«

»

Jan 24

ВМРО-ДПМНЕ одржа трибина во општина Новаци

DSC_0786

 

Партијата ВМРО-ДПМНЕ како никогаш досега блиска до народот и подготвена да ги слушне и реши нивните проблеми.  На синоќешната трибина во Новаци, поголемиот дел од владините министри ги презентираа најновите проекти на Владата насочени кон подобрување на животот на населението и развој на Македонија.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски се осврна на влијанието на светската економска криза врз Република Македонија, но потенцираше дека под водство на премиерот Никола Груевски се остварени најголемите стапки на економски раст и нашата мала држава поуспешно се справува со кризата отколку мноштво големи држави во светот.

„Во време на европска криза, успеавме да ги решиме проблемите со антикризните мерки. Во Република Македонија се инвестираат 1,6 милијарди евра странски инвестиции и имаме стабилен денар, нема инфлација и рекордно високи девизни резерви“, рече Пешевски.

Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски направи паралела на висината на субвенциите која им ја давала на земјоделците државата од 2005 година па наваму, за да потенцира дека годинава директната поддрша за земјоделството изнесува 135 милиони евра.

„Нашата политика е да имаме што поголем број регистрирани земјоделци, а воедно сакам да ве потсетам на два важни Закони кои се во тек и кои треба да ги искористите бидејќи наскоро им истекува рокот. Тоа е Законот за легализација на бесправно изградени објекти за примарно производство и Законот за легализација на земјоделска механизација“, рече Зоран Коњановски зам.министер за ЗШВ на РМ.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски потсети дека од март пензионерите ќе добијат повисоки пензии а дека министерството ќе обезбеди максимална грижа за децата и ранливите категории граѓани.

„Во општина Новаци благодарение на градоначалникот Лазар Котевски, знам дека функционира една од најуспешните игротеки во РМ, па токму затоа имам чест да најавам дека во најскоро време таа игротека ќе биде легализирана и ќе добие статус на детска градинка. Секако дека потоа ќе имате можност сами да одлучите за отворање на нови во населените места каде што има потреба“, рече Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика на РМ.

Министерот за здравство, Никола Тодоров зборуваше за модернизацијата на Клиничката болница Битола како една од водечките здравствени установи во регионот и најави за брзо време модернизација на Онколошкото одделение и инсталирање на акцелератор кој е многу важен за регионот.

Според министерот за информатичко општество Иво Ивановски со ваков градоначалник како што е градоначалникот Котевски, општина Новаци наликува на Париз.

„Среќни сте што имате ваков градоначалник, затоа што секаде каде што сме оделе заедно во посета на селата од регионот жителите изразуваа желба Котевски да биде нивен градоначалник, а многумина сакаа да живеат во Новаци“, рече Иво Ивановски, министер за информатичко општество.

Градоначалникот Котевски им изрази голема благодарност за укажаната чест на Владата и нејзините министри за одржаната трибина и нивното присуство во неговата општина.

„Се гордееме со успесите во комуналната инфраструктура, за што имавме поддршка од Владата.За нас од големо значење е големата реконструкција на општинската зграда со што се создадоа услови за поефикасно исполнување на барањата  на граѓаните. Потоа поголема капитална инвестиција ние реконструкцијата на уличното осветлување во Новаци, Рибарци и Добромири, канализацијата во Новаци, големиот број на ракометни игралишта и детски забавни паркови, партерни уредувања, фонтани и други проекти“, рече градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски и кандидат за градоначалник за претстојните локални избори за трет мандат.

DSC_0748 DSC_0723

Мноштвото присутни во преполната сала имаа можност на министрите и претставниците од државните институции да им постават прашања и да добијат директен одговор. Жителите од пет мариовски села побараа изградба на регионалниот патен правец  Рапеш – Старавина и повторно отворање на полициската станица во Старавина. Министерот Тодоров на поставеното прашање за отворање на амбулантата во с.Бач даде потврден одговор и вети дека тоа прашање ќе се реши за десеттина дена.Пензионерското здружение побара отворање на пензионерски дом во веќе постоечки објект на Општината, а ресорниот министер Ристоски вети дека за една недела ќе испрати стручен тим на градежни инженери за да го скенираат теренот. Останатите прашања кои им беа упатени на министрите се однесуваа за реконструкција на патниот правец Новаци –Добромири- Агларци – Далбеговци, решавање на проблемот со водоснабдувањето на Новачкото поле и префрлање на хидросистемот на Стрежево преку река Црна.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php