизвикаат и сериозни штети врз квалитетот на почвата, укажуваат агроекспертите. Неизвесно е дали поплавените површини откако ќе се повлече водата ќе го имаат истиот квалитет и потребни хемиски елементи за повторно садење на земјоделски култури. Токму затоа агроекспертите од оваа област порачуваат веднаш што се повелече водата да се направат агроехемиски и педолошки анализи, за да се види составот, квалитетот на почвата и да се знае понатаму какви ѓубрива или мерки ќе треба да се применуваат.

-Состојбата е сериозна во смисла на тоа што од една страна се губи почвена маса поради ерозија, а од друга страна веќе обработливите површини се поплавени и погребани со наноси. Дури по повелкувањето на водата и дренирањето, значи кога кога ќе има услови и ќе може да се влезе во обработливите површини би требало да се земаат почвени проби за анализа и да се види каква е состојбата и плодноста на почвата односно содржината со хранливи елементи, хумус, реакција на почвата, присуство на крабонати во зависност па дали можеби на веќе плодните површини е донесен неплоден нанос, можно е да се јават и крупни скелетни честици, во зависност каков материјал односно нанос е донесен. Испитувањата што би следеле после овие поплави се повеќе од потребни, бидејќи треба да се види дали постоечките површини се покриени со плоден или неплоден нанос и оттука да се добијат информации за потребата од употреба на ѓубрива или други мерки според добиените резултати, вели професор д-р Татјана Миткова, раководител на Институтот за животна средина при Факултетот за земјоделски науки и храна.

За земјоделците, почвата заедно со атмосферата, претставува средина во која растението живее и дава приноси. Почвата е ограничен природен ресурс, кој е тешко обновлив, а лесно уништлив. Поради поплавите многу површини со жита особено во Пелагонија се уништени. Токму затоа неопходни се педолошките и агрохемиските анализи.

-Без добро познавање на почвата не може да се примени ниту една агротехничка или мелиоративна мерка, едноставно не може да се направи правилен избор на култури кои успешно ќе се одгледуваат според условите на теренот.Педолошката анализа е неопходна, посебно за повеќегодишните култури, односно кога се во прашање подигање на лозови или овошни насади. Една почва за да биде плодна не треба да биде само обезбедена со хранливи елементи. Таа треба да биде и продуктивна. Тоа значи дека во текот на целата вегетација почвата треба да им обезбеди на растенијата навремено и во оптимални количества, хранливи елементи, но и вода, воздух, топлина. Таа треба да претставува механичка потпора, и да ги штити растенијата односно да нема присуство на штетни материи, кои во даден момент можат да го попречат нормалниот развојот на растенијата, вели професорката Миткова.

И од Федерацијата на фармери порачаа после повлекувањето на водата задолжително да се направат педолошки и агрохемиски анализи за да се види квалитетот на почвата. Дополнително побараа на земјоделците кои претрпеа штети од поплавите да им се дадат ваучери за набавка на репроматеријали.

-ФФРМ апелира земјоделците да ги пријават до надлежните институции штетите кои им се направени од страна на невремето.На површините зафатени од поплавите да се направат педолошки и агрохемиски анализи, за да се види составот на почвата, како и да им се дадат соодветни совети на земјоделците за понатамошни активности кои треба да ги преземат за зачувување на квалитетот на почвата, односно почвата да биде во добра производна кондиција. На земјоделците трба да им се дадат ваучери за репроматеријали, зависно од големината на површината и културата и тоа препарати, ѓубрива, гориво за земјоделска механизација, расаден материјал и друго, велат од ФФРМ.

Поплавени куќи, имоти, дворови, земјоделски површини, угинат добиток, ова е епилогот од поплавите кои ја зафатија Македонија изминатиов период. Новите дождови ги потопија земјоделските површини. Најкритично е во пелагонискиот регион каде што многу површини со жита се под вода. Извесно е дека од поплоавените површини нема да се произведе ниту зрно.

Штетите се милионски и допрва ќе се пресметуваат. Во земјоделството доцнењето на на пролетната сеидба ќе влијае врз намалување на производството, а со тоа и на понудата на храна на пазарите, но и на цената на производите.

Преземен текст.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php