«

»

Oct 08

Општина Новаци домаќин на 53-от регионален тракторски натпревар

Општина Новаци беше домаќин на 53 тиот регионален тракторски натпревар. Учество зедоа 12 екипи од вкупно 6 општини во регионот: Новаци, Битола, Могила, Демир Хисар, Ресен и Крушево, а натпреварувањето се одвиваше во две категории.

„Бидејќи нашето население претежно се занимава со земјоделство и сточарство, нашата општина ги поттикнува и максимално ги поддржува ваквите натпревари и нашите земјоделци за да продолжат и понатаму да се занимаваат со земјоделие, бидејќи земјоделството е еден од главните адути на населението“ рече градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Народна техника е успешен организатор на тракторскиот натпревар веќе пет децении.

„На оваа традиционална манифестација во изминатите педесеттина години учествуваа над 3100 учесници од кои 2700 мажи и 400 до 450 младинци. Победниците на овој натпревар ќе учествуваат на државниот натпревар кој ќе се одржи во Пробиштип“ рече извршниот директор на Народна техника, Стојан Стојановски.

 

Ваквите настани се од големо значење за земјоделците, па токму затоа редовно се поддржани и од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

„Знаеме дека земјоделството има една голема улога во нашата земја така што и ние на ваков начин помагаме, оти земјоделството е значајно и мислам дека тоа го остваруваме“ рече Јордан Кузмановски, раководител на АПРЗ.

Покрај натпреварувачкиот дел, манифестацијата беше збогатена и со изложба на земјоделска механизација на фирмата Евро стил.

„Ние сме едни од организаторите на 53 тиот по ред тракторски натпревар кој се одржува во општина Новаци. Претставени сме со најквалитетните и најреномираните трактори Ландини, потоа најпопуларниот трактор Тафе и тракторите Чанква апол. Исто така имаме изложено само еден мал дел од напиот асортиман на производи кој што е многу поголем и поразновиден и може секој земјоделец да го пронајде она што му е потребно.Исто така им стоиме на располагање и сос тручни совети и информации “ рече Сашка Велковска од Евро стил.

На 53 тиот  регионален тракторски натпревар како најдобри и највешти трактористи  се покажаа Новачани. Во екипен пласман, во категоријата тешки трактори  првото место го освои екипата од Новаци, второто место Евростил а трети беа Могила. Во категоријата лесни трактори први беа трактористите од Новаци, зад нив Логоварди па учениците од ДСЗУ „Кузман Шапкарев“. Во поединечен пласман во категоријата тешки трактори најдобар беше Николовски Зоран од Новаци, зад него Јовановски Благој а трето место освои Јончиќ Васко сите од Новаци. Во категоријата лесни трактори, првото место го освои Никола Талевски, второто Александар Мицевски, двата од Новаци додека  трет беше Христијан Даскаловски од ДСЗУ „ Кузман Шапкарев“.  Сите победници ќе го претставуваат регионот на државниот тракторски натпревар во Пробиштип.

         в 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php