«

»

Nov 07

Претставници на УСАИД на средба со земјоделците од општина Новаци

Земјоделци и претставници од УСАИД седнаа на заедничка маса и ги започнаа информативните разговори за спроведување на проектот за „Конкурентност на Македонија“, а општина Новаци е избрана за пилот општина каде истиот ќе се реализира. Целта на состанокот беше поблиско запознавањесо земјоделците кои одгледуваат индустриски домати,приносите кои ги добиваат но и проблемите со кои се соочуваат“- рече Карл Ларкинс од УСАИД.

„Сакавме да ги запознаеме земјоделците од општина Новаци кои одгледуваат индустриски домат, да видиме како тие ја одгледуваат оваа земјоделска култура, какви се нивните приноси и со кои проблеми се соочуваат. Исто така ги информиравме и за новиот начин на одгледување на индустриските домати кои ќе треба да се примени во рамките на реализацијата на проектот, воведувањето на системот за наводнување капка по капка,претходно испитување на квалитетот на земјиштето каде ќе се сади, следење на современи протоколи, употреба на расад за специјална сорта на домати која зрее веднаш и на тој начин овозможува машинска берба на приносот.Секако она што најмногу нив ги интересираше е тоа што ќе имаат загарантиран откуп на производството од страна на Конзервната фабрика во Битола, која пак понатаму ќе им ги продаде на Витаминка од Прилеп. Значи станува збор за еден синџир кој ќе започне од самиот земјоделец а ќе заврши со фабриката Витаминка од Прилеп“ рече Карл Ларкинс директор на проектот.

Земјоделците покажаа голем интерес за проектот на УСАИД но и ги споделија своите искуства од досегашната пракса.

„ Пополнивме анкетни листови во кои го опишавме досегашниот начин на работа, колкава земјоделска површина обработуваме, колкави ни се приносите, кои се проблемите со кои се соочуваме, при што потенциравме дека еден вид хендикеп ни претставува тоа што општина Новаци не е приклучена кон системот за наводнување на Стрежево па мораме да се снаоѓаме самите копајќи сопствени бушотини.Исто така пласманот ни претставува најголем проблем, цената е доста ниска и има многу чекање.“ рекоа присутните земјоделци.

Градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски ја изрази својата поддршка за проектот на УСАИД „За конкурентност на Македонија“.

„Многу ме радува фактот што општина Новаци се покажа како интересна за реализација , спроведување и имплементирање на разни проекти од различни сфери, еден од нив е и овој кој ја фаворизира експанзијата на малите бизниси. Нашата општина е рурална општина каде поголем дел од населението се занимава со земјоделство, па доколку овој проект ги даде очекуваните резултати ќе имаме големи придобивки, дотолку повеќе што знаеме дека на секој земјоделец најголем проблем му претставува пласманот на неговото производство“ рече градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Претставниците на УСАИД ќе изберат еден земјоделец каде ќе се спроведува проектот а се очекува зголемување на производството од досегашните 20-30 тони индустриски домат по хектар на 80 тони по хектар. Очекувањата од спроведувањето на пилот проетот и промоцијата на постигнатите резултати се масовна прифатеност на овој начин на работа од страна на останатите земјоделци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php