«

»

Jul 23

Ќе се реновира Игротеката “Бамби” во с.Новаци

Единствениот центар за Ран Едукативен Развој на децата на возраст од 2 до 6 години во Општина Новаци, игротеката „ Бамби“ започна да се реновира преку проектот Здрава Средина = Здрави Деца, поднесен од страна на едукаторот во Бамби, Николина Лозановска. Преку SPA грант од Мировен Корпус со средства од УСАИД,  а со помош на Волонтерката на Мировен Корпус која живее и работи во општина Новаци, Хана Траскот, обезбедени се 3 325,50 долари, додека преостанатите 1 319,22  долари во денарска противвредност ќе се обезбедат како контрибуција од општината и родителите на децата кои го посетуваат овој центар. Со овој зафат планирано е да се набават нови детски играчки, канта за смет, ќе се направи дренажа и бојадисување на надворешните и внатрешните ѕидови, реконструкција на дел од надворешниот ѕид и ќе се одржат два едукативни семинари. Исто така центарот доби донација машина за косење трева од наши сограѓани, Бил и Су Деспотовски, вели градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски.

„Како единствен дневен центар за ран едукативен развој на децата во Општина Новаци , Игротеката Бамби игра многу важна улога во заедницата. Како целина игротеката има многу јаки страни, но потребно е итно подобрување во 3 области: 50% од семејствата со деца на претшколска возраст не ги имаат вклучено децата во овој процес, несвесни за важноста на раниот едукативен развој, потоа има висок степен на влажност во просториите кој предизвикува појава на мувла  на ѕидовите  и во игротеката и во медицинската амбуланта  која претставува закана по здравјето, и бидејќи игралиштето е слабо опремено и не соодејствува со потребите на заедницата“ вели градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски.

Во активностите за реновирање и чистење на игротеката на волонтерска основа ќе бидат вклучени и родители. Исто така се планира да се одржат и два едукативни семинари за важноста од раниот едукативен развој кај децата на претшколска возраст и штетноста на мувлата по здравјето на луѓето, вели Котевски.

„Според проценката направена од општинскиот персонал, 50% од семејствата со деца на претшколска возраст од Новаци не се свесни за важноста од раниот едукативен развој, а од бенефитите ги скратуваат 25 деца кои не се вклучени во овој проект. Други 20 семејства имаат деца под 2 години или планираат во скоро време да имаат деца, и потребно им е нивно едуцирање за позитивностите од игротеката Бамби. Потребата од нивна едукација е последица на недоволната информираност на семејствата за претшколската едукација на децата. Децата се родени за да учат и во текот на првите 5 години од нивниот живот, учат најповеќе и најбрзо. Колку побрзо започнат со учење, подобро ќе бидат подготвени да се вклучат во образовниот процес во училиштата“ – вели градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски.

Центарот е отворен во 1998 година со помош на УНИЦЕФ. Општината ја зеде игротеката под нејзина надлежност во 2004 година, и со тоа стана прва општина во Р.Македонија која направила ваква работа. Администрацијата на УНИЦЕФ ја оцени оваа активност како модел на успех кој треба да го следат и другите општини. Во 2007 година со средства на општината беше изградена нова зграда каде е сместен дневниот центар. Во моментот Бамби може да обезбеди 15 часа  програма  ( 3 часа на ден, 5 дена неделно) за 25 деца на возраст од 2-6 години. Бамби е отворена 11 месеци во годината, со еден одмор во текот на месец Август.

      

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php