«

»

Jul 16

Пет и пол милиони евра за развој на селата, за земјоделска механизација, за чистење канали

Владата одлучи да ангажира и исплати 5,5 милиони евра за поддршка на развојот на селата, поддршка за купување на земјоделска механизација и чистење на каналите.

Ова во недела на прес конференција го соопшти владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, кој појасни дека во текот на следната недела да биде објавен јавен оглас за распределба на државно земјоделско земјиште за површина од 5353 хектари, како и јавен повик за решавање на проблемот со користење нерегулиран начин на државно земјоделско земјиште за подрачјето на Прилеп, Виница, Радовиш и Велес.

„Прво, Владата одлучи да ангажира три милиони евра за кофинансирање на проекти за набавка и модернизација на земјоделска механизација. Од август ќе бидат исплатени еден милион евра на 200 корисници кои веќе ги извршија набавките на механизацијата. Останатите два милиони евра ќе бидат исплатени на останатите 334 корисници по реализација на нивните набавки на механизацијата, согласно динамиката и доставување на документација, а најдоцна до октомври 2012 година.”, рече Ѓорѓиев.

Тој додаде и дека Владата ќе исплати два милиони евра за поддршка на македонските села.

„Средствата ќе бидат реализирани за 45 проекти во 37 општини, а ќе се користат за изградба на селски патишта не подолги од 1 километар, за селски мостови, за пристапни патишта до нивите и пристап до земјоделско земјиште”, рече Ѓорѓиев.

Владиниот портпарол најави дека оваа недела со полн интензитет започнува процесот на чистење на каналите за наводнување и одводнување.

„За два месеца ќе бидат исчистени 70 километри канали во Скопски, Пелагониски (од страната на Прилеп), Струмички, Кочански и Полошки регион, за што ќе бидат исплатени половина милион евра”, нагласи Ѓорѓиев.

Тој додаде дека следната недела ќе биде објавен јавен оглас за распределба на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, за регионот Свети Николе за површина од околу 5353 хектари.

„До крајот на годината ќе бидат објавени уште два јавни огласи. Во тек се два јавни огласи, првиот за регионите Куманово, Велес, Гевгелија и Прилеп, и вториот за регионите Струмица, Кочани, Гостивар, Гази Баба чија одлука се очекува во текот на следната недела. За два огласа, за Кавадарци и за Радовиш, одлуката се очекува во август”, рече Ѓорѓиев.

Тој најави дека следната недела ќе биде објавен јавен повик за решавање на проблемот со користење на државно земјоделско земјиште на нерегулиран начин за општините Прилеп, Виница, Радовиш и Велес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php