«

»

Feb 12

Наскоро ќе се реновира Куќата на Калеш Анѓа во Старавина

IMG_2277

За еден месец ќе започне да се реконструира куќата на македонската историска хероина Калеш Анѓа. Се вршат последните подготвителни активности околу започнувањето со реализација на проектот „Жива историја-жива природа“, за кој општина Новаци доби грант од 260 000 евра од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Р.Грција. Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски денеска оствари средба со Дамчевски Љупчо, сопственикот на куќата на Калеш Анѓа која треба да се реновира со проектот.

„Јас сум сопственик на куќата на Калеш Анѓа во Старавина која ќе биде опфатена со проектот Жива природа – Жива историја. Денеска дојдов во општина Новаци да потпишан изјава дека се согласувам да се изврши реконструкција на горенаведениот објект согласно проектот на проектантското биро Иванов инженеринг и стручното мислење на НУ Завод за заштита на спомениците Битола“, рече Дамчевски Љупчо, сопственик на куќата.

„До крајот на овој месец треба да се потпише договорот и потоа ќе следи исплата на првата транша од средствата планирани за реализација на проектот Жива историја-жива природа. Веќе се порачани проектите за реконструкција на Куката на Калеш Анѓа, Воденицата, мостот во Зовиќ и црквата св.Димитрија во Градешница. Куќата планираме да биде претворена во етно музеј а ќе може да се користи и како сместувачки капацитет. Тоа ќе го договориме со сопственикот“, рече Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

Куќата на Калеш Анѓа е овековечена во романот на Стале Попов како синоним на македонската борба против потурчувањето. Објектот е ѕидан од камен и од бела земја, автентичен за овој крај. Досега беше оставен на забот на времето и е пред распаѓање со разнишани ѕидови, обраснат со тревишта и замандалени порти. Благодарение на општина Новаци ќе го добие заслужениот сјај.

Покрај реконструктивните зафати на објектите, со проектот планирано е да се направи и обележување на природна, историска и комбинирана патека со цел развој на алтернативниот туризам.

За да го врати животот во Мариово, општина Новаци на чело со градоначалникот Лазар Котевски донесоа одлука на сите оние кои сакаат да се вратат да живеат и работат во Мариово да им издаде општински згради без надомест на користење на долгорочен закуп од неколку децении.

Општина Новаци посебен акцент става и на развојот на манастирскиот туризам, бидејќи Мариово изобилува со огромен број цркви и манастири: 59 цркви и 29 манастири од кои поголем број се под заштита.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php