«

»

Aug 06

Градежна експанзија во Новаци

Во општина Новаци вистинска градежна експанзија. Се врши комплетна реконструкција на уличното осветлување во Новаци, Добромири и Рибарци. Станува збор за инвестиција од околу 8 милиони денари, средства добиени со кредит од Светска банка.

„Се поставуваат електрични столбови од река Црна до влезот во РЕК во должина од 1,5 километри, се заменуваат старите светлечки тела со поефикасни односно се врши замена на старите живини со нови натриумски штедливи светилки. Со овој зафат општината очекува да добие на заштеда на електрична енергија за улично осветлување. До 2014 година согласно законските прописи треба сите живини светилки да се заменат со нови штедливи.“ вели градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски.

Реконструкцијата на уличното осветлување ја врши фирмата „Златомир-М“ од Скопје а зафатите треба да завршат до средината на месец август, вели градоначалникот Котевски.

„Се копаат ровови од двете страни на улицата каде ЕВН  поставува нови кабли за електричната инсталација. Се поставува еден нов среднонапонски кабел 10/20 Кв од трафостаницата Битола 3 до с.Новаци а другиот кабел ќе продолжи до мариовските села. Со овие реконструкциони зафати ќе се подобри издржливоста на електричната мрежа, село Новаци ќе биде независно и нема да има проблеми доколку се појави дефект во некое друго населено место како што беше случај досега. По завршувањето на градежните работи улиците ќе бидат вратени во првобитната положба, ќе се асфалтираат оштетените делови, ќе се наместат тротоарите и ќе се измијат улиците“ вели градоначалникот на Општина Новаци,Лазар Котевски.

Досега опшина Новаци се снабдуваше со електрична енергија од само еден далековод, а по завршувањето на изведувачките работи оваа пелагониска општина ќе добива струја од три далеководи и нема да има проблеми како минатата зима кога жителите неколку дена на -30 степени под нулата  останаа без струја .

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php