«

»

Nov 24

Се унапредуваат условите за предшколско воспитување и едукација на децата во општина Новаци

Децата на претшколска возраст во општина Новаци го посетуваат Центарот за ран детски развој „Бамби“ каде се стекнуваат со првите знаења, се социјализираат и имаат можност низ игра и дружење со своите врсници , да научат многу нови работи и да ја задоволат детската љубопитност. Сепак, општина Новаци прави напори да прерасне во вистинска градинка, за што се предвидени одредени законски услови за кои од општината велат дека се исполнети.

„Центарот за ран детски развој во Новаци започна да работи преку проект на УНИЦЕФ уште пред 2005 година. Од 2005 кога проектот заврши требаше да го затвориме овој едукативен центар. По моја лична иницијатива и на општината, го задржавме центарот иако во другите општини каде што имаше вакви проекти и игротеки, проектите завршија и истите се затворија. Сепак ние го задржавме центарот и тој продолжи да работи, а заинтересираноста за истиот е голема и кај локалното население. Сега бараме да се отвори и градинка затоа што имаме потреба од тоа. Околу 150 деца досега го посетувале Центарот за ран детски развој а меѓу нив е мојот 4 годишен внук . Ќе настојуваме и понатаму, односно ќе аплицираме за да добиеме градинка. Постојат одредени  нормативи кои е предвидено да се исполнат како услов за градинка. Ние веќе ги исполнуваме. Треба бројот на деца да не е помал од 20. Сега имаме многу повеќе,а ако успееме да ја отвориме градинката бројот дополнително ќе се зголеми, затоа што од соседните села се заинтересирани и сакаат да ги носат децата овде“ вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Имавме понуда децата да се носат во една битолска градинка но идејата беше отфрлена од страна на родителите за тоа што на локалните жители им е важно децата да бидат блиску до домовите а сепак да имаат можност за социјализација, вели Котевски.

„Јас бев иницијатор за ова затоа што сакам нашите деца да излезат едуцирани од овие краишта. Целта е да бидат поподготвени кога ќе одат да се школуваат во поголемите центри во урбаните средини. Да нема разлика меѓу децата од село и децата од град“ вели градоначалникот Котевски.

Цетарот за ран детски развој „Бамби“опфаќа деца од 3 до 6 годишна возраст.

„Целта е едукација, стимулирање на раниот детски развој преку игра и забава. Но со активностите на центарот не се опфатени само децата, туку и родителите. Со нив се дискутира на најразлични теми со кои се соочуваат секојдневно со сопствените деца“ вели едукаторот Николина Лозановска.

Центарот за ран детски развој „Бамби“ од Новаци беше домаќин и на работната група за правата на децата која е формирана во рамките на собраниската комисија за труд и социјална политика и во која членуваат пратеници на различни политички партии како и претставници од Канцеларијата на УНИЦЕФ. Во текот на летото „Бамби“ беше реновирана благодарение на грантот кој го доби од Мировниот корпус со помош на волонтерот Хана Траскот која работи во општината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php