«

»

Oct 04

Новачанки ја сфатија важноста од раниот едукативен развој на децата

Преполната просторија каде се одржа работилницата за важноста од раниот едукативен развој на децата е доказ за успешноста на оваа активност на единствената игротека во општина Новаци.Сите деца се успешни во училиште ако во детството почнат да учат на разни начини низ игра и забава. Тоа всушност е и мисијата  на центарот Бамби , да им овозможи на сите деца да се здобијат со знаење во амбиент кој нуди многу забава препознавајќи ја важноста на родителите како нивни први и најважни учители.

„Воодушевен сум од присутноста и од покажаната масовност и интерес за оваа едукативна работилница, што покажува дека родителите од Новаци иако живеат во рурална средина не заостануваат зад родителите од урбаните средини. Бидејќи посетеноста во игротеката секојдневно се зголемува, ние планираме овој центар наскоро да прерасне во детска градинка. Летово ја реновиравме , ја исчистивме влагата и ги варосавме просториите, го уредивме дворот и набавивме нови играчки за потребите на децата, благодарение на средствата од добиениот проект од Мировниот корпус. “  вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Предавањето беше во склоп на проектот „Здрава средина, здраво детство“ финансиран од Мировниот корпус. Целта и темата на работилницата беше важноста од едукативниот развој на децата со основна цел да се запознаат родителите со целокупниот развој на децата од сите аспекти: социоемоционалниот, моториката, когнитивниот развој, пристапот кон учење, јазикот и комуникација.

„Познато е дека во првите години од детскиот развој се  многу важни за понатамошниот развој на личноста на детето. Сите ние како родители посакуваме нашите деца да израснат во деца со високи морални вредности и квалитети. Токму поради тоа важно е родителите да бидат запознаени со целокупниот развој во раната детска возраст за да знаат како правилно да ги поттикнат, да ги насочат и да ги стимулираат, односно да ја постават основата врз која понатаму во текот на  годините ќе се изгради личноста како што ја посакуваат“ вели едукаторот Николина Лозановска.

Предавањето го реализираа дипломирани психолози Жанета Митрушевска и Радмила Цветковска кои најголемиот дел од својот работен век го поминаа во следење на детскиот развој, работа со деца и родители. На присутните родители им беше овозможено да се консултираат со експертите за сите проблеми и прашања со кои  се соочуваат во рамките на секојдневниот живот со децата.

Игротеката Бамби постои од 2004 година, најпрво основана од УНИЦЕФ а сега со помош на општина Новаци успешно работи и е еден од најдобрите центри можеби и единствен кој остана да постои по завршувањето на проектот во 2010 година.

    

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php