«

»

Dec 03

Интернационална конференција “Што ние правиме за малите и средни претпријатија”

Градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски присуствуваше на отворањето на тридневната интернационална конференција на која ќе се дискутира на тема „Што ние правиме за малите и средни претпријатија“, во организација на Фондацијата Бизнис старт ап Центарот, како дел од проектот на УСАИД „ Бизнис без граници “. Целта на конференцијата е да им се понудат алатки, решенија и ресурси за поуспешен настап во светот на бизнисот и следење на трендовите на пазарот на малите и средни претпријатија.

На конференцијата се обрати заменик амбасадорот на САД во РМ, Брајан Агелер.

„Со ваквите активности им се нуди поддршка и се јакнеат малите и средни претпријатија. Се надевам дека ова ќе им користи во изнајдувањето решенија за проблемите со кои се соочуваат во секојдневието. Малите и средни претпријатија се столбот на секоја економија  кои креираат нови работни места и создаваат приходи. Во изминатиот период УСАИД соработувајќи со Бизнис старт ап центарот отвори 318 нови работни места и тоа претежно за жени, отворени се 96 нови претпријатиа а помогнати се 77  постоечки бизниси. Исто така обучени се околу 1200 бизнисмени за разни бизнис вештини“ рече заменик амбасадорот на САД во РМ, Брајан Агелер.

Министерот Иво Ивановски ја најави помошта која ќе ја дава Владата за отворање на 50 електронски продавници.

„Еден ваков центар како што е Бизнис старт ап центарот е навистина потребен за да можат сите идеи да се претворат во успешен бизнис. Развојот на малите и средни претпријатија е од големо значење за развојот на пелагонискиот регион, кој е втор по вработеност во РМ веднаш по скопскиот.Многу му благодарам на УСАИД и на САД за поддршката што ни ја даваат за развој на бизнисот. Ние како Влада правиме свои чекори во иста насока, за таа цел ја воведовме реформата регулаторна гилотина а сега објавуваме втор конкурс за отворање на електронски продавници“, рече министерот за информатичко општество и администрација на РМ, Иво Ивановски.

На свеченото отворање градоначалникот на општина Битола посочи дека локалната самоуправа презема конкретни мерки за самоодржливост на малите и средни претпријатија.

Конференцијата треба да придонесе кон активирање на локалните ресурси преку размена на знаење, вмрежување и учење, да се отвори патот за развој на малите и средни претпријатија и економскиот раст. Во истите рамки се организираше и мини саем за фирмите поддржани од проектот, а учениците од средните училишта ја презентираа својата иницијатива за изградба на скејт парк.

Инаку проектот на УСАИД „ Бизнис без граници“е имплементиран од Бизнис старт ап Центарот а доделениот грант изнесува 1,3 милиони американски долари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php