«

»

Oct 03

Општина Новаци во возвратна посета на збратимената општина Хрпеље – Козина

IMG_6443

 

На покана на збратимената општина Хрпеље Козина, четиричлена делегација од општина Новаци предводена од градоначалникот Лазар Котевски пет дена престојуваше во Република Словенија. Домаќините за првиот ден имаа планирано разгледување на преубавата Венеција, плоштадот Свети Марко, Дуждевата палата, катедралата Свети Марко, Мостот на милоста и Големиот канал.Официјалните средби започнаа вториот ден од посетата.

„Би сакал да го изразам своето воодушевување од посетата на нашата збратимена општина а посебно од гостопримливоста и дочекот на нашите пријатели. Официјалниот дел од посетата започна вториот ден со посета на општина Хрпеље – Козина и свечен прием кај градоначалникот Звонко Бенчич Мидре. Потоа остваривме средба со директорката на развојната агенција ОРА, г-ѓа Власта Шубан и со д-р Анета Георгиева која е македонка а живее и работи во оваа општина. Присуствувавме на свечена седница на општинскиот совет на кој беше поканет и македонското аташе Љупчо Јановски: На седницата се запознавме со советниците и начинот на работа на оваа институција,погледнавме  промотивен спот за општината домаќин со цел повеќе да се запознае со ресурсите и потенцијалите со кои таа располага“, рече Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

Делегацијата од општина Новаци ја посети и тамошната индустриска зона со посебен осврт на фабриката за пластични и резервни делови за автомобили КЕРН како и фирмата Роботина која се занимава со производство на соларна електрична енергија и изработка на автоматски системи.

„Ја посетивме детската градинка, основното училиште и спортската сала додека во библиотеката  присуствувавме на приредба на македонски и словенски јазик подготвена од дечињата македонци кои живеат и учат во Хрпеље – Козина. Посебно ме фасцинираа локалните малостопанственици кои се занимаваат со земјоделство како кметија Ренко во село Сливје кои се занимаваат со овоштарство и сирењарата Махне во село Татре. Овие малостопанственици се навистина за пофалба затоа што семејниот бизнис го имаат развиено на едно повисоко ниво од кај нас и тој пример треба да се следи и примени во Македонија“, рече Котевски.

Градоначалникот на општина Новаци беше воодушевен од противпожарната станица во Хрпеље, Материја  која се простира на 700 квадратни метри површина а сите 40-тина активни пожарникари кои тука работат ја извршуваат должноста волонтерски и за нив членувањето во ова друштво кое има традиција од 105 години е вистинска чест и престиж која се продолжува од дедо, на син, на внук.

„Третиот ден ни започна со посета на Домот на граѓаните кој неодамна го израдила општината со европски средства како и полициската станица, за потоа да ја посетиме општина Долина во Италија каде живеат и работат голем број словенци како и претседателката на покраината Трст Марија Тереза Баса, винарската визба Винакрас и Стопанската комора во Сежана.Остварив средба и со градоначалникот на општина Ланиште, Р.Хрватска господинот Невен Микад. Овие средби ќе бидат од голема корист за општина Новаци затоа што се видовме многу корисни и нови работи кои ќе настојуваме да ги примениме во нашето работење . Исто така нашите пријатели од Хрпеље Козина ветија дека максимално ќе ни помогнат околу пренесувањето на нивните искуства и знаења за искористувањето на европските средства за реализација на разни проекти“, посочи Котевски.

Македонската делегација до крајот на нивниот петдневен престој во Хрпеље-Козина  го посети пристаништето во Копер, пржилницата на кафе Емонец, луксузното летувалиште Порторож и престижниот хотел Кемпински Палас.

Општина Новаци со Хрпеље-Козина има аплицирано со проект во програмата „Европа за граѓаните“ заедно со уште две други општини хрватската Дуги Рат и албанската Пустец, а одлуката треба да биде соопштена до крајот на оваа година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php