«

»

Feb 20

Ќе се гради сала за крштевки, свадби и венчавки во манастирот во Новаци

IMG_2318

Општина Новаци наскоро ќе ја добие потребната и долго очекувана сала за крштевки,свадби и венчавки во манастирот Рожденство на Пресвета Богородица во Новаци. Темелите за објектот се ставени минатата година а со донација на општина Новаци во висина од 50 000 евра наскоро ќе започне и изградбата на објектот.

„Манастирот е изграден а во 2009 година е осветен под покровителство на Претседателот на Владата на РМ Никола Груевски. Сега во рамките на манастирот планираме да изградиме уште три нови објекти:конаци, камбанарија и современа сала за крштевки, свадби и венчавки. Салата е навистина неопходна бидејќи во последните 3 години имаме зголемен интерес за венчавки во Манастирот Рожденство на Пресвета Богородица а оваа сала ќе ја користат жителите на трите пелагониски општини Новаци, Битола и Могила а и пошироко„, рече Вељо Тантаров, претседателот на црковниот одбор на манастирот.

Тантаров е задоволен од досегашната соработка, залагањето и помошта на градоначалникот Котевски, кој го реконструирал патот кој води до манастирот а кој бил целосно пропаднат од движењето на тешка механизација.

Салата ќе биде изградена по современи стандарди со капацитет за 400 гости, ќе располага со современа кујна со сите пропратни елементи.

„Општината за почеток ќе помогне со средства да се започне со изградбата на салата чии темели се турени минатата година. Понатаму ќе бараме средства преку спонзорства и донации за да ја завршиме изградбата на салата која навистина им е потреба не само на жителите на општина Новаци туку и на околните општини“, рече Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

Локалните власти очекуваат на овој начин да го заживеат овој регион и да ги привлечат иселенеиците во селото. Со изградбата на овој објект како и со завршувањето на конаците на манастирот, ќе се одговори на потребите на жителите на 50 села од регионот покрај македонско-грчката граница кои со месеци чекаат да ги организираат своите свечености и верски прослави. Манастирот Рожденство на Пресвета Богородица е препознатлив белег на општина Новаци а со својата убавина покрај локалните жители ги привлекува и намерниците кои тука доаѓаат во туристичка посета.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php