«

»

Aug 13

Општина Новаци ја оживува легендата за Калеш Анѓа

kukata na kales anga

Во мариовско Старавина, од наредниот месец конечно ќе стартуваат најавените градежни работи за реставрација на старата куќа на македонската хероина Калеш Анѓа. За значењето на Калеш Анѓа зборува и фактот што таа е овековечена во романот на Стале Попов како синоним на македонската борба против потурчувањето. Куќата во која таа живеела е ѕидана од камен и од бела земја, автентичен за овој крај, но во моментот е запуштена и обрасната со плевел.

Според градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски, парите кои се чекаа од Европската унија од ИПА програмата за прекугранична соработка Македонија-Грција 2007-2013, а кои беа наменети за проектите со кои покрај куќата на Калеш Анѓа ќе се реконструираат и Воденицата, мостот во Зович и црквата Св. Димитрија” во Градешница, легнаа на сметка на општината, а деновиве ќе бидат распишани тендери за избор на изведувач.

Покрај реставрациите на објектите со проектот е предвидено и изградба на природна,историска и комбинирана патека како и поставување на клупи околу објектите, вели градоначалникот на Новаци, Котевски

„Проектите за сите овие објекти кои се дел од македонското културно наследство се веќе готови, така што веќе од први септември очекуваме и отпочнување на градежните работи. Во рамките на проектите е влезена и изградбата на патеки и поставување на клупи околу објектите, така што и просторот околу нив ќе биде целосно уреден. Во постојан контакт сме и со Музејот на Битола кој ќе врши главен надзор врз градежните работи на објектите кои се сметаат за културно-историско наследство и се заштитени со закон”, објаснува Котевски.

Куќата на Калеш Анѓа ќе се реконструира надворешно со цел да се спречи од распаѓање и истата ќе биде претворена во етномузеј. Предвидено е да се обноват и амбарот и старата фурна кои се наоѓаат во дворот. Легендарниот мост којшто се наоѓа кај с. Зович е изграден во кањонот на Градешка Река. Поради својата убавина, уникатност и прекрасната природа беше употребен и за снимањето на филмовите на Милчо Манчевски.

„Бидејќи буџетот е ограничен средствата ќе ги искористиме за обележување на патеките, поставување на патокази, партерно уредување околу црквите.“ вели Котевски.

Според Котевски аплицирање до фондовите на Европската унија нема да заврши тука, наскоро ќе бидат поднесени нови апликации и за други објекти кои се дел од македонското културно наследство.

Во моментот се изработуваат проекти со кои треба да аплицираме најдоцна до 23 август кога е краен рок. Планираме да аплицираме со 5 проекти од кои 4 се во ИПА Програмата а еден е во програмата „Европа за граѓаните“, Основната идеја е развој на руралниот туризам и афирмација на убавините на Мариово, но и меѓусебна размена на искуства и соработка”, додава Котевски.

Општина Новаци е општина со исклучително големо културно и историско богатство. На најзина територија има 59 цркви и 39 манастири, тука е и спомен костурница на Кајмакчалан.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php