«

»

Nov 13

Градоначалникот Котевски на средба со жителите на Бач и Живојно

Сакаме редовна посета на лекар два пати неделно, изградба на детски парк, канализација, асфалтирање на патот до манастирот во Скочивир и регулирање на редовноста на превозот до Битола, беа барањата на жителите на селата Бач и Живојно на синоќешната средба со градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

„Ова е моја редовна практика на определен временски рок да ги посетам селата кои спаѓаат под општина Новаци, да остварам средба со нивните жители, да поразговарам со нив со цел да се запознаам со нивниот живот, потребите и проблемите со кои се соочуваат. Сите барања кои денеска ги слушнав се разумни. Приоритетно ние да го решиме проблемот со здравствената заштита, да им овозможиме да имаат доктор на располагање барем два пати неделно. Во Бач имаме амбуланта која пред извесен период ја реновиравме но нема доктор затоа што не му е исплатливо да доаѓа. Ќе побараме оваа област да се се прогласи за погранична зона и со тоа да се зголеми висината на средства кои ги дава државата со цел да му се исплаќа на лекарот да доаѓа редовно во селото“ рече градоначалникот Котевски.

Исто така општината ќе се залага и за решавање на проблемот со превозот , веќе разговарале со концесионерите и се надеваат дека проблемот ќе биде решен со цел жителите на Бач и Живојно да имаат редовна линија до Битола.

„Сите барања на жителите се разумни и оние кои се во надлежност на општината ќе бидат реализирани во најскоро време а за другите барања ќе бараме начин како истите да ги решиме и исполниме“ рече градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Општина Новаци започна со подготовка на Буџетот за 2013 година, па редовна практика на градоначалникот Лазар Котевски е да оствари средба со жителите на селата кои се под негова јурисдикција и да ги сослуша нивните потреби и барања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php