«

»

Dec 11

Во посета на ЦОУ “Славко Лумбарковски” во Новаци

Иако во овие моменти кога голем број училишта во земјава имаат проблеми со недостиг од финансиски средства за греење и обезбедување бесплатен превоз за учениците, во ЦОУ „ Славко Лумбарковски“ во Новаци се функционира беспрекорно. Учениците имаат одлични услови за работа а тие тоа го враќаат со своите резултати и постигнати успеси.

„Благодарение на одличната соработка со локалната самоуправа и грижата за учениците од страна на градоначалникот на општината Лазар Котевски, нашето училиште на учениците им овозможува одлични услови за настава. Во оваа образовна институција оваа учебна година настава посетуваат 203 ученици, а на условите што тие ги имаат во процесот на едукација, како во централното така и во сите шест подрачни училишта, можат да им позавидат и некои поголеми училишта во градските средини“ вели директорката на ЦОУ „Славко Лумбарковски“ Ана Котевска Велјановска.

Во општина Новаци велат дека подобрувањето на условите за живеење и грижата за учениците секогаш им се во прв план.

„Благодарение на извонредната соработка со градоначалникот Лазар Котевски, ние сме училиште што може да се мери со многу училишта во Битола и пошироко. Во рамките на заложбите за добри услови за работа , во сите училници има компјутери кои се набавени со владината акција„Компјутер за секое дете“, а во подрачните училишта учениците имаат на располагање мали лаптопи. Ме радува што тие се многу совесни и се грижат за нивното одржување “ вели директорката на ЦОУ „Славко Лумбарковски“ Ана Котевска Велјановска.

Грижата е подеднаква и за шесте подрачни училишта во селата: Добромири, Агларци,Живојно,Бач, Рибарци, Гермијан и Рапеш.

За да се овозможи редовна настава по 25 години пауза повторно беше обновено училиштето во мариовското село Рапеш каде од 1 септември настава посетуваат неколку дечиња. Наскоро ќе биде изградено монтажно училиште во село Далбеговци каде што ќе се изведува одделенска настава за ученици до петто одделение.

„ЦОУ„Славко Лумбарковски“  ја има целосната поддршка од локалната самоуправа. Ние се трудиме во границите на нашите можности да им излезиме во пресрет за решавање на сите проблеми со кои се среќаваат. Бидејќи општина Новаци е една од најненаселените во Македонија, настојуваме да изградиме или да ги адаптираме училиштата, ако е потребно да работат само за еден ученик. Во текот на оваа учебна година , покрај реконструкцијата и обновувањето на училиштето во селото Рапеш, ние како локална самоправа вложивме доста средства и за реновирање на покривите на училиштата во селата Рибарци и Живојно. Пред почетокот на школската година ги посетивме сите училишта во општината за да се запознаеме со нивните проблеми  и по скенирањето на состојбите за сите набавивме нови печки за греење а го обезбедивме и огревот. Воедно заедно со Министерството за образование помагаме и за решавање на проблемот со превозот на учениците. За разлика од некои други училишта во земјата, ние немаме проблем“ вели советничката за образование во општина Новаци Мирјана Кузмановска.

Освен за подобрување на условите за настава, локалната самоправа во Новаци се грижи и за зачувување и подобрување на здравјето на учениците. Бидејќи во општина Новаци се наоѓа најголемиот производител на електрична енергија РЕК, благодарение на добрата соработка со ЕЛЕМ, сите ученици секоја година поминуваат седум дена на рехабилитација во прекрасниот хотел „Молика“ на Пелистер. Оваа година градоначалникот Котевски на сите 203 деца им подели и бесплатни ваучери за солената соба каде што децата можеа да уживаат во здравиот морски амбиент. Паралелно со грижата за здравите, локалната самоуправа  исклучително внимание им посветува и на дваесеттина ученици со тешкотии во учењето и со пречки во развојот.

Линк до објавата во Нова Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php