«

»

Jan 10

Општина Новаци расположена за соработка во откривањето на ураниум во пограничните села

mapa

Американска разузнавачка агенција уште од средината на минатиот век активно ја следи состојбата со можното наоѓалиште на ураниум во Македонија, покажуваат документи кои се отворени за јавноста, а за кои јавува МИА. ЦИА постојано врши анализи на македонските ресурси и рудни богатства. Една од овие проценки, од октомври 1955 година, била заведена како таен документ во нејзините архиви и во неа се наведува дека Македонија располага со ураниум, во близина на границата со Грција.

uranium500

“Најбогатите наоѓалишта на ураниумска руда во Југославија се смета дека се во близина на југословенско-грчката граница, во планините јужно од Битола. Рудата се наоѓа во глина која Југословените ја нарекуваат диатомејска глиница (диатомејска земја). Југословените планираат да изградат шесткилометарска жичница до Прилеп, каде би се отворила постројка за дробење на рудата. Изградбата на оваа жичница се проценува на милион динари“, пишува во информацијата која е достапна за јавноста, но откако значителен дел од документот претходно бил избришан. Овој кус податок е најинтересното сознание од записите за рудните богатства на Македонија кои ЦИА ги има отворено за јавноста. Од другите македонски ресурси, ЦИА го нотирала постоењето на рудникот за злато Дудица кај Демир Капија, за кој забележува дека германските окупациски сили сакале да го експлоатираат во текот на Втората светска војна, а во времето на Југославија биле извршени пробни копови и се утврдило дека златната жила продолжува до границата со Грција.

Информациите за резервите на ураниум во Македонија се од најголем интерес, имајќи ги предвид повремените иницијативи за изградба на нуклеарна централа во Македонија. Објавувањето на тајните документи на американскиот Стејт департмент од страна на организацијата Викиликс откри дека американскиот интерес за македонскиот ураниум не завршил во 1950-те години. Во оваа белешка не се наведува каде се наоѓаат овие потенцијални резерви на ураниум на македонска територија, односно дали се работи за истата локација која ЦИА ја имала забележано пред 60 години.

Општината Новаци која е најбогат ресурс со јаглен и други минерали во Државата, доколку има било какви иницијативи за истражување на тукашните рудни богатства, е спремна за соработка.

– Постарите луѓе, на времето копале момирок, а покрај момирокот се копаше и јаглен, и се дискутираше во тој дел – дали ова е штетно, дали тоа е радиоактивно, но немаме некои поголеми сознанија околу тоа. Нашата Општина стои на располагање, ако има такви сознанија, да почниме да соработуваме – рече градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски.

Дека нешто навистина постои го потврдуваат жителите на пограничните новачки села.Во овие шест децении, генерациски и со шепот се пренесувале разни приказни дека тука сакаат да дојдат Американците, дека има некаква руда, но дека Тито тоа не го дозволува.

02-Bitola

-Немам ништо слушнато за ураниум овој период – вели Ристо Бабарски од с. Добровени.

– Сум потчул нешто, ама како деца  не сме запаметиле ништо. Ама тука има нешто- вели Драгомир Раденковиќ од с. Рибарци.

– Кој ќе одевме да ги гледаме јамите открај, се велеше дека тука сакаат да влезат Американците- рече Владо Стевановски од с. Живојно.

– Тие сакаа, ама стариот не даваше. Тито не даваше- додава неговиот сосед и најстар жител на Живојно Стефан Крстевски.

 

Иако новачани имаат соработка и заеднички прекугранични проекти со грчката општина Аридеа ,која се наоѓа од другата страна на планинскиот масив, велат дека за оваа информација ништо не знаат и нивните соседи.

Истражувањата за ураниум во Македонија завршиле во 1962 година. Најбогато наоѓалиште било откриено во реонот на Злетовска Река, за кое во 1985 година имало иницијатива повторно да се отвори од тогашниот Извршен совет на СР Македонија во рамките на возобновувањето на нуклеарната програма. Но, подоцна државата се откажала од овој проект, а ова наоѓалиште е потопено со хидроакумулацијата од браната „Kнежево. Истражувањата на Рударско-геолошкиот завод на Република Македонија спроведени во педесеттите и во шеесеттите години на минатиот век откриле наоѓалишта на ураниум на подрачјето на Пробиштип, Радовиш, Струмица и во Мариово. Но, со технологијата која била достапна тогаш било оценето дека пронајдените количества не биле доволни за комерцијална експлоатација.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php