«

»

Nov 14

Општина Новаци е првата општина во Македонија која легализира фарма

Фармата за молзни крави на Владимир Атанасовски во село Гермијан е првата фарма во Македонија која е легализирана, согласно Измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште од јули 2012 година. Администрацијата на општина Новаци поднесеното барање го реши во рок од 5 дена. Основна причина заради која го поднел барањето за легализација на објектот е реновирање и проширување на фармата со цел поднесување апликација за добивање средства од ИПАРД програмата.

„Го легализирав постоечкиот објект со цел да го реновирам и да ја проширам фармата за да можам да аплицирам во европските фондови за добивање средства од ИПАРД програмата. Ова е првиот чекор до остварување на мојата замисла. Апелирам мојот чекор да го следат и другите земјоделци кои сакаат да напредуваат и да го прошируваат својот бизнис.“ вели сопственикот на фармата Владимир Атанасовски.

Рокот за поднесување барања за потврдување (легализација) на изградените помошни објекти, оранжерии или објекти за примарна обработка на земјоделски производи на земјоделско земјиште без претходно добиено одобрение за градба трае до 26 јули 2013 година, а истите се поднесуваат во општината.

„Во прилог на барањето потребно е да се достави копија од лична карта односно извод од Централен регистар за правни лица, доказ за приклучок на комунална инфраструктура (сметка за вода, електрична енергија и сл) или изјава  заверена на нотар со која барателот ќе потврди дека објектот е изграден пред 14.02.2011 година и геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправно изградениот објект. Во објектиза примарна обработка на земјоделски производи спаѓаат и објекти за одгледување на добиток, живина, рибници и сл.“ вели дипл. арх.инж. советник за одобренија за градба и урбанизам Лилјана Најдовска.

Со Законот за измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште значително е олеснета постапката за добивање на одобрение за градба за изградба на помошни објекти кои се во функција на земјоделството и сточарството.

„Постапката со Законот е значително олеснета и скратена така што земјоделците можат да добијат одобрение за градба т.е објектот може да се изгради на земјоделско земјиште без урбанистичка планска документација со претходна согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на тој начин што ќе  изработат основен проект за изградба на објектот со извршена ревизија кој треба да го достават со барањето за одобрение за градба во општината заедно со катастарската скица од предметната парцела и доказ за сопственост на земјиштето. Апелираме до сите жители на општина Новаци кои бесправно имаат изградено стопански објекти во наведениот рок 26 јули 2013 година  да поднесат барање за легализација со цел да им бидат легализирани изградените објекти.“ вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Досега во општина Новаци поднесени се 900 барања за легализација на бесправно изградени објекти од кои решени се 200 а останатите се во постапка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php