«

»

Nov 21

Четврта работилница во рамките на проектот “ТЕЛЕТЕРМ” за пренос на знаења за парно греење во Новаци и Битола

Администрацијата на општина Новаци присуствуваше на четвртата работилница „Трансфер на технологијата за инсталирање и работење на мрежа за централно греење“ во рамките на проектот ТЕЛЕТЕРМ. Целта е подигнување на степенот на знаење на граѓаните за значењето на овој проект и размена на знаења и искуства со грчките партнери кои веќе ја имаат спроведено топлификацијата.

Проф.д-р Игор Неделковски имаше свое излагање за паметните мрежи и нивната енергетска ефикасност.

„Стариот систем на електрични мрежи е веќе застарен и потребно е да се модернизира, бидејќи потрошувачката на струја е се поголема заради што се јавуваат испади во електричната мрежа, варира напонот кој пак предизвикува оштетување на електричните апарати. Затоа е потребно инсталирање на нови линии а еден вид од нив се и паметните мрежи, чија суштина  е електричната енергија да се дистрибуира преку системот на најекономичен и најефикасен начин, што ќе доведе до помали сметки за електрична енергија а со самото тоа и за топлинска енергија“ рече проф.д-р Игор Неделковски од Техничкиот факултет Битола.

Проф. д-р Зоре Анѓелевски го изложи своето стручно мислење за тоа каде ќе се инсталираат гранките на топловодот од РЕК низ Новаци па се до Битола.

„Едниот крак на топловодот ќе започне од РЕК , низ Новаци па ќе врви на улицата Иван Милутиновиќ и ќе заврши кај Васко Каранѓелевски. Другиот крак ќе врви низ новата улица Железничка па низ Партизанска. Инсталациите ќе бидат поставени под тротоарите со што ќе се избегне раскопувањето на улиците. Сметаме дека овие две мрежи ќе бидат доволни да се снабдуваме со топлинска енергија.Се разбира дека на улицата Васко Каранѓелевски ќе треба да се постават изменувачки станици за да може со топлинска енергија да се снабдуваат населбите: Баир и Брусничко-лавчанска населба.“ рече Проф.д-р Зоре Анѓелевски, од Техничкиот факултет Битола.

На работилницата беше промовирано второто ДВД издание од досегашните активности на проектот. До крајот на оваа година ќе се реализира уште едно стручно предавање а домаќин ќе биде општина Новаци.

До март 2013 година општина Битола треба да ја изработи техничката студија а веќе е во тек тендерската процедура.

Проектот за пренос на знаење за централно греење на Новаци и Битола го реализираат овие две општини а како партнер од грчка страна се јавува општинската организација за централно греење за поширокиот регион на Аминтео, ДЕТЕПА.Финансиран е од ИПА програмата за прекугранична соработка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php