«

»

Nov 13

270.000 евра за општина Новаци од ИПА програмата за меѓугранична соработка со Р.Грција

Општините Новаци и Алмопиа потпишаа договор за партнерство и добија грант од пола милион евра во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка Македонија – Грција 2007-2013, за проектот „ Жива историја – жива природа“. Главна цел на проектот е реализација на заеднички активности помеѓу партнерите заради промовирање и обединување на историските и природните ресурси во меѓуграничната област и поттикнување на локалниот економски одржлив развој.

„Висината на вкупниот одобрен буџет изнесува 545 321 евро од кои  Р.Македонија, односно општина Новаци ќе добие  267 215 евра а општина Алмопиа, Р.Грција ќе добие 278 107 евра. Општина Новаци е лидер на проектот и има задача да направи попис на историските и природните локалитети преку теренско истражување. Исто така ќе се спроведе и уметничко истражување, ќе се направи дигитална изложба, ќе се мапираат и обележат историски и природни патеки, ќе се направи промоција преку организирање на настани за јавноста и слично“. вели градоначалникот Котевски.

Во рамките на проектот ќе се изврши реконструкција на куќата на Калеш Анѓа, реконструкција на мостот и воденицата во с.Зовиќ и реконструкција на црквата Свети Димитрија во село Градешница. Исто така ќе бидат изградени две историски и природни патеки а ќе се одржат и неколку работилници.

„Ќе се санираат разрушените делови на мостот, до кој се наоѓа и една стара воденица која исто така ќе биде целосно реконструирана. Куќата на Калеш Анѓа која се наоѓа во с.Старавина ќе биде целосно реновирана според типичната единствена мариовска архитектура. Внатрешноста на куќата ќе биде направена во етно стил и ќе биде пренаменета во музеј. Предвидено е да се обнови амбарот и старата фурна која се наоѓа во дворот.“ вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Проектот ќе биде насочен кон документирање и истражување на поврзаноста помеѓу историските споменици и природните локалитети во секоја област и нивно промовирање како вредни и атрактивни туристички локалитети. Планирано е да се издаде туристички водич со цел развој на селскиот туризам и искористување на огромните потенцијали на Мариовскиот предел. Од општината се надеваат дека по реализацијата на овој проект ќе се зголеми интересот на инвеститорите за градење на хотелски капацитети во овој дел на Македонија. Општината има донесено одлука за бесплатно отпстапување под концесија на сите објекти кои се во нејзина сопственост на заинтересираните инвеститори кои ќе сакаат да ги преадаптираат во сместувачки капацитети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php